131/2008-0-0

131/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 ноември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 18 став 4 од Законот за управната инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр. 69/2004, 22/2007 и 115/2007).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба со која се предвидувало дека против решението на министерот не може да се води управен спор, не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 50 став 2 и член 51 од Уставот.

Pринципот на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија го добивал своето потполно значење и дефинитивна изграденост дури во моментот кога е водена судска контрола над управните акти од страна на самостојни и независни судови. Основна и непосредна цел на управниот спор била да ги заштити правата на граѓаните и другите правни субјекти од самоволна и арбитрарна управа, а со тоа да ја прошири можноста за почитување на правото и на демократијата во поширока смисла на зборот. Управниот спор имал за цел да ја штити законитоста на управните акти, со тоа и правата на граѓаните и нивните слободи, како и правниот поредок и демократијата воопшто. Целта на управниот спор била утврдувањето на законитоста на управниот акт. Имајќи во вид дека под управен акт се подразбирал поединечен конкретен управен акт на државен орган или организација што вршат јавни овластувања со кои се решава за правата и обврските на поединците, правните лица и на другите правни субјекти, според подносителот на иницијативата, решението во оспорениот член 18 од Законот за кое е дозволена жалба до министерот за правда, имало карактер на управен акт. Оттука, следувала констатацијата дека против конечниот акт во управната постапка, можело да се поведе управен спор. Децидната забрана за поведување управен спор против решението во оспорената законска одредба не било во согласност со член 50 став 2 од Уставот, со кој се гарантирала судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овлстувања.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 18 став 1 од Законот за управната инспекција, против решението од членот 17 став 1 на овој закон, може да се поднесе жалба до министерот за правда во рок од осум дена од денот на доставувањето на решението. Согласно став 2 на овој член, жалбата не го одлага извршувањето на решението. Според став 3 на истиот член, министерот за правда по жалбата донесува решение во рокот утврден во Законот за општата управна постапка. Согласно оспорениот став 4 на овој член, против решението на министерот не може да се води управен спор.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото претставува една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 50 став 2 од Уставот, се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за управната инспекција се уредуваат надлежноста и организацијата на управната инспекција, назначувањето на управните инспектори, овластувањата и постапката за вршење на инспекцискиот надзор (член 1).

Управната инспекција, согласно член 2 од овој закон, го опфаќа надзорот над примената на Законот за општата управна постапка и другите закони што содржат одредби за управната постапка. Надзорот на овој член, се однесува особено на:
– навременото, економичното и ефикасното остварување на правата и интересите на граѓаните и другите учесници во управната постапка во решавањето на управните работи;
– постапувањето во пропишаните рокови во првостепената и второстепената управна постапка, како и во роковите определени со акти на судските органи;
– вклучувањето на заинтересираните странки во управната постапка заради заштита на нивните права и интереси;
– обезбедувањето на докази по службена должност од службената евиденција што ја води органот надлежен за решавање, друг државен орган, правни и други лица кои имаат јавни овластувања, општините и градот Скопје;
– извршувањето на правосилните управни акти;
– наплатата на трошоците во управната постапка;
– примањето на поднесоците;
– издавањето на уверенија и други јавни исправи за одредени факти од службената евиденција;
– стручната подготовка на државните службеници и вработените кои преземаат дејствија во управната постапка;
– доставувањето на управните акти и другите писмена;
– начинот на однесувањето и работењето на државните службеници и вработените, со цел да се обезбеди почитување на принципите на законитост, професионален интегритет, ефикасност, одговорност и лојалност при вршењето на нивните службени должности;
– спроведување на мерките на надлежните органи за подобрување на работата при решавањето на управните работи;
– употребата на јазиците на странките во управната постапка;
– правната помош меѓу органите и другите учесници во управната постапка и
– други работи утврдени со Законот за општата управна постапка и другите закони.
Управната инспекција врши надзор и над извршувањето на прописите за канцелариското работење.

Според член 3 од овој закон, управниот инспекциски надзор се врши во органите на државната управа, другите државни органи, организации, установи и други правни лица, на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања кога решаваат во управни работи, како и општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, кога во вршењето на своите надлежности решаваат во управни работи за правата, обврските и правните интереси на правни и физички лица во согласност со закон.

Според член 4 став 2 од овој закон, работите на инспекцискиот надзор ги вршат управни инспектори.

Овластувањата на управните инспектори во вршењето на инспекцискиот надзор се утврдени во Законот, во Главата IV. Овластувања. Така, во член 9 од оваа глава, се пропишува дека управните инспектори се овластени:

– да остваруваат непосреден увид во примената на Законот за општата управна постапка и другите закони што содржат одредби за управната постапка и извршувањето на прописите за канцелариското работење;
– да наредат во определен рок отстранување на утврдените недостатоци;
– да наредат определен начин на постапување;
– да поднесат кривична пријава за сторено кривично дело, барање за поведување на прекршочна постапка или иницијатива за покренување на дисциплинска постапка и
– да вршат други работи за чие извршување се овластени со овој закон.

Согласно член 17 став 1 од овој закон, за извршениот инспекциски надзор инспекторот составува записник со наод за утврдената состојба, а отстранувањето на утврдените недостатоци во работата го наредува со решение во кое се утврдени роковите за нивното извршување. Според став 2 на истиот член, записникот и решението од ставот 1 на овој член, им се доставуваат на лицата од членот 16 на овој закон во рок од 15 дена од денот на извршениот инспекциски надзор. Согласно став 3 на овој член, органите во кои е извршен надзорот се должни за преземените мерки за отстранување на недостатоците во работата наредени со решението да го известат инспекторот во рок од 15 дена од денот на приемот на решението.

Според член 18 ставовите 1, 2 и 3 од Законот, против решението од членот 17 став 1 на овој закон, може да се поднесе жалба до министерот за правда во рок од осум дена од денот на доставувањето на решението. Жалбата не го одлага извршувањето на решението. Министерот за правда по жалбата донесува решение во рокот утврден во Законот за општата управна постапка.

Според оспорениот став 4 на овој член, против решението на министерот не може да се води управен спор.

Според Судот, законската определба содржана во членот 18 став 4 од Законот за управната инспекција со која се предвидува дека против решението на министерот за правда со кое е одлучено по жалба против решението на управниот инспектор со кое се утврдени рокови за отстранување на недостатоци констатирани при извршен инспекциски надзор, не може да се води управен спор, не е во несогласност со членот 50 став 2 од Уставот.

Основна и непосредна цел на управниот спор е да ги заштити правата на граѓаните од самоволна и арбитрерна управа, а со тоа да ја прошири можноста за почитување на правото и на демократијата во поширока смисла на зборот. Управниот спор е мошне значајна правна институција која има за цел да ја штити законитоста на управните акти, со тоа и правата на граѓаните и нивните слободи, како и правниот поредок и демократијата воопшто. Целта на управниот спор е утврдувањето на законитоста на управниот акт.

Имајќи во вид дека под управен акт, во смисла на член 7 од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2006) се подразбира акт на органите на државната управа, Владата на Република Македонија, други државни органи, управни организации, општините и градот Скопје, јавните претпријатија, трговските друштва, фондови, установи, организации и заедници, здруженија на граѓани и други организации и заедници кога во вршењето на јавни овластувања решаваат во управни работи, со кој се решава за правата и обврските на поединците, правните лица и на другите правни субјекти кои можат да бидат странка во определена управна работа, Судот оцени дека решението од членот 18 став 3 од Законот за управната инспекција нема карактер на управен акт, поради што основано произлегува дека против истото не може да се води управен спор. Имено, управен акт, во смисла на Законот за управните спорови, е акт со кој се решава за извесно право или обврска на физичко или правно лице, со кој акт се создава, утврдува, менува или укинува некое право или непосреден интерес заснован на закон или се утврдува обврска на правните субјекти. Значи, управниот акт има непосредно правно дејство, односно произведува непосредни правни последици за одредено физичко или правно лице – им се утврдува и признава или укинува некое право или им се утврдува или се ослободува од одредена обврска.

Од друга страна, управните инспектори, согласно утврдената надлежност во Законот за управната инспекција, вршат надзор над примената на Законот за општата управна постапка и другите закони што содржат одредби за управната постапка. Во оваа смисла, во постапката за вршење инспекциски надзор пропишана со главата V (членовите 16 до 21) од Законот, за извршениот инспекциски надзор инспекторот сочинува записник со наод за утврдената состојба, а отстранувањето на утврдените недостатоци во работата го наредува со решение во кое се утврдени роковите за отстранување на недостатоците. Ова решение се доставува до органот, односно раководното лице во органот во кој е извршен надзорот и против истото може да се поднесе жалба до министерот за правда, а министерот за правда е должен да донесе решение по жалбата во рокот утврден со Законот за општата управна постапка, со што решението станува конечно.

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека определувањето на рокот за отстранување на утврдените недостатоци претставува мерка што управниот инспектор ја презема во рамките на своите овластувања во случај на констатирани недостатоци при вршењето на инспекцискиот надзор, поради што тоа не значи наметнување обврска во управна работа во која се решава за право или обврска на физичко или правно лице, туку обврска за органот каде е извршен надзорот, за правилна примена на законите со кои е уредена постапката, што е во функција на обезбедување навремено, ефикасно и законито остварување на правата и обврските на физичките и правните лица кои побаруваат одредено право во управна постапка.

Според Судот, со решението со кое се определува рокот за отстранување на констатираните недостатоци при извршениот инспекциски надзор не се решава по конкретна управна работа за поединечно право или обврска на физичко или правно лице во управна постапка, што значи дека ваквото решение не претставува управен акт во смисла на член 7 од Законот за управните спорови, поради што против таквото решение не може да се води управен спор.

Тргнувајќи од наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на член 18 став 4 од Законот за управната инспекција со член 8 став 1 алинеја 3, член 50 став 2 и член 51 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер -Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.131/2008
20 ноември 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply