31/2009-0-0

31/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 мај 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на

а) Правилникот за димензиите, вкупните маси и осното оптоварување на возилата и за основните услови кои мораат да ги исполнуваат уредите и опремата на возилата во сообраќајот на патиштата („Службен лист на СФРЈ“ бр.50/1982), и

б) Упатството за примена на Законот за превоз во патниот сообраќај бр.07-12739/1 од 30 декември 2004 година, донесено од Директорот на Царинската управа при Министерството за финансии.

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот правилник не бил во согласност со член 1, член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000, 44/2002 и 82/2008) и со Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2004 и 127/2006). Ова затоа што Република Македонија е самостојна и суверена држава во чие уставно уредување се вградени нови вредносни принципи и е утврдена организацијата на државната власт кои се разликуваат од оние утврдени во поренашена СФРЈ.

Но и покрај тоа, истиот се уште се применува, што се гледа од содржината на Упатството за примена на Законот за превоз во патниот сообраќај од 2004 година.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспореното упатство не било во согласност со член 52 ставовите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, со Законот за превоз во патниот сообраќај и Законот за организација и работа на органите на државната управа. Ова затоа што со Упатството се утврдувале права и обврски за граѓаните и другите правни лица, а при тоа Упатството било донесено од директорот на Царинската управа без правен основ, односно директорот на Царинската управа не бил изрично овластен со Закон, како и тоа што оспореното Упатство не било објавено во „Службен весник на Република Македонија“.

Воедно подносителот на иницијативата предлага, Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорените акти.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 221 став 1 точка 3 од Законот за основите на безбедноста на сообраќајот на патишата („Службен лист на СФРЈ“ бр.63/1980) во спогодба со сојузниот секретар за внатрешни работи, со претседателот на Сојузниот комитет за енергетика и индустрија, претседателот на Сојузниот комитет за сообраќај и врски донел Правилник за димензиите, вкупните маси и осното оптоварување на возилата и за основните услови кои мораат да ги исполнуваат уредите и опремата на возилата во сообраќајот на патиштата („Службен лист на СФРЈ“ бр.50/1982 година).

Правилникот ги пропишувал димензиите на возилата и вкупната маса на возилата, осните оптоварувања на возилата и основните услови што мораат да ги исполнуваат уредите и опремата на возилата во сообрќајот на патиштата и кои на возилата мораат да бидат вградени и изведени така што возилата можат безбедно да учествуваат во сооббраќајот на патиштата, како и другите технички услови на кои мораат да им одговараат одделни уреди на возилата што се од значење за безбедноста на сообраќајот.

Врз основа на член 397 став 4 од Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.14/1998 и 38/2002) и член 62 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000) министерот за економија во согласност со министерот за транспорт и врски и министерот за внатрешни работи, донел Правилник за димензиите, вкупните маси и осното оптоварување на возилата во сообраќајот на патиштата со кој се пропишуваат димензиите, вкупните маси и осното оптоварување на возилата во сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.42/2006).

Во преодните и завршните одредби од наведениот правилник, односно во членот 8 е предвидено дека со влегување во сила на овој правилник престануваат да важат членовите од 5 до 11 од Правилникот за димензиите, вкупните маси и осното оптоварување на возилата и за основните услови кои мораат да ги исполнуваат уредите и опремата на возилата во сообраќајот на патиштата („Службен лист на СФРЈ“ бр.50/1982, 4/1985, 65/1985, 64/1986, 22/1990 и 50/1990 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.21/2001).

На 25 јануари 2007 година, министерот за економија во согласност со министерот за транспорт и врски и министерот за внатрешни работи донел Правилник за дополнување на Правилникот за димензиите, вкупната маса и осното оптоварување на возилата во сооббраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.9/2007).

Судот во натамошната постапка утврди дека врз основа на член 423 став 2 алинеја 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патишата („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2007 и 86/2008) министерот за економија во согласност со министерот за внатрешни работи и министерот за транспорт и врски донел Правилник за димензиите, вкупната маса и осното оптоварување на возилата („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2008).

Во членот 11 од наведениот правилник е предвидено дека со влегувањето во сила на овој правилник престанува да важи Правилникот за димензиите, вкупните маси и осното оптоварување на возилата во сооббраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.42/2006 и 9/2007).

Од изнесената фактичка состојба произлегува дека оспорениот Правилник за димензиите, вкупните маси и осното оптоварување на возилата и основните услови кои мора да ги исполнуваат уредите и опремата на возилата во сообраќајот на патиштата („Службен лист на СФРЈ“ бр.50/1082),односно одделни негови одредби биле во правниот поредок на Републиката и се применувале се до донесувањето на Правилникот за димензиите, вкупната маса и осното оптоварување на возилата („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2008).Со донесување на наведениот правилник престанал да важи правилникот донесен од Сојузниот комитет за сообраќај и врски.

4. Судот исто така утврди дека на 30 декември 2004 година Директорот на царинската управа донел Упатство за примена на Законот за превоз во патниот сообраќај кое било дистрибуирано до сите царинарници и сектори.

Со наведеното упатство во суштина се даваат напатствија за еднообразна примена и воедначено постапување на царинските службеници на граничните премини при примена на Законот за патниот сообраќај со кој се уредува меѓународниот линиски превоз на патници, меѓународен слободен превоз на патници, меѓународен јавен превоз на стоки и меѓународен превоз на стоки за сопствени потреби.

5. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, како и фактот што оспорениот правилник престанал да важи, Судот оцени дека се исполнети условите од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за димензиите, вкупната маса и осното оптоварување на возилата и основните услови кои мора да ги исполнуваат уредите и опремата на возилата во сообраќајот на патиштата.

Воедно, Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли и во однос на барањето од иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Упатството за примена на Законот за превоз во патниот сообраќај. Ова од причина што, оспореното упатство е донесено од Директорот на Царинската управа како акт со кој се даваат унифицирани работни насоки на службените лица за примената на Законот за превоз во патниот сообраќај, што значи не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија за да може Уставниот суд да ја цени неговата согласност со Уставот и со Законот за превоз во патниот сообраќај.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.31/2009
27 мај 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply