88/2008-0-0

88/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 март 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 43 и делот на иницијативата со која се бара Судот да го воведе институтот „изземање“ во наведениот Закон.

3. Панче Докузов од Штип на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точка 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорената одредба од членот 42 од Законот се ограничувало правото за избор на јавен обвинител на лицата кои не биле јавни обвинители, а ги исполнувале условите од членот 44 од Законот, а таа функција била резервирана само за јавните обвинители што не било случај со другите функции на државата, каде на пример јавните обвинители можеле да конкурираат за било која друга правосудна функција како што биле претседатели на судовите, народни и јавни правобранители, додека нивните колеги од другите институции не можеле да станат јавни обвинители ако не биле од нивните редови.

Со вакво законско решение грубо се кршел членот 23 од Уставот според кој секој граѓанин имал право да учествува во вршењето на јавни функции, како и членот 32 од Уставот, според кој, секому под еднакви услови му било достапно секое работно место.

Членот 43 став 1 според подносителот на иницијативата не бил во согласност со членот 42 од Законот, а ставот 2 на членот 43 бил во контрадикторност со ставот 1 на истиот член од Законот.

Оспорениот член 44 од Законот, Јавното обвинителство го промовирал како многу посебна институција за која се барало правници со вонредни квалитети.

Оспорениот член 49 од Законот не бил во согласност со членот 107 од Уставот од причина што според оваа одредба на јавните обвинители им се давало можност да бидат и едукатори или да држат предавања на Академијата за обука на судии и јавни обвинители, да изведувале настава на високообразовните институции од јавно обвинителската област и така натаму, со што се легализирала можноста да обавуваат и друга дејност, да стекнуваат дополнителни приходи благодарејќи на функцијата како јавен обвинител. Во овој случај станувало збор за неспојливост на функциите, односно одредбата била во спротивност со членот 107 од Уставот.

Оспорениот член 80 став 5 од Законот бил спротивен на Уставот, бидејќи според оваа одредба кандидатите за јавни обвинители со завршена Академија за обука се ставале во привилегирана положба при вработувањето и изборот за разлика од другите кандидати кои ги исполнувале условите предвидени во член 44 став 1 од Законот, а не биле вработени во јавното обвинителство.

Во Законот за јавното обвинителство не било предвиден институтот „изземање“ што значело дека без тој институт не можело да има непристрасност во правилното гонење, меѓутоа законодавецот немал законски мотив да ја уреди оваа материја, поради што во праксата имало самоволие, неодговорност и речиси немало пример на изземање на јавни обвинители од одредени случаи.

Врз основа на изнесеното се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на наведените оспорени одредби од Законот за јавното обвинителство.

Судот, исто така, до донесување на конечна одлука се предлага да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти и дејствија што биле преземени врз основа на оспорените законски одредби.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 42 од Законот е утврдено дека:
1) Виш јавен обвинител на вишо јавно обвинителство, основен јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција и основен јавен обвинител на основно јавно обвинителство избира Советот на јавни обвинители на Република Македонија за време од четири години, од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор.
2) Јавните обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги избира Советот на јавните обвинители на Република Македонија од редот на избраните јавни обвинители за време од четири години со право на повторен избор.
3) Советот на јавни обвинители на Република Македонија со одлука
го определува бројот на јавните обвинители во јавните обвинителства и ја спроведува постапката за избор и разрешување на јавните обвинители.

Во оспорениот член 43 од Законот е утврдено дека:
1) При изборот на јавен обвинител не смее да се врши дискриминација во однос на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјално потекло, политичкото и верско уверување, имотната и општествена положба.
2) При изборот на јавен обвинител, без да се нарушат критериумите
утврдени со закон, ќе се применува начелото на соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во Република Македонија.
3) За јавен обвинител не може да биде избрано лице кое со јавен обвинител од тоа обвинителство е во сродство во права линија или во
странична линија до четврти степен или е негов брачен другар.

Во оспорениот член 44 од Законот е утврдено дека:
1) За јавен обвинител може да биде именувано, односно избрано
лице кое ги исполнува следниве услови:
– да е државјанин на Република Македонија,
– активно да го владее македонскиот јазик,
– да е работоспособен и да има општа здравствена способност,
– да има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник во
Република Македонија или нострифицирана диплома од странство и
– да има положено правосуден испит во Република Македонија.
2) За Јавен обвинител на Република Македонија може да биде именувано лице кое покрај условите од ставот 1 на овој член ги исполнува и следниве посебни услови:
да има работно искуство од најмалку осум години со потврдени резултати на правни работи по положениот правосуден испит, или редовен или вонреден универзитетски професор кој предавал повеќе од десет години правен предмет од правосудната практика.
3) За јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија може да биде избрано лице кое покрај условите од ставот 1 на овој член ги исполнува и следниве посебни услови:
– да има работно искуство од најмалку осум години со потврдени резултати на правни работи по положениот правосуден испит.
4) За Виш јавен обвинител на вишо јавно обвинителство може да биде избрано лице кое покрај условите од ставот 1 на овој член има
работно искуство од најмалку пет години стаж како јавен обвинител со потврдени резултати во работата.
5) За јавен обвинител во вишо јавно обвинителство може да биде избрано лице кое покрај условите од ставот (1) на овој член ги исполнува и следниве посебни услови:
– да има работно искуство од најмалку пет години со потврдени резултати на правни работи по положениот правосуден испит.
6) За Јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција може да биде избрано лице кое покрај условите од ставот 1 на овој член има и работно искуство од најмалку четири години стаж како јавен обвинител со потврдени резултати во работата.
7) За Основен јавен обвинител на основно јавно обвинителство може да биде избрано лице кое покрај условите од ставот 1 на овој член има работно искуство од најмалку три години стаж како јавен обвинител со потврдени резултати во работата.
8) За јавен обвинител во основно јавно обвинителство може да биде избрано лице кое покрај условите од ставот 1 на овој член има завршено обука во Академијата за обука на судии и јавни обвинители.

Во оспорениот член 49 од Законот е утврдено дека:
1) Јавниот обвинител може да биде едукатор или да држи предавања на Академијата за обука на судии и јавни обвинители, да изведува настава на високообразовните институции од јавнообвинителската област и да учествува во научни и стручни проекти од таа област.
2) Јавен обвинител може да изведува настава на високообразовните институции од јавнообвинителската област и да учествува во научни и стручни проекти од таа област по претходно дадена согласност од Советот на јавни обвинители на Република Македонија.

Според оспорениот член 80 став 5 од Законот, кандидат за јавен обвинител со завршена обука во Академијата за обука на судии и јавни обвинители до изборот за јавен обвинител се распоредува на работа во јавното обвинителство каде што ја вршел практичната обука со звање виш јавнообвинителски советник.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во членот 23 од Уставот е утврдено дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Согласно членот 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Јавното обвинителство согласно членот 106 став 1 од Уставот е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон.

Согласно Амандман XXX со кој се заменуваат ставовите 2 и 3 на членот 106 и се брише членот 107 од Уставот на Република Македонија, Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Функцијата на јавното обвинителство ја вршат Јавниот обвинител на Република Македонија и јавните обвинители.
Надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Јавниот обвинител на Република Македонија го именува и разрешува Собранието на Република Македонија за време од шест години со право на повторно именување.
Јавните обвинители ги избира Советот на јавни обвинители без ограничување на траење на мандатот.
При изборот на јавните обвинители ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.

Со Законот за јавното обвинителство се уредуваат надлежноста, основањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство, основите и постапката за именување и разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија, основите за престанок на функцијата јавен обвинител на Република Македонија, основите за избор и разрешување на јавните обвинители, основите за престанок на функцијата јавен обвинител, како и други прашања во врска со работата на јавното обвинителство.

Во членот 2 од Законот е утврдено дека јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон.

Во точка 4 „Именување и избор на јавни обвинители“ од Законот, се поместени оспорените одредби од членовите 42, 43, 44 и 49 со кои се уредува прашањето за именување и избор на јавните обвинители. Имено, со наведените оспорени одредби се утврдува дека Советот на јавни обвинители од редот на јавните обвинители за време од четири години избира виш јавен обвинител на вишо јавно обвинителство, основен јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција, основен јавен обвинител на основно јавно обвинителство, јавните обвинители во основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, дека при изборот на јавен обвинител не смее да се врши никаква дискриминација, без нарушување на критериумите утврдени со закон, ќе се применува начелото на соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници на Република Македонија, се утврдени условите за именување односно избор на јавен обвинител, како и правото на јавниот обвинител да биде едукатор или да држи предавање на Академијата за обука на судии и јавни обвинители, за изведување настава на високообразовните институции од јавно обвинителската област и да учествува во научни и стручни проекти од таа област само по претходна согласност од Советот на јавни обвинители на Република Македонија.

Тргнувајќи од анализата на оспорената одредба од член 42 од Законот произлегува дека право е на законодавецот да го уреди воспоставувањето на правниот режим уреден со закон и да ги утврди условите за избор на јавен обвинител и во тие рамки да предвидува дека виш јавен обвинител на вишо јавно обвинителство, основен јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција и основен јавен обвинител на основно јавно обвинителство избира Советот на јавните обвинители на Република Македонија за време од четири години од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор. Исто така, Советот на јавните обвинители, јавните обвинители во основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги избира од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор.

Во конкретен случај станува збор за раководни функции на јавното обвинителство, односно за функции на јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, па оттука и законодавецот предвидел како услов за нивен избор да биде и условот дека на наведените места – функции може да се избираат само лицата што се јавни обвинители – значи од редот на јавните обвинители што анализирајќи ја од уставен аспект, наведената оспорена законска одредба, не може да се проблематизира затоа што таа е прашање на целисходност за која одлучува Собранието на Република Македонија.

Условите за избор на јавен обвинител предвидени во оспорениот член 44 од Законот според подносителот на иницијативата, биле многу тешки и промовирале вонсериски правници со вонредни квалитети на кои можеле да им конкурираат само универзитетските професори. Имајќи ги предвид наведените наводи како и условите за именување на јавен обвинител, Судот оцени дека оваа проблематика спаѓа во сферата на прашање кое има целисходен карактер а не уставен, па оттука и не може да се постави прашањето на согласноста на оспорениот член 44 од Законот со Уставот.

Во однос на наводите во иницијативата дека оспорениот член 49 од Законот им давал можност спротивно на Уставот на јавните обвинители да држат предавања на Академијата за обука на судии и јавни обвинители, Судот смета дека тие не се основани поради фактот дека уставната определба за наспојливоста на обвинителската функција со вршење на друга јавна функција во суштина од една страна значи забрана едно лице истовремено да врши обвинителска функција и друга јавна функција, а од друга страна, ниту самиот Устав не содржи дефиниција, ниту критериум по кој би можело да се каже дали некоја функција е јавна или не, иако во основа меѓу јавните функции спаѓаат функциите во власта и тоа во трите нејзини видови – законодавна, изввршна и судска, односно сите функции со кои што се врши власта или располагаат со власт јасно произлегува дека законодавецот не случајно во членот 62 од Законот се определил поконкретно да утврди некои од јавните функции со кои обвинителската функција е неспојлива, при што, како такви ги утврдил функцијата пратеник, член на советот на општина односно градот Скопје и со функциите во државните органи, општината и градот Скопје, додека во ставот 2 на овој член од Законот утврдил дека јавниот обвинител не може да биде член на управен и надзорен одбор на трговско друштво или друго правно лице кое е основано заради стекнување на добивка.

Во основните одредби, односно во членот 7 од Законот, исто така, е утврдено дека се забранува политичко организирање и дејствување во јавното обвинителство без да се ограничи правото на слобода на изразување, вероисповест, здружување и собирање.

Во Членот 62 од Законот е утврдено дека функцијата јавен обвинител е неспојлива со функцијата пратеник, член на советот на општина односно на градот Скопје и со функциите во државните органи, општината и градот Скопје, а во ставот 2 од овој член од Законот е утврдено дека јавниот обвинител не може да биде член на управен или надзорен одбор на трговско друштво или друго правно лице кое е основано заради стекнување на добивка.

Тргнувајќи од наведеното, како и фактот дека во членот 62 од Законот е утврдена забрана за јавниот обвинител покрај јавнообвинителската функција да врши и друга јавна функција или професија, а се допушта можност тој да врши само други функции определени со Закон, Судот утврди дека оспорената одредба од член 49 од Законот, од аспект на причините поради кои се оспорува, не е во несогласност со Аманднманот XXX со кој се заменуваат ставовите 2 и 3 на член 106 и се брише членот 107 од Уставот на Република Македонија бидејќи јавнообвинителската функција според овој Амандман од Уставот е неспојлива само со вршењето на друга јавна функција и професија, а не и со друга функција, за каква што всушност станува збор во оспорениот член 49 од Законот. (Подносителот на иницијативата членот 49 од Законот го оспорува во однос на членот 107 од Уставот, кој е бришен со наведениот Амандман).

Оспорениот член 49 од Законот, исто така, не е во несогласност со наведениот Амандман од Уставот, затоа што активностите што јавниот обвинител може да ги врши на Академијата за обука на судии и јавни обвинители, на универзитетот (предавања и учество во научни проекти), според начинот и условите под кои тие можат да се вршат, а се предвидени во оспорениот член (по претходна согласност од Советот на јавни обвинители на Република Македонија во кој јавниот обвинител е избран) немаат професионален карактер, односно не можат да се сметаат како вршење на професија во смисла на Амандманот XXX став 10 од Уставот на Република Македонија. Имено, ако уставно утврдената неспојливост на јавнообвинителската функција со вршењето на друга јавна функција и професија има за цел да обезбеди самостојност и независност на јавното обвинителство, односно јавните обвинители, но и квалитетно, стручно и успешно извршување на јавнообвинителската функција, тогаш, според мислењето на Судот, неспорно е дека под вршење на професија во смисла на наведениот Уставен амандман, уставотворецот го имал предвид само вршењето на оние активности односно професии за кои јавните обвинители имаат стручна квалификација и кои по правило се вршат на организиран, односно институционализиран начин (со засновање на работен однос, со избор или реизбор во научни или наставнички звања и сл.) и чие вршење доведува до конфликт на интереси со јавнообвинителската функција, што не е случај со активностите што јавниот обвинител може да ги врши во Академијата за обука на судии и јавни обвинители, како и универзитетските активности што тој може да ги врши според оспорениот член 49 од Законот.

Според Судот во зависност од конкретната функција, Уставот определува неспојливост на таа функција со други јавни функции или професии, други политички функции или пак со забрана за членување во политичките партии, со цел непристрасно, објективно и совесно вршење на доверените функции, без оптовареност со припадноста кон одредена политичка партија. По однос на останатите функции Уставот оставил со закон да се уреди прашањето на неспојливоста на функцијата.

Во оспорениот член 80 став 5 е пропишано дека: „Кандидат за јавен обвинител со завршена обука во Академијата за обука на судии и јавни обвинители до изборот за јавен обвинител се распоредува на работа во јавното обвинителство каде што ја вршел практичната обука со звање виш јавнообвинителски советник“.

Во конкретниот случај, не станува збор за никаква привилегија на кандидатите со завршена обука во Академијата за обука на судии и јавни обвинители во однос на другите кандидати како што наведува подносителот на иницијативата, од причина што приемот на кандидатите во Академијата за следење на Програмата за почетна обука, се врши врз основа на јавен оглас кој согласно членот 34 од Законот за Академија за обука на судии и јавни обвинители (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/2006) за да се примат во Академијата треба да ги исполнуваат условите утврдени во наведениот член од Законот, што значи дека овие лица сепак подлежат на огласот кој се објавува за прием во Академијата кој е достапен за секој кој ги исполнува условите за прием во Академијата.

Според мислењето на Судот оваа одредба се вклопува во концептот на почетна обука востановен со Законот за Академија за обука на судии и јавни обвинители. Имено, заради системот на почетна обука прифатен во наведениот Закон, а со цел да се обезбеди сигурност на кандидатите кои ја завршиле оваа обука и кои ги финансирала државата, логично е до нивниот избор тие да бидат распоредени на работа во јавното обвинителство каде што ја вршеле практичната обука. Притоа, пропишано е и звањето во кое тие ќе бидат распоредени, а тоа е виш јавно обвинителски советник.

Врз основа на наведеното Судот не го постави прашањето за согласноста и на одредбите од член 80 став 5 од Законот со наведените одредби од Уставот.

6. Подносителот на иницијативата, исто така, го оспорува Законот и затоа што тој не го предвидел институтот „изземање“ како што тој бил предвиден во Законот за кривичната постапка и други закони. Значи иницијаторот бара да се надополни Законот со содржина каква што тој смета дека треба да има за што Уставниот суд на Република Македонија согласно неговите надлежности утврдени во членот 110 од Уставот, е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот, а не каква содржина тие треба да имаат, поради што согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија иницијативата во овој дел Судот ја отфрли.

Судот, исто така, по однос на наводите во иницијативата дека оспорениот член 43 став 1 од Законот не бил во согласност со членот 42, а ставот 2 на членот 43 со ставот 1 на овој член од Законот, Судот смета дека Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да ја цени меѓусебната согласност на одредени одредби од Законот како што е во случајов, поради што согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија иницијативата во овој дел ја отфрли.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.88/2008
4 март 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply