Одлука У.бр.135/2008

У.бр.135/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 февруари 2009 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 8 и тарифниот број 30 став 2 од Правилникот со тарифа за користење на авторски музички дела („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/2007 и 70/2008), донесен од Собранието на Здружението за заштита на авторски музички права на Република Македонија.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Ана Софрониевска, адвокат од Скопје, со Решение У.бр.135/2008 од 24 декември 2008 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Правилникот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето на нивната согласност со Уставот и Законот за авторското право и сродните права.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 8 од Правилникот, висината на надоместот, доколку користење на делата е нужно за вршење на дејноста на корисникот на начин што дејноста на корисникот зависи од користење на делата, како што е случај кај радиодифузното користење, се определува, по правило, во процент од приходот.

Во тарифниот број 30 став 2 од Правилникот е утврдено дека за телевизиските програми на национално ниво авторски надомест sе плаќа, доколку со договор не е поинаку утврдено, месечно и тоа: – во висина од 3% од вкупниот месечен приход.

5. Согласно членот 20 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања и граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Според членот 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост, кое според ставот 2 на овој член, создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Според ставот 3 на овој член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Со членот 47 од Уставот, се гарантира слободата на научното, уметничкото и на другите видови творештво и се гарантираат правата што произлегуваат од било кој вид интелектуално творештво.

Според членот 1 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.47/1996, 3/1998, 98/2002, 4/2005, 23/2005-пречистен текст и 131/2007), предмет на уредување на овој закон е правото на авторите над нивните дела од областа на книжевноста, науката и уметноста (авторско право) и правото на изведувачите, на фонограмските, филмските и сценските продуценти, на радио и телевизиските организации, на издавачите и другите лица утврдени со овој закон, како и на изготвувачите на бази на податоци (сродни права) над нивните изведби и предмети на сродните права, како и остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права.

Според членот 146-б став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ број 4/2005), доколку користењето на авторското дело е нужно за вршење на дејноста на корисникот на начин што дејноста на корисникот зависи од користењето на делата, како во случај на радиодифузното користење, концертните, танчерските и другите користења, висината на надоместокот во Правилникот со тарифата се определува, по правило, во процент од приходот, односно добивката која што корисникот ја остварува со користењето на авторското дело.

Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека со оспорениот член 8 од Правилникот, е определено висината на надоместокот кој треба да го плати корисникот за користење на делата потребни за вршење на дејноста на корисникот, како што е случај кај радиодифузното користење, да се пресметува како процент од приходот, а не од добивката која што корисникот ја остварува со користењето на авторското дело, како што утврдил членот 146-б став 1 од Законот. Со оглед на тоа оспорениот член 8 од Правилникот не е во согласност со одредбите од Законот, ова особено поради тоа што во радиодифузното телевизиско емитување при креирањето и емитувањето на радиотелевизиската програма се користат и други видови авторски дела – предмети на сродни права од немузички карактер, а музичките дела, како такви, се вградени во нив, и приходите што корисниците ги остваруваат со своето работење и дејност се од разни основи, а не само од користење на музиката, па поради тоа само добивката од користењето на авторското дело треба да е основа на издвојување на процентот на висината на надоместокот.

Судот, исто така утврди дека оспорениот тарифен број 30 став 2 од Правилникот, се однесува за телевизиските програми на национално ниво, за чие користење како авторски надоместокот се плаќал месечно во висина од 3% од вкупниот месечен приход, доколку со договор не било поинаку утврдено. Меѓутоа, оваа тарифна определба со паушално плаќање во Правилникот не е во согласност со закон, а со тоа и со Уставот, поради тоа што во членот 146-б ставови 4 и 5 од Законот, каде се уредува надоместокот во вид на паушал, нема основ за паушално плаќање за случаите на радиодифузното емитување на авторските дела – предмети на сродни права, ниту тоа е предвидено во други одредби од Законот. Имено, целта за регулирање на односите уредени со Законот во оваа сфера е во различни или сите фази да се афирмира транспарентноста, соработката и деловната меѓузависност на двата видови субјекти – носителите на авторското право и сродните права и корисниците на овие права.

Со оглед на тоа што со оспорените одредби од членот 8 и тарифниот број 30 став 2 од Правилникот, висината на надоместокот се утврдува во процентуален износ од вкупниот месечен приход и во паушален износ, Судот утврди дека тие не се во согласност со одредбите од Законот за авторското право и сродните права и со членот 51 од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.135/2008
18 февруари 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply