13/2008-0-0

13/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 ноември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 2 од Правилникот за условите, начинот и програмата за полагање стручен испит за безбедност при работа бр.07-11536, донесен од министерот за труд и социјална политика на 8 ноември 2007 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.138/2007).

2. Милан Петковски, претседател на Македонско здружение за заштита при работа, од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорениот член 2 од наведениот Правилник бил спротивен на член 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа од причина што со актите кои ги донесувал министерот не можело на граѓаните и другите правни лица да им се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропипишувала надлежност на други органи.

Од содржината на иницијативата произлегува дека оспорениот член 2 на правилникот се оспорува во однос на членот 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, како и тоа дека во членот 46 од Законот за безбедност и здравје при работа не било децидно наведено кои лица ќе го полагале стручниот испит за безбедност при работа.

Оспорениот член 2 од Правилникот според подносителот на иницијативата бил спротивен и на член 51 став 1 од Уставот на Република Македонија, поради што му предлага на Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 2 од оспорениот правилник.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 2 од Правилникот, стручното лице за безбедност при работа вработено кај работодавачите и стручните лица вработени кај овластени правни и физички лица, можат да вршат работи од областа на безбедноста при работа, доколку имаат положено стручен испит според овој правилник.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото е утврдено како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Во член 32 став 1 од Уставот е предвидено дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, а во ставот 2 од овој член од Уставот е утврдено дека секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Според ставот 3 на овој член од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Од наведената уставна одредба произлегува дека остварувањето на правата на вработените (заштитата при работа, правото на вработување, а секако и безбедноста и здравјето при работа) се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 91 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршување на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002), министерот меѓу другото, донесува правилници за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон. Според член 56 став 1 од овој закон, со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување, а според член 61 став 1 од овој закон, со актите што ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Со Законот за безбедност и здравје при работа се утврдуваат мерките за безбедност и здравје при работа, обврските на работодавачот и правата и обврските на вработените од областа на безбедноста и здравјето при работа, како и превентивните мерки против професионалните ризици, отстранувањето на ризичните фактори за несреќа, информирање, консултирање, обука на работниците и нивните претставници и нивно учество во планирањето и преземањето на мерки за безбедност и здравје при работа.

Во членот 2 од овој закон е утврдено дека одредбите од овој закон се применуваат во сите дејности на јавниот и приватниот сектор, за сите лица осигурени од повреда на работното место или професионалните болести според прописите за пензиското, инвалидското и здравственото осигурување и за сите други лица кои се вклучени во работните процеси.

Обврските на работодавачот за безбедност и здравје при работа се определени во членот 5 од Законот, при што тој во рамките на неговите обврски, мора да презема мерки потребни за безбедност и здравје при работа на вработените, вклучувајќи заштита од професионални ризици, обезбедување информации и обука и обезбедување соодветна организација и потребни средства (член 5 став 1).

Во ставот 2 од овој член од Законот е утврдено дека работодавачот има обврска да спроведе такви заштитни мерки и да избере такви работни и производствени методи кои ќе го подобрат нивото на безбедноста и здравјето при работа, а ќе се вклучат во сите дејности на работодавачот и на сите нивоа на организацијата.

Работодавачот доколку нема соодветни стручни вработени и техничка опременост, обврските и работите на безбедноста и здравјето при работа може да ги довери на овластени правни и физички лица согласно членот 6 од Законот, при што е должен да им ги даде сите потребни информации и податоци за големината на трговското друштво и за другите релевантни работи како што предвидува членот 6 од Законот.

Понатаму во членовите 9 и 12 од Законот се утврдени основните начела и примената на научно-стручните методи во согласност со современите достигнувања врз основа на кои работодавачот ги спроведува мерките за безбедност, односно ја организира безбедноста и здравјето при работа.

Според членот 18 став 1 од Законот:

1) Работодавачот за вршење на работите од областа на безбедноста при работа мора да назначи едно или повеќе стручни лица.
2) Работодавачот ќе го одреди бројот, видот и степенот на стручно образование во согласност со членот 46 од овој закон, како и:
– организацијата,
– природата и обемот на работниот процес,
– бројот на вработените вклучени во работниот процес,
– бројот на работните смени и
– бројот на одделни работни единици.
3) При извршувањето на стручни задачи кои се однесуваат на безбедноста при работа, стручните лица за безбедност, директно одговараат пред работодавачот.
4) Работодавачот мора да му обезбеди услови (средства) за работа, потполна самостојност на стручното лице при извршувањето на неговите задачи во согласност со овој закон, мора да му дозволи соодветно време и пристап до сите потребни информации и да му овозможи обука и стручно усовршување.
5) Одговорното лице не смее да биде ставено во незавидна ситуација или да има неоправдани последици поради неговите активности поврзани со безбедноста и спречувањето на професионалните ризици.

Тргнувајќи од оваа законска одредба како и другите наведени одредби од Законот произлегува дека во Законот за безбедност и здравје при работа се содржани критериумите, како и условите врз основа на кои министерот надлежен за работите од областа на трудот го утврдува начинот и програмата за полагање стручен испит за безбедност и здравје при работа. Имено, во Законот се содржани јасни законски рамки за облиците на безбедноста и здравјето при работа, при што законодавецот ги утврдил основните начела врз основа на кои работодавачот ги спроведува мерките за безбедност и здравје при работа, ја организира безбедноста и здравјето при работа во зависност од технолошкиот процес, назначува едно или повеќе стручни лица за безбедност или ангажира овластена здравствена установа за вршење стручни задачи, понатаму работодавачот го уредува бројот, видот и степенот на стручно образование и тоа имајќи ја предвид: организацијата, природата и обемот на работниот процес, бројот на работните смени и бројот на одделни работни единици. Според тоа, во конкретниот случај наводите во иницијативата дека во Законот нема параметри, критериуми и дека не било децидно кажано кои лица ќе го положат стручниот испит, не се основани.

Тргнувајќи од наведеното, овластувањето на министерот кој е надлежен за вршење на работите од областа на трудот со правилник да ги утврди условите, начинот и програмата за полагање стручен испит за безбедност при работа, својот основ го има во членот 46 став 2 од Законот за безбедност и здравје при работа. Според тоа, оспорениот член 2 од Правилникот е во согласност со Уставот и законот од причини што со наведениот правилник не се утврдуваат права и обврски за граѓаните како што се наведува во иницијативата, туку со него се операционализираат одредбите од Законот и е во функција на нивна примена, односно извршување од страна на субјектите на кои се однесува Законот, поради што Судот не го постави прашањето за согласноста на оспорениот член 2 од Правилникот за условите, начинот и програмата за полагање стручен испит за безбедност при работа со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 и со членот 51 од Уставот на Република Македонија, како и со членот 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.13/2008
5 ноември 2008 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply