Решение У.бр.115/2009

У.бр.115/2009

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Макеоднија, член 28 ставови 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 24 јуни 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Зинета Нурковиќ од Скопје за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, кое се однесува на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на национална припадност, предизвикана со Известие по претставка од Државниот инспекторат за труд, број 07-241/3 од 06.04.2009 година.

2. Зинета Нурковиќ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на национална припадност, кои смета дека и биле повредени со Известие по претставка од Државниот инспекторат за труд, број 07-241/3 од 06.04.2009 година.

Во барањето се истакнува дека со наведеното известување и биле повредени нејзините слободи и права што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на национална припадност, утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, односно дека доколку органот при вршењето на инспекцискиот надзор од областа на работните односи во Јавното претпријатие “Македонска пошта”-Скопје, ги разгледал документите и доказите како што требало, ќе утврдел дискриминација и ќе преземел законски мерки за заштита на нејзините слободи и права, со цел да и се воспостави траен работен однос во Јавното претпријатие “Македонска пошта”-Скопје. Од овие причини, подносителката на барањето предлага Судот да утврди повреда на правата и слободите утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека Државниот инспекторат за труд со Известие по претставка, број 07-241/3 од 06.04.2009 година, ја известил Зинета Нурковиќ дека на ден 02.04.2009 година, бил извршен инспекциски надзор од областа на работните односи во Јавното претпријатие “Македонска пошта”-Скопје и дека при надзорот врз основа на презентирана документација и изјава на присутни при надзорот, се констатирало дека истата во Јавното претпријатие “Македонска пошта”-Скопје, била ангажирана со Договор за вршење на услуги број 04-3/397 од 18.11.2008 година, врз основа на член 27 од Законот за поштенски услуги (“Службен весник на Република Македонија” број 9/2008), дека учествувала на повеќе конкурси на кои не била избрана, а биле избрани кандидати кои ги исполнувале предвидените услови и дека инспекторатот немал основ за понатамошно постапување, со оглед дека постапката по истите била конечна.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 1 и 2 и амандманот VI со кој се дополнува алинејата 2 на членот 8 од Уставот на Република Македонија, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се и основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции на сите нивоа.

Уставот како слободи и права на човекот и граѓанинот ги утврдува граѓанските и политичките слободи и права и економските, социјалните и културните права.

Согласно членот 9 од Уставот, кој се однесува на граѓанските и политичките слободи и права, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно членот 32 ставови 1 и 2 од Уставот, кој се однесува на економските, социјалните и културни права, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и на секому под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Со членот 50 од Уставот, утврдено е дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелото на приоритет и итност. Исто така се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 28 ставови 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата: ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основ за поинакво одлучување.

Согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредно право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Од содржината на Известието по претставка, број 07-241/3 од 06.04.2009 година на Државниот инспекторат за труд, со кое подносителката тврди дека е сторена повредата од член 110 алинеја 3 од Уставот, Судот утврди дека од дејствијата што Инспекторатот ги презел во вршењето на надзорот не произлегуваат воопшто елементи на национална дискриминација. Имено во известието, врз основа на презентирана документација и изјава на присутни при надзорот, само се констатирало дека подносителката учествувала на повеќе конкурси во Јавното претпријатие, но не била избрана, а биле избрани кандидати кои ги исполнувале предвидените услови и дека Инспекторатот немал основ за понатамошно постапување со оглед дека постапка по конкурсите била конечна.

Подносителката Зинета Нурковиќ смета дека со Известието по претставка број 07-241/3 од 06.04.2009 година на Државниот инспекторат за труд и биле повредени слободите и правата што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на национална припадност, а како единствена причина поради која ја бара заштитата, ја наведува околноста дека доколку Државниот инспекторат за труд, при вршењето на инспекцискиот надзор од областа на работните односи во Јавното претпријатие “Македонска пошта”-Скопје, ги разгледал документите и доказите како што требало, ќе утврдел дискриминација и ќе преземел законски мерки за заштита на нејзините слободи и права, со цел да и се воспоставел траен работен однос во Јавното претпријатие “Македонска пошта”-Скопје.

Според Судот, во случајов, подносителката на барањето, незадоволна од Известието по претставка број 07-241/3 од 06.04.2009 година на Државниот инспекторат за труд, со повторно иницирање на постапка пред овој Суд, само начелно се повикува на заштита на слободи и права, барајќи Уставниот суд да се впушта во оценка дали Државниот инспекторат за труд извршил правилен надзор од областа на работните односи, а со тоа и да утврди дискриминација врз основа на национална припадност, за што Судот не е надлежен.

Имајќи во вид дека овој Суд, веќе постапувал по барање од подносителката Зинета Нурковиќ за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и со Решение У.Број 28/2009 од 11 март 2009 година, го отфрлил нејзиното барање и со оглед дека истата во конкретниот случај не приложи нови факти и докази, освен известувањето од каде не може да се утврди повреда од член 110 од Уставот по основ на национална дискриминација, Судот оцени дека не постои основ за поинакво одлучување.

5. Врз основа на напред изнесеното, согласно наведените уставни и деловнички одредби, Судот одлучи како во точкaта 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.115/2009
24 јуни 2009 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply