Состав

Уставниот суд го сочинуваат девет судии. Претседателот го избира Судот од редот на судиите за време од три години, без право на повторен избор. Судиите ги избира Собранието на Република Македонија за време од девет години без право на повторен избор. Судиите на Уставниот суд се избираат од редот на истакнати правници.

Функцијата судија на Уставниот суд е неспојлива со вршењето друга јавна функција, професија или членување во политичка партија. Судиите уживаат имунитет како и пратениците во Собранието на Република Македонија. За имунитетот на судиите одлучува Судот во постапка предвидена со Деловникот на Судот. Суди­ите не подлежат на обврска во вооружените сили.

Обезбедувањето независност на уставното судство е основното барање што се поставува при решавањето на прашањата за составот и начинот на избор на судиите на Уставниот суд, што е нужно надополнување на начелната независност на уставното судство од принципите на организацијата на власта. Меѓутоа, токму на планот на составот, односно преку изборот на судиите на Уставниот суд, покрај на планот на неговото финансирање, органите на политичкото одлучување можат да имаат најголемо влијание врз вршењето на уставносудската функција. Неспорно е дека законодавниот орган преку изборот односно определувањето на персоналниот состав на Уставниот суд, на индиректен начин е во улога да влијае и на остварувањето на улогата на овој уставен орган. Можноста од таквото влијание со Уставот е мошне ограничено имајќи предвид дека мандатот на судиите изнесува девет години што не се совпаѓа со мандатот на претставничкиот орган, дека функцијата судија е неспојлива со членување во политичка партија, дека Уставниот суд сам одлучува кога на судијата под услови утврдени со Уставот ќе му престане функцијата. Според Уставот, двајца судии на Уставниот суд предлага Претседателот на Републиката. Судскиот совет на Републиката предлага двајца судии на Уставниот суд од редот на судиите. Согласно уставната определба со Амандманот XV од Уставот Собранието избира тројца судии со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заед­ниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Нужно дополнување на основите за независноста на Уставниот суд кои произлегуваат од неговата положба во уставниот систем и од начинот на изборот на судиите, е обезбедувањето на материјална независност на Судот од органите на државната власт кои го утврдуваат и извршуваат буџетот на државата. Во таа смисла, за одбележување е дека прашањата од материјален карактер, имаат неповолно влијание кон поцелосното остварување на улогата на Уставниот суд. Имено, самостојната и независна позиција на Судот, утврдена со Уставот би била уште поцелосна и реално остварлива, доколку тој има и поголема материјална самостојност. Засега, средствата за работа на Уставниот суд се обезбедуваат во Буџетот на Републиката без некое поголемо влијание на Судот.

Уставниот суд работите од својата надлежност ги врши на седница во полн состав, а одлуките ги донесува со мнозинство гласови од вкупниот број.

Пред одлучувањето на редовните седници, Судот може да одржува подготвителни седници и консултативни разговори. Судот организира јавни расправи доколку оцени дека е тоа потребно, освен во случаите на одлучување за барање за заштита на поединечните права, кога одлуката ја донесува по правило врз основа на јавна расправа.
За прашања од доменот на внатрешната организација и начинот на работа, Судот образува постојани и повремени комисии.

Стручните работи Судот ги врши преку организирање на посебна стручна служба.