Видови и правно дејство на одлуки

а) Видовите и правното дејство на одлуките на Уставниот суд во основа се утврдени во Уставот, но во некои значајни аспекти на правното дејство и во Деловникот.
Според Уставот, Уставниот суд ќе поништи или укине закон ако не е во согласност со Уставот, или ќе поништи или укине друг пропис ако не е во согласност со Уставот или со закон. Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни. Со овие уставни одредби доследно се реализира и заштитува принципот на уставноста и законитоста, како и должноста за почитување на Уставот и законите. Несомнено е дека Уставот на одлуките на Судот им дава неприкосновен авторитет и задолжителност за сите правни субјекти на кои тие се однесуваат и против нив не се дозволени правни средства.

Уставниот суд донесува одлука кога одлучува за суштината на работата по кое било прашање од неговата надлежност. За определени прашања од процесна природа Судот донесува решенија и заклучоци.

1. Основниот вид одлуки на Уставниот суд се укинувачките и поништувачките, врзани за основниот вид на надлежност – контрола на уставноста и законитоста на нормативните акти. Укинувањето или поништувањето на нормативниот акт зависи од проценката на Судот за тежината на последиците од примената на неуставен односно незаконит нормативен акт. Во рамките на овој вид на одлуки постои и т.н. утврдувачка одлука за неуставноста во време на важењето на нормативен акт што престанал да важи во текот на постапката. Ваква одлука за неуставност во време на важењето Судот може да донесе само ако постојат причини тој акт да се поништи и кога би важел.
Заедничка карактеристика на одлуките со кои се укинува или поништува нормативен акт или се утврдува неговата неуставност или незаконитост во време на важењето, е нивното дејство erga omnes. Инаку, одлуките на Судот произведуваат правно дејство со објавувањето во “Службен весник на Република Македо­нија”.
Правното дејство на укинувачката одлука е ex nunc, што значи дека укинатиот нормативен акт само се елиминира од правниот поредок, но одлуката на Судот не претставува основ за интервенција во поединечните акти и односи што настанале од неговата примена пред укинувањето. Сепак, извршувањето на поединечните акти донесени врз основа на нормативен акт што со одлука на Судот е укинат, не може да се дозволи, а ако извршувањето е започнато, ќе се запре.
Дејството на поништувачката одлука е ex tunc и има цел не само елиминирање на неуставниот или незаконитиот нормативен акт од правниот поредок, туку и отворање можност за измена на поединечен акт донесен врз основа на него во кое било време од денот на неговото влегување во сила. Ваквото ретроактивно дејство на поништувачката одлука е условено со презентирање на правниот интерес на субјектите за измена на поединечните акти во рок од шест месеци по денот на објавувањето на одлуката на Судот, а доносителот на поединечниот акт е должен да го измени.

2. Друг вид одлука е одлуката со која Уставниот суд решава за судир на надлежност помеѓу определени органи и со неа само се определува кој од органите е надлежен да одлучува за определена правна работа. Нејзиното дејство е ограничено на органите инволвирани во судирот на надлежност, но и на секој што во конкретниот случај не можел да оствари некое право или интерес поради настанатиот судир.

3. Со одлуките за заштита на слободите и правата повредени со поединечен акт или дејствие се утврдува дали постои повреда на слободите и правата и во завис-ност од тоа Судот или ќе го поништи поединечниот акт односно ќе го забрани дејствието или ќе го одбие барањето. Дејството на одлуката е интер партес. Во од-луката Судот ќе го определи начинот на отстранувањето на последиците од примената на поединечниот акт.

4. Одлуките кои се однесуваат на одговорноста на претседателот на Републиката и на условите за престанок на неговата функција имаат утврдувачки карактер, а нивните последици се утврдени со самиот Устав, како што е изнесено во глава IV.

б) Освен одлуки, како што е наведено, Судот донесува и решенија од процесна природа. Така, Судот со решение одлучува за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на нормативен акт по повод поднесена иницијатива, за запирање на постапката, за отфрлање на иницијативите и сл. За одбележување е дека во решенијата за неповедување на постапка Судот ја искажува оценката за согласноста на оспорениот нормативен акт со Уставот, односно со закон, со што ова решение не се сведува само на процесен акт, туку претставува акт на мериторно одлучување. Карактеристично е решението со кое Судот во текот на постапката одлучува за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на нормативниот акт за чија устав­ност и законитост се води постапка. Ова решение има дејство се до конечната одлука за уставноста и законитоста. Критериумот за неговото донесување е про­ценката на Судот за опасност од настанување на тешко отстранливи последици. Со оглед на суспензивното дејство на овој вид решение, Судот е мошне прет­паз­лив кога ги проценува условите за негово донесување.

в) Иако на одредбите од Уставот според кои одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни не им е потребна дополнителна поткрепа, сепак, извршувањето на одлуките на Судот е прашање кое, како и во други земји, не е оставено исклучиво на волјата на субјектите во правниот систем. Според Деловникот, Уставниот суд го следи извршувањето на своите одлуки и, по потреба, може да побара од Владата да го обезбеди нивното извршување. Инаку, обврската за извршување на одлуката првенствено лежи на доносителот на укинатиот или поништениот акт. Кога се работи за укинување или поништување на нормативни акти, одлуката на Судот според природата на нештата е, така да се рече, самоизвршна – нормативниот акт веќе не е во правниот поредок и секое повикување на него при одлучување во конкретни случаи е обична незаконитост. Поголеми проблеми може да настанат, а понекогаш настанувале во практиката, кога доносителот на актот повторно донесува акт со иста содржина, или кога органите не ги уважуваат последиците од укинувачка или понишувачка одлука врз поединечните акти кои треба да се изменат или чие извршување треба да се запре. Во последниов случај, Владата може да обезбеди ефикасност во извршувањето на одлуките на Судот, но проблемите не се така едноставни кога токму Владата би го избегнала извршувањето на одлуката со донесување на нов акт со иста содржина како укинатиот или поништениот.
Во досегашната практика, сепак, проблемите во извршувањето на одлуките на Судот се исклучок што, меѓутоа, никако не смее да се потцени.