104/2008-0-0

104/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 20 ноември 2008 година го донесе следново

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 35 став 1 точка 6, член 36 и член 36-а од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006 и 35/2008).

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

2. Сашо Врбовски, адвокат од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со ратификувањето на Европската Конвенција за човекови права и основни слободи на Советот на Европа, на 10 април 1997 година, Република Македонија ја признала безрезервно надлежноста на Европскиот суд за човекови права со седиште во Стразбур во Франција, во обезбедувањето на почитувањето на обврските од Конвенцијата. Поаѓајќи од општо прифатената норма на меѓународното право дека меѓународните договори мора да се почитуваат и спроведуваат онака како што е договорено, и Уставот на Република Македонија во членот 8 како темелна вредност на уставниот поредок го определил „почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право“.

Европскиот суд за човекови права во постапувањето го применувал англосаксонскиот систем на прецедентно право, но со Уставот на Република Македонија не се прифаќало прецедентното право, односно судската практика како извор на правото, и според членот 98 од Уставот, судовите суделе врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Спротивно на Уставот на Република Македонија со оспорениот член 35 став 1 точка 6 од Законот за судовите, била дадена законска надлежност на Врховниот суд да води постапка и одлучува по барања за повреда на правото на судење во разумен рок и да се раководи од судската пракса на Европскиот суд за човекови права.

Со ратификување на Конвенцијата, според подносителот на иницијативата Република Македонија прифатила надлежност на Европскиот суд како наднационален суд, да постапува во случаите на утврдување на повреда на членот 6 од Конвенцијата предизвикана од работењето на домашните судови во граѓанските и кривичните постапки. Поради тоа, немало уставен основ Врховниот суд на Република Македонија како домашен суд да има надлежност во постапувањето и одлучувањето за повреда на членот 6 од Конвенцијата, бидејќи таа надлежност била обезбедена само од Европскиот суд за човекови права во самата Конвенција и според тоа паралелни надлежности од националните судови не можеле да постојат. Со надлежноста определена во оспорените одредби од Законот за судовите, била доведена во прашање примената на ефективното правно средство против повредата на правото на судење во разумен рок пред Европскиот суд за човекови права. Ова поради тоа што надлежноста сега била обезбедена во националното законодавство од страна на домашен суд – Врховниот суд и со тоа била дерогирана надлежноста на Европскиот суд и покрај ратификацијата на Европската Конвенција.

Според иницијативата, Врховниот суд на Република Македонија не би можел да постапува и одлучува за повреда на правото на судење во разумен рок во оние случаи кога тој постапувал во претходната постапка во трет степен, бидејќи по однос на оценка на постоење на повредата на правото на судење во неразумен рок би бил необјективен како дел од процесот на тоа судење. Законот за судовите бил нејасен и во однос на прашањето дали Врховниот суд ќе ја ценел оправданоста на должината и на управните постапки водени од управните органи (кои не се суд).

Од овие причини, оспорените одредби од Законот не биле во согласност со членовите 8, 98 и 118 од Уставот. Воедно со иницијативата се бара Судот да донесе решение за времена мерка и да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби од Законот.

4. Судот на седницата утврди дека во делот од Законот за судовите, кој се однесува на „Стварна надлежност на судовите“ се предвидени оспорените одредби. Според членот 35 од Законот, Врховниот суд на Република Македонија е надлежен:

1) да решава во втор степен против одлуките на своите совети кога тоа е определено со закон,
2) да решава во трет и последен степен по жалбите против одлуките на апелационите судови,
3) да решава во втор степен по жалба на одлука на Управниот суд во случаите предвидени со закон,
4) да решава по вонредни правни лекови против правосилните одлуки на судовите и одлуките на своите совети кога тоа е определено со закон,
5) да решава за судир на надлежност меѓу основните судови од подрачјето на различни апелациони судови, судир на надлежност меѓу апелациони судови, судир на надлежност меѓу Управниот суд и друг суд и да решава за пренесување на месна надлежност кај овие судови,
6) да одлучува по барање на странките и другите учесници во постапката за повреда на правото на судење во разумен рок, во постапка утврдена со закон пред судовите во Република Македонија во согласност со правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за човекови права и основни слободи и тргнувајќи од судската пракса на Европскиот суд за човекови права,
7) да врши други работи определени со закон.

Според членот 36 од Законот, странката која смета дека надлежниот суд го повредил правото на судење во разумен рок, има право да поднесе барање за заштита на правото на судење во разумен рок до Врховниот суд на Република Македонија (став 1).

Барањето од ставот 1 на овој член странката може да го поднесе во текот на постапувањата пред домашните судови, а најдоцна шест месеца сметано од денот на правосилноста на одлуката (став 2).

Барањето од ставот 1 на овој член содржи:
– податоци за подносителот на барањето и правниот застапник,
– податоци за предметот и постапката за која странката смета дека ја сторила повредата на правото за судење во разумен рок,
– образложение на причините за наводно сторена повреда на правото за судење во разумен рок,
– изјава за побарување на правичен надомест и
– потпис на подносителот на барањето (став 3).

Врховниот суд на Република Македонија постапува по барањето кое ги исполнува критериумите утврдени во ставовите 2 и 3 на овој член во рок од шест месеца од неговото поднесување и одлучува дали понискиот суд го повредил правото на судење во разумен рок, притоа имајќи ги предвид правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за човекови права и основни слободи, а особено сложеноста на предметот, однесувањето на странките во постапката и однесувањето на судот кој постапувал (став 4).

Ако Врховниот суд утврди повреда на правото на судење во разумен рок со решението ќе определи рок во кој што судот, пред кого постапката е во тек, мора да одлучи за правото, обврската или кривичната одговорност на подносителот на барањето и ќе досуди правичен надоместок за подносителот на барањето заради повреда на неговото право за судење во разумен рок (став 5).

Правичниот надоместок паѓа на товар на Судскиот буџет и се исплатува во рок од три месеца од денот на правосилноста на решенито на Врховниот суд (став 6).

Според членот 36-а од Законот, по приемот на барањето од членот 36 став 1 на овој закон Врховниот суд на Република Македонија веднаш, а најдоцна во рок од 15 дена ќе побара од правостепениот суд да достави препис на списите од предметното досие, а по потреба и изјаснување од повисокиот суд за времетраење на постапката пред него (став 1).

Врховниот суд на Република Македонија по барањето од членот 36 став 1 на овој закон одлучува во совет од тројца судии на нејавна седница, но по исклучок судот може да одлучи да ги сослуша подносителот на барањето и претставникот на судот чија постапка е предмет на поднесеното барање (став 2).

Против решението на советот на Врховниот суд на Република Македонија, незадоволната страна има право во рок од осум дена сметано од денот на приемот на решението да поднесе жалба до Врховниот суд, кој одлучува по истата согласно со членот 35 став (1) точка 1 од овој закон (став 3).

5. Според членот 8 став 1 алинеи 1 и 11 од Уставот на Република Македонија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

Уставот на Република Македонија со концептот на граѓанска држава, основните слободи и права на човекот и граѓанинот ги класифицирал како граѓански и политички слободи и права (членовите 9-28), и како економски, социјални и културни права (членови 30-49), гаранции на основните слободи и права (членови 50-54) и основи на економските односи (членови 55-60).

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 50 став 1 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност. Во ставот 2 од овој член од Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија, согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, е заштитата на дел од слободите и правата на човекот и граѓанинот и тоа што се однесува на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминацијата на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според членот 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 27 февруари 1997 година го донело Законот за ратификација на Конвенцијата за заштита на правата на човекот и основните слободи и на првиот протокол, протоколот бр. 4, протоколот бр. 6, протоколот бр. 7 и протоколот бр. 11 кон Конвенцијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/1997). Членовите на Конвенцијата и протоколите, според Анексот се однесуваат на: обврска за почитување на правата на човекот (член 1), право на живот (член 2), забрана на мачење (член 3), забрана на ропство и принудна работа (член 4), право на слобода и безбедност (член 5), право на правична судска постапка (член 6), нема казна без закон (член 7), право на почитување на приватниот и семејниот живот (член 8), слобода на мислење, совест и вера (член 9), слобода на изразување (член 10), слобода на собирање и здружување (член 11), право на брак (член 12), право на реална жалба (член 13), забрана на дискриминација (член 14), укинување во случај на вонредна состојба (член 15), ограничување во политичката активност на странци (член 16), забрана на злоупотреба на правата (член 17), ограничување на употребата на рестрикциите во правата (член 18) и друго. Во првиот протокол е заштитата на сопственоста (член 1), право на образование (член 2), право на слободни избори (член 3) и други. Во протоколот број 4 се, меѓу другите, слободата на движење (член 2), забрана за колективни протерувања на странци (член 4). Во протоколот број 6 се, меѓу другите, укинување на смртната казна (член 1), смртна казна за време на војна (член 2), а во протоколот број 7 се, меѓу другите, право на двостепеност во кривичната постапка (член 2), правото да не се биде осуден или казнет два пати (член 4).

Според членот 6 став 1 од оваа Конвенција, секој има право правично и јавно, во разумен рок, пред независен и непристрасен со закон воспоставен суд да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски или основаноста на какви било кривични обвиненија против него. Пресудата се изрекува јавно, а новинарите и публиката можат да бидат исклучени за време на целата или на дел од постапката во интерес на моралот, јавниот ред или националната безбедност во едно демократско општество, кога тоа го наложуваат интересите на малолетник или заштитата на приватниот живот на страните во спорот, или кога тоа судот го смета за неопходно затоа што во посебни околности публицитетот би можел да им нанесе штета на интересите на правдата.

Според членот 13 од оваа Конвенција, секој човек, чии права и слободи, признати со оваа Конвенција се нарушени има право на ефективен правен лек пред националните власти, дури и тогаш кога повредата на овие права и слободи ја сториле лица при вршење на службена должност.

За да се обезбеди почитување на обврските што произлегуваат од оваа Конвенција, формиран е Европскиот суд за човекови права, согласно членот 19 од Конвенцијата.

Според Судот, корпусот на „Основните слободи и права на човекот и граѓанинот“ содржан во членовите од 9 – 60 во Уставот на Република Македонија се израз на демократскиот карактер на уставниот поредок на Републиката и основа на сите други одредби на Уставот што содржат директни гаранции за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот. Конвенцијата за заштита на правата на човекот и основните слободи која со корпусот на признатите слободи и права е дел од внатрешниот правен поредок на Република Македонија е воедно и критериум за полна интерпретација на уставните норми.

Од аспект на функционалните и процедуралните можности за остварување и заштита на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија и признати со Конвенцијата, Судот оцени дека битни се два принципа, и тоа прво, реална и ефикасна заштита и остварување внатре во националниот правен систем, и второ, заштита пред Европскиот суд за човекови права, кој претходно го испитува исцрпувањето на заштитата пред националниот суд.

Законот за судовите, определил дека судовите судат и своите одлуки ги засноваат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, и судиите во примената на правото ги заштитуваат човековите слободи и права (член 2), во судскиот систем судската власт ја вршат основните судови, апелационите судови, Управниот суд и Врховниот суд на Република Македонија (член 22), а во делот кој се однесува на „стварна надлежност на судовите“ се содржани оспорените одредби од членот 35 став 1 точка 6, членот 36 и членот 36-а од Законот кои ја определуваат специфичната надлежност на Врховниот суд на Република Македонија во однос на остварувањето на правото на судење во разумен рок.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, а имајќи ги предвид и одредбите од Законот за судовите, законодавецот со Законот за кривичната постапка, Законот за парничната постапка, Законот за вонпарничната постапка, Законот за општа управна постапка, како и Законот за управните спорови ги уредил надлежноста, процесните правила и правно пропишаните форми на постапување на субјектите и учесниците во постапката за правата на човекот и граѓанинот и правно заснованите интереси.

Судовите ги штитат слободите и правата на човекот и граѓанинот и правата на другите правни субјекти доколку тоа според Уставот не е во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија.

Судот, исто така, оцени дека кога станува збор за судскиот систем, во судската власт управно-судската надлежност се остварува преку управниот спор, со посредство на кој се цени законитоста на одлуките на управните органи и правни субјекти со јавни овластувања, и суштината на управниот спор се изразува во судска контрола на законитоста на решенијата на органите и институциите што одлучуваат за правата и должностите на граѓаните.

Поаѓајќи од наведеното барањата (повикувањето) за заштита на слободите и правата пред судовите е повеќенасочно од цивилно и имотно-правно, кривично-правно до управно-судско и тие барања имаат во националното законодавство на Република Македонија, судска заштита.

Законот за судовите, понатаму во вториот дел насловен „Организација и надлежност“, со одредбите од членовите 30 до 37, ја уредил стварната надлежност на основните судови, апелационите судови, Управниот суд на Република Македонија и на Врховниот суд на Република Македонија.

Со одредбата од членот 35 став 1 точка 6 од Законот, законодавецот утврдил посебна надлежност на Врховниот суд на Република Македонија, а со одредбите од членовите 36 и 36-а од Законот, пропишал како да се оствари оваа надлежност во организацијата на работењето на Врховниот суд на Република Македонија, што во целина се тематска содржина на одредбите од овој дел од Законот.

Како составен дел во правниот поредок на Република Македонија се применуваат одредбите од Конвенцијата за заштита на правата на човекот и основните слободи, која меѓу другото во членот 6 го признава правото на правично и јавно, во разумен рок, пред независен и непристрасен со закон воспоставен суд да бидат разгледани и утврдени граѓанските права и обврски или основаноста на какви било кривични обвиненија против граѓанинот, а во членот 13 од Конвенцијата се упатува првенствено пред националните власти да се остварува правото на жалба заради повреда на правата и слободите признати со оваа Конвенција.

Поаѓајќи од уставната положба на Врховниот суд на Република Македонија определена во членот 101 од Уставот, дека тој е највисок суд во Републиката кој го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите, произлегува уставниот основ за предметната надлежност на Врховниот суд уредена со оспорените одредби од Законот за судовите. Имено, Врховниот суд е одговорен да го обезбеди пред судовите остварувањето на законите, а со тоа и на Конвенцијата во нашиот правен поредок, а оваа уставна функција директно се остварува и со предметната надлежност уредена со оспорените одредби од Законот.

Членот 6 од Конвенцијата на секое лице му гарантира судење во разумен рок и целта на оваа гаранција е да се заштитат сите странки во судската постапка од предолги процедурални одлагања, а правдата да се спроведе без одлагања кои би ја загрозиле нејзината ефикасност и кредибилитет.

Во правниот систем на Република Македонија, постапките (судски и управни) имаат конечна судска заштита во кои може странките да го обжалуваат молчењето или одолговлекувањето на постапките, меѓутоа Врховниот суд на Република Македонија ја има надлежноста да го обезбедува остварувањето на правото на судење во разумен рок признато со правилата и принципите утврдени со Европската Конвенција, што не го исклучува понатаму и правото на заштита пред Европскиот суд за човекови права, ниту тоа со закон е забрането или попречено.

Судот оцени дека надлежноста на Врховниот суд да одлучува по барања на странките и другите учесници во постапката за повреда на правото на судење во разумен рок е посебна правна категорија на делување и одлучување различна по предметот и основот од другата надлежност на Врховниот суд, која се споменува во иницијативата, за одлучување во трет степен по жалбите против одлуките на апелационите судови, па со оглед на тоа што тие надлежности не се во врска како по карактерот на барањето односно жалбата до Врховниот суд, така и по однос на постапката и предметот за одлучување, неспорно е дека од уставен аспект не може да се проблематизира надлежноста на Врховниот суд на Република Македонија за одлучување по барања за заштита од повреда на правото на судење во разумен рок, на што се однесува наводот во иницијативата.

Поаѓајќи од членот 13, во врска со членовите 1 и 35 став 1 од Конвенцијата која упатува првенствено пред националните власти да се остварува правото на жалба за повреда на права и слободи признати со Конвенцијата, треба да се имаат предвид и Препораките REC (2004) 6 на Комитетот на Министри до земјите – членки, за подобрување на домашните правни лекови, донесена на 12 мај 2004 година на 114-тата седница на Комитетот на Министри, од што неспорно произлегува дека заштитата пред Европскиот суд за човекови права има супсидијарна примена која подразбира дека таа следува само по остварување на заштита на прво место на национално ниво во домашниот правен поредок, а за таа цел земјите треба да обезбедат механизми за надзор и заштита во домашното право, што го опфаќа и обесштетувањето.

Со Препораките им е оставено на земјите – членки да одлучат кој систем е најпогоден да обезбеди неопходна заштита на правата на Конвенцијата, имајќи ги предвид нивните уставни традиции и специфични околности. Во нашиот правен систем со закон е востановена заштитата на правото за судење во разумен рок да се остварува пред Врховниот суд на Република Македонија.

Судот оцени дека со предметната законска регулатива не се негира Конвенцијата, туку напротив, станува збор за исполнување на позитивна обврска на државата утврдена во членот 13 од Конвенцијата. Домашниот суд не е поставен во насока на ограничување на надлежноста на Судот во Стразбур, ниту во случајов оспорените законски одредби го регулираат тоа. Притоа, треба да се има предвид дека членот 13 од Конвенцијата не бара заштита во националното право исклучиво да биде востановена пред суд, туку остава можност заштитата да се остварува и во несудско тело односно комисија, а тоа што кај нас во Република Македонија е Врховниот суд е прашање на оценка на законодавецот.

Понатаму, Судот оцени дека од аспект на надлежноста на Врховниот суд на Република Македонија во оспорениот член 35 став 1 точка 6 од Законот, да одлучува во согласност со правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за човекови права и основни слободи и тргнувајќи од судската пракса на Европскиот суд за човекови права, не е спорно дека Конвенцијата е дел од внатрешниот правен поредок на Република Македонија, но текстот на Конвенцијата е нераскинливо поврзан заедно со интерпретацијата од страна на Европскиот суд за човекови права. Врховниот суд во примената на Конвенцијата секако нема да ја постигне нејзината реална имплементација ако се задржи на текстуалниот контекст и негово толкување надвор од јуриспруденцијата на Судот во Стразбур. Практично, тоа значи дека ако домашниот суд ја интерпретира одредбата од Конвенцијата како што пишува без да води сметка и да има увид во праксата на Судот во Стразбур и неговите принципиелни интерпретативни стојалишта, нема да може да ја обезбеди заштитата на правото.

Тргнувајќи од изнесената уставно судска анализа, Судот оцени дека за оспорените одредби од Законот за судовите не може основано да се постави прашањето на уставноста особено ако се има предвид аспектот на наводите во иницијативата со кои се оспорува воопшто заштитата предвидена во домашното право на Република Македонија и начинот на нејзиното остварување, меѓутоа, напротив, со оспорените одредби од Законот за судовите се обебедува целосна афирмација на уставните принципи во заштитата на слободите и правата признати со Конвенцијата за заштита на правата на човекот и основните слободи.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.104/2008
20 ноември 2008 година
С к о п ј е
лк.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply