53/2009-0-0

У.бр.53/2009

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 17 јуни 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на

– Одлуката за утврдување на вредноста на бодот за платите на судските службеници за 2009 година, број 19-847/1 од 17 февруари 2009 година, (“Службен весник на Република Македонија” број 22/09) и

– Одлуката за утврдување на вредноста на бодот за платите на припадниците на судската полиција за 2009 година број 19-848/1 од 17 февруари 2009 година, (“Службен весник на Република Македонија” број 22/09).

2. Мирче Митев од Кочани, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуките означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените одлуки биле спротивни на членот 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот според кој владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, потоа на член 9 од Уставот според кој граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Во иницијативата понатаму се наведува дека оспорените одлуки, не биле во согласност со Законот за судската служба, бидејќи Владата на Република Македонија спротивно на Законот за судската служба со одлуките утврдила различни вредности на бодот за секоја категорија на судски службеници, односно судска полиција, со што категоријата на раководни судски службеници и категоријата на стручни државни службеници, ги ставила во нееднаква правна положба со категоријата административно-технички судски службеници, и категоријата командант и координатор на судската полиција и категоријата командир и заменик-командир на судската полиција, ги ставила во нееднаква правна положба со категоријата останати припадници на судската полиција, кое нешто било спротивно на цитираните одредби од Уставот.

Поради тоа подносителот предлага Уставниот суд на Република Македонија, да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одлуки и истите да ги поништи.

3. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Македонија врз основа на член 43 од Законот за судската служба (“Службен весник на Република Македонија” број 98/08, 161/08 и 6/09) и Буџетот на Република Македонија за 2009 година (“Службен весник на Република Македонија” број 166/08), донела Одлука за утврдување на вредноста на бодот за платите на судските службеници за 2009 година, во која се дефинирани три категории судски службеници со различна вредност на бодот. Така за категоријата раководни судски службеници, вредноста на бодот за платата е утврден на износ од 78,90 денари, за категоријата стручни судски службеници, на износ од 82,20 денари и за категоријата административно-технички судски службеници на износ од 88,02 денари.

Владата, исто така, врз основа на член 83 став 4 од Законот за судската служба и Буџетот на Република Македонија за 2009 година (“Службен весник на Република Македонија” број 166/08), донела Одлука за утврдување на вредноста на бодот за платите на припадниците на судската полиција за 2009 година, според која за командантот и координаторот на судската полиција, вредноста на бодот за платата бил утврден на износ од 78,90 денари, за командирот и заменик командирот на судската полиција на износ од 82,20 денари и за останатите припадници на судската полиција на износ од 88,02 денари.

Владата на Република Македонија со одлуките утврдила различна вредност на бодот за судките службеници и судската полиција, со образложение дека наведениот начин на утврдување на вредноста на бодот се должело на интенцијата за правично зголемување на платите на судските службеници кои биле најниски.

Ваквото решение било резултат на Одлуката на Владата за зголемување на платите на судската администрација за 5, 10 и 20 % во зависност од висината на платата што им се исплаќала, а имајќи ја предвид околноста за ниските плати на судската администрација, кои изминатиот период воопшто не биле зголемувани.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 став 3 од Уставот, секој вработен има право на соодветна заработувачка, а според став 5 од истиот член остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 7 од Законот за судската служба, судските службеници во зависност од службените задачи што ги извршуваат, се класифицираат во следните групи и звања:

I раководни судски службеници;
II стручни судки службеници и
III административно-технички судски службеници.

Согласно член 39 став 1 од Законот за судската служба, вработениот во судката служба има право на плата и надоместоци од плата, која што одговара на неговото работно место според услови и критериуми утврдени со овој закон и видот на образование.

Во член 40 од Законот за судската служба, определено е дека платата на судскиот службеник се состои од основна компонента што ја сочинува:
-основната плата,
-додатокот на плата за звање и
-додатокот на плата за кариера

и исклучителна компонента што ја сочинуваат:
-додаток на плата за посебни услови за работа и
-вонреден работен додаток на плата (прекувремена работа).
Во членот 41 од Законот, определено е дека со основната плата која се исплатува на судскиот службеник, се обезбедува вреднување на соодветниот степен на образование утврден со актот за систематизација за работните места, за работното место на кое тој е распореден и работното искуство.

Во членот 42 од Законот, определени се бодовите со кои се вреднува додатокот на плата за звање за судските службеници во зависност од видот и обемот на работата, сложеноста и одговорноста за извршување на работата.

Вредноста на бодот, согласно член 43 од истиот закон, се утврдува секоја година со одлука на Владата на Република Македонија.

Во членот 83 од Законот за судската служба, се определени бодовите за образование и бодовите за работното место на судската полиција која ја сочинуваат: командантот на судската полиција, координаторот на судската полиција, командирот на судската полиција, заменик-командирот на судската полиција и припадниците на судската полиција, а во став 4 од истиот член, определено е дека вредноста на бодот се утврдува секоја година со одлука на Владата на Република Македонија.

Поаѓајќи од уставната определба од член 32 став 3 од Уставот, според кој секој вработен има право на соодветна заработувачка и според став 5 од истиот член според кој остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, по оцена на Судот, превреднувањето на платите на судската администрација со акт на Владата, не наоѓа основ во Законот за судската служба со кој се уредува системот на плати и надоместоци на плати на судската служба. Конкретно, платата како право од работен однос судските службеници ја остваруваат согласно со Законот за судската служба, колективните договори и другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос, а вработениот во судската служба има право на плата и надоместоци од плата, која што одговара на неговото работно место според услови и критериуми утврдени со истиот закон.

Во конкретниот случај, интенцијата за зголемување на платите на судската администрација Владата ја реализира преку различното вреднување на бодот по категории на вработени, на кој начин посредно се врши и менување на бодовите на судската администрација кои со закон се утврдени и кои можат само со закон да се менуваат. Судот го разбира потегот на Владата за зголемување на платите на судската администрација, но ваквиот начин на корекција на платите излегува од границите на нејзините овластувања. Ова од причини што вака утврдената вредност на бодот во одлуките, која вредност е различна за различни работни места, влијае на зголемувањето или намалувањето на бодовите, односно на измена на системот на платите утврден со закон што е законско прашање, со што се доведува во прашање правната сигурност на работниците, кое нешто е спротивно на принципот на владеењето на правото и принципот на поделбата на власта преку надминување на овластувањето што го има Владата според законот.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на одлуките со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и член 32 од Уставот на Република Македонија и членовите 43 и 83 став 4 од Законот за судска служба.

5. Врз основа на гореизнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 53/2009
17 јуни 2009 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply