80/2008-0-0

80/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 1 октомври 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 117 став 1 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на деловите од членовите 117 став 1 и 138 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оглед на тоа што со оспорените законски делови по сила на законот, а не како конкретна казна (забрана) што ја изрекува судот во рамките на видовите на кривичните санкции, без да се наведат конкретно и кривичните дела против службената должност за кои лицето било обвинето и му била изречена мерка забрана за вршење на дејност или дејности на лицето што му се одземала дипломата, односно на лицето што му престанува работниот однос, оспорените делови на членот 117 став 1 и членот 138 став 2 од Законот за високото образование не биле во согласност со одредбите на член 8 став 1 алинеја 3, членовите 13 став 1, 14 став 1, 32 став 1 и 2, 44 ставовите 1 и 2, 51, 54 став 1 и 112 став 3 од Уставот на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на член 117 став 1, во делот: „или дека сторил кривично дело поврзано со стекнувањето на дипломата“ и член 138 став 2 во делот: „и ако сторил кривично дело во врска со вршењето високообразовна дејност“ од Законот за високото образование.

3. Судот на седницата утврди ека според членот 117 став 1 од Законот, на студент кој се стекнал со диплома, согласно со овој закон, може да му се одзеде издадената диплома, односно стекнатиот стручен или научен назив ако се утврди дека не ги исполнувал условите за добивање статус на студент на соодветната високообразовна установа, дека се здобил со стручен или научен назив спротивно на условите за стекнување на стручен, односно научен назив утврдени со статутот на високо образовната установа или дека сторил кривично дело поврзано со стекнувањето на дипломата.

Според член 138 став 2 од Законот, на лицето избрано во наставно-научно, наставно и соработничко звање може да му престане работниот однос и пред истекот на времето за кое е избрано, под условите и постапката уредени со статутот, ако се утврди дека подолго време не ги исполнува обврските од ставот 1 на овој член, ако ги попречува законските и статутарните активности на високообразовната установа или ги попречува другите членови во остварувањето на нивните права и извршувањето на должностите во високообразовната установа, ако престанале да постојат основните услови врз основа на кои е извршен изборот и ако сторил кривично дело во вврска со вршењето на високообразовна дејност.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е утврдено како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а согласно член 14 став 1 од Уставот никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Согласно член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот секој има право на работа, слободен избор на вработување и достапност на секое работно место под еднакви услови.

Според член 44 став 1 од Уставот, секој има право на образование, а во ставот 2 на овој член од Уставот е утврдено дека образованието е достапно на секого под еднакви услови.

Во член 54 став 1 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Тргнувајќи од изнесеното при оценување на уставноста на оспорената одредба, Судот оцени дека како првенствен критериум на уставноста треба да бидат одредбите од член 13 и 14 на Уставот кои, меѓу другото, утврдуваат два принципи на казнено-правниот однос, а тоа се, прво, дека за извршеното казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис и второ, дека казната може да се изрече само со судска одлука. Тоа, значи дека казнено правниот однос се исцрпува на релацијата казниво дело и судски изречена казна за неговиот сторител и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот, согласно член 54 став 1 од Уставот.

Со оглед на тоа што во конкретните случаеви со оспорените делови на одредбите од членовите 117 став 1 и 138 став 2 по сила на Законот, а не како казна (забрана) што ја изрекува судот во рамки на видовите на кривичните санкции без да се наведат кривичните дела што се поврзани со стекнувањето на дипломата за кои студентот е обвинет и му е изречена мерка одземање на издадената диплома, односно без да се наведат кривичните дела против службената должност за кои лицето е обвинето и му е изречена мерка забрана за вршење на дејност или дејности на лицето му престанува работниот однос. Судот оцени дека оспорените делови на членовите 117 став 1 и 138 став 2 од Законот не се во согласност со Уставот.

Судот го имаше предвид фактот дека со Одлука У.бр.185/2001 од 26 декември 2001 година Уставниот суд на Република Македонија го укинал членот 46 став 2 во дел од поранешен Закон за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.64/2000), меѓутоа иста содржина која Судот веќе ја укинал е пренесена и во новиот закон кој е предмет на оваа иницијатива.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.80/2008
1 октомври 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply