186/2008-0-0

186/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 март 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 12 став 3 од Законот за државната помош („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2003, 70/2006 и 55/2007).

2. Д-р Валентин Пепељугоски, Ангелина Хаџи-Василева и Дејан Стојаноски, сите од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредба од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителите на иницијативата, со оспорената одредба, според која Комисијата за заштита на конкуренцијата ќе ја оценувала компатибилноста на секоја државна помош и ќе одлучувала за нејзино одобрување или неодобрување и истата можела по своја иницијатива или по барање на трети лица да предложи мерки за усогласување на шемите за помош или одобрената помош кои биле во сила пред влегувањето во сила на Законот за државната помош, се утврдувало ретроактивно дејство, што би значело дека Комисијата можела правото кое било утврдено пред донесувањето на овој закон, да го одземе или ограничи, што било во спротивност со член 52 ставовите 3 и 4 од Уставот. Оваа одредба немала влијание врз потребите на граѓаните, оттука таа не укажувала на поповолност за истите и според тоа, повратното дејство на предметната одредба било беспредметно и спротивно на Уставот.

Предметната одредба била во спротивност и со начелото на владеењето на правото утврдено со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, затоа што кога едно право било веќе стекнато согласно тогаш важечките прописи, не можело да се доведе во прашање неговото остварување поради законски измени што настанале во меѓувреме, а кои не се поповолни за граѓаните. Законодавецот овој премин требало да го обезбеди на начин што нема да го доведе во прашање или да ја загрози правната сигурност и веќе стекнатите права и интереси, односно да не ја наруши правната сигурност на граѓаните и нивната верба во законодавството, правниот систем и правната држава.

Поради наведеното, се предлага поведување постапка за оцена на уставноста на оспорената одредба и се предлага нејзино укинување.

3. Судот на седницата утврди дека според член 12 став 3 од Законот за државната помош, согласно со шемите за помош одобрени според ставот 1 од овој член и шемите за помош кои се во сила пред влегувањето во сила на овој закон или помошта одобрена од Комисијата (постојна помош), Комисијата, по своја иницијатива или на барање на трети лица, може да предложи соодветни мерки за усогласување на таквата помош во согласност со одредбите на овој закон. Доколку давателот на помошта не ја усогласи таквата шема за помош во согласност со предложеното од Комисијата, Комисијата поведува постапка за повторно оценување на компатибилноста на државната помош и донесува одлука за нејзината компатибилност со овој закон.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Со Законот за државната помош се регулира постапката и надзорот на доделувањето и користењето на државната помош со цел за имплементирање на начелата на пазарната економија, одржувањето на лојалната конкуренција и извршувањето на обврските по меѓународно ратификуваните договори кои содржат одредби за државната помош (член 1 став 1)

Според член 2 став 1 на овој закон, секоја државна помош, без оглед дали истата е доделена според шемите за помош или како индивидуална помош, со која се нарушува или се заканува да се наруши конкуренцијата преку фаворизирање на одредени претпријатија или одредени производи е во спротивност со одредбите од овој закон се додека истата може да влијае врз трговијата меѓу Република Македонија и Европската заедница. Согласно став 2 на истиот член, помошта која ќе се додели спротивно на одредбите на овој закон ќе биде вратена.

Согласно член 3 став 1 од истиот закон, под државна помош се подразбира секоја помош, доделена од давателот на државната помош, во секој облик, со која се создаваат поволности за определени претпријатија, производство на одредени стоки или давање на одредени услуги. Согласно став 2 на истиот член, давател на државна помош е Владата на Република Македонија, органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа и друг орган или институција кои обезбедуваат или планираат да обезбедат државна помош. Според став 11 на истиот член, шема за помош е правен акт врз основа на кој се планира доделување на помош и во која се утврдува горната граница на износот на расположливата помош и начинот на кој истата ќе се додели.

Облиците на државна помош се утврдени како компатибилна помош и како помош која може да биде компатибилна ( членовите 4 и 5 од овој закон), при што се разработени формите на регионална помош, помош на мали и средни претпријатија и помош за спас и реконструкција, како форми на државна помош кои можат да бидат компатибилни, под условите утврдени со овој закон.

Согласно член 9 од овој закон, секој облик на државна помош е под надзор на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Комисијата, по своја иницијатива или на барање на трети лица, поведува постапка за оценување на компатибилноста на секоја државна помош со овој закон. Комисијата со одлука решава за компатибилноста на доделената државна помош. Одлуките на Комисијата од ставот 3 на овој член се конечни и истите се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”. Против одлуките на Комисијата може да се поднесе тужба за поведување управен спор пред надлежен суд. Тужбата за поведување управен спор се поднесува во рок од триесет дена од денот на доставувањето на одлуките и таа го одлага нивното извршување.

Со член 10 од Законот се утврдува дека со исклучок на компатибилната помош од членот 4 на овој закон, секој давател на државна помош е должен претходно да поднесе извештај до Комисијата за неговите планови за обезбедување на помош или изменување на постојните шеми за помош. Државната помош за која е поднесен извештај нема да стане ефективна, додека Комисијата не ја одобри помошта со донесување на одлука. Секој давател на државна помош треба годишно да поднесува извештај до Комисијата за износот, користењето и ефектите на одобрената државна помош.

Со оспорениот член 12 од Законот се пропишува постапка на оценка на државната помош, така што се утврдува дека Комисијата ќе ја оценува компатибилноста на секоја државна помош со овој закон и одлучува за нејзиното одобрување или неодобрување како резултат на несогласноста со овој закон (став 1). Комисијата има право да бара информации потребни за оцена на државната помош од сите даватели и приматели на државната помош. Информациите добиени од заинтересираните страни можат да се употребат, доколку сите субјекти на постапката за оцена имале можност да се изјаснат по истите (став 2). Согласно со шемите за помош одобрени според ставот 1 од овој член и шемите за помош кои се во сила пред влегувањето во сила на овој закон или помошта одобрена од Комисијата (постојна помош), Комисијата, по своја иницијатива или на барање на трети лица, може да предложи соодветни мерки за усогласување на таквата помош во согласност со одредбите на овој закон. Доколку давателот на помошта не ја усогласи таквата шема за помош во согласност со предложеното од Комисијата, Комисијата поведува постапка за повторно оценување на компатибилноста на државната помош и донесува одлука за нејзината компатибилност со овој закон.

Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека законодавецот ја регулирал постапката и надзорот над доделувањето и користењето на државната помош со цел за имплементирање на начелата на пазарната економија, одржување на лојалната конкуренција и извршувањето на обврските по меѓународно ратификуваните договори кои содржат одредби за државна помош. При пропишувањето на постапката, законодавецот посебно место и улога и доделил на Комисијата за заштита на конкуренцијата, определувајќи дека секој облик на државна помош подлежи на надзор од страна на оваа комисија и дека државната помош, освен компатибилната помош од член 4 на овој закон, ќе стане ефективна по нејзиното одобрување со одлука од страна на Комисијата. Во оваа смисла, законодавецот пропишал обврска за сите даватели на државна помош годишно да поднесуваат извештај до Комисијата за износот, користењето и ефектите на одобрената државна помош. Тоа значи дека Комисијата врши надзор над секоја доделена државна помош, во сите фази неопходни за доделување и користење на државната помош, односно ги опфаќа планирањето, одобрувањето и реализирањето на ваквата помош. Во рамките на следењето на реализирањето на одобрената државна помош, Комисијата по своја иницијатива или по барање на трети лица, може да предложи соодветни мерки за усогласување на таквата помош во согласност со одредбите на Законот. Доколку давателот на помошта не ја усогласи таквата шема за помош во согласност со предложеното од Комисијата, Комисијата поведува постапка за повторно оценување на компатибилноста на државната помош и донесува одлука за нејзината компатибилност со овој закон.

Подносителот на иницијативата не го спори надзорот над реализацијата на одобрената помош согласно со овој закон, туку надзорот над реализацијата на помошта одобрена пред влегување во сила на овој закон, сметајќи дека ваквиот надзор повлекува ретроактивно дејство забрането со Уставот, кое во крајна линија може да води кон одземање или ограничување на стекнато право.

Во однос на ова прашање, Судот имаше предвид дека Законот за државната помош чија одредба се оспорува претставува закон со кој во Република Македонија за првпат се уредува прашањето во врска со давањето на државна помош. Пред донесувањето на овој закон, постоел поинаков правен режим за доделување на овој вид помош, поради што законодавецот оценил дека е оправдано и помошта која била доделена пред донесувањето на овој закон, да подлежи на надзор и по потреба, усогласување со одредбите на овој закон, како мерка со која се спречува нелојална конкуренција и правните субјекти на кои им е доделена државна помош се ставаат во еднаква правна положба на пазарот, независно кога им е доделена помошта. Притоа, од суштествено значење е дека станува збор за државна помош чија реализација не е завршена, односно се протега и во периодот по донесување на Законот, поради што Судот оцени дека не станува збор за повратно дејство на Законот, како што се наведува во иницијативата. Ова од причина што повратно дејство има ако една норма се однесува на односи кои се завршени пред влегувањето во сила на нормата, а нема повратно дејство ако нормата регулира незавршени односи или односи кои се во тек, како што е во конкретниот случај.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај, станува збор за предлагање соодветни мерки од страна на Комисијата за заштита на конкуренцијата, за усогласување на државната помош одобрена согласно шеми за помош кои биле во сила пред влегувањето во сила на овој закон, со одредбите на овој закон, произлегува дека не се доведува во прашање доделената државна помош, како што се наведува во иницијативата, туку само се создаваат можности, во постапката на реализација на ваквата помош која сеуште не е завршена, да се изврши, доколку се оцени за потребно, усогласување со одредбите на законот кој е во сила, со што правните субјекти на кои им е доделена државна помош, имајќи ја предвид суштината и целта на државната помош, се ставаат во еднаква правна положба на пазарот, независно кога им е доделена помошта, односно се овозможува воспоставување на пазарна економија и одржување на лојална конкуренција, што е во согласност со слободата на пазарот и претприемништвото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се прифати наводот во иницијативата дека ваквата регулатива значела загрозување на правната сигурност и повреда на начелото на владеењето на правото.

Тргнувајќи од наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 12 став 3 од Законот за државната помош со член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 4 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.186/2008
4 март 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply