Одлука У.бр.96/2008

У.бр.96/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 септември 2008 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Упатството за начинот на извршување на налози за извршување и решенија за присилна наплата кои ја задолжуваат трезорската сметка („Службен весник на Република Македонија“ бр.137/2006).

2. Оваа одлука произведуваправно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Елизабета Пупулиева, адвокат од Неготино, со Решение У.бр.96/2008 од 9 јули 2008 година, поведе постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Министерството за финансии во определениот рок од Судот, достави одговор по наводите содржани во Решението за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорениот акт, во кој истакна дека во целост се согласува со наводите содржани во решението во врска со сомнението за согласноста на Упатството во целина, со владеењето на правото како темелна вредност на уставнииот поредок на Република Македонија предвидени во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Токму поради тоа, Министерството и пристапило кон усогласување на Упатството со новиот Закон за платен промет.

5. Судот на седницата утврди дека во точката 17 од Глава III на оспореното Упатство се предвидува дека во случај на целосен или делумен недостиг на средства за извршување на налозите за извршување од точка 7 до точка 16 од ова упатство, Трезорот налозите ги извршува во висина на расположивите средства на сметките на должникот, а за преостанатиот дел ги блокира плаќањата на должникот (освен плаќањата за плати и надоместоци) и сите сметки на должникот (освен сметките на буџетот на донации, сметките на буџетот на заеми, преодните сметки, депозитните сметки и уплатните сметки, кои сметки се нерасположиви за извршување), до потполно извршување на налозите и истите ги заведува во Евиденцијата на примени и извршени налози.

6. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелена вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Во членот 91 алинеја 5 од Уставот на Република Македонија е утврдено дека Владата на Република Македонија донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и со законите.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија„ бр.58/200 и 44/2002), министерот, меѓудругото, донесува упатства за извршување на законите и другите прописи, кога за тоа е овластен со закон. Според член 56 став 3 од овој закон, со упатство се пропишува начинот на постапување во извршувањето на одделни одредби на законите и други прописи.

Во членот 17-б од Законот за платен промет („Службен весник на Република Македонија„ бр.32/2001, 50/2001, ,51/2001, 103/2001, 37/2002, 41/2002, 61/2002, 42/2003 и 13/2006), беше предвидено дека решенијата за присилна наплата кои ја задолжуваат трезорската сметка, односно сметката на должникот која се наоѓа во рамките на трезорската сметка, носителот на платниот промет ги извршува на начин што по истите изготвува налози за извршување кои ги доставува до Трезорот при Министерството за финансии каде што на должникот му се води сметката (став 1). Министертот за финансии поблиску го пропишува начинот на извршување на налозите од став 1 на овој член кога е задолжена трезорската сметка, односно сметка на должникот која се наоѓа во рамките на трезорската сметка.

Постапувајќи во рамките на овластувањата кои произлегувале од цитираната законска одредба, министерот за финансии го донел оспореното упатство.

Собранието на Република Македонија донесе нов Закон за платниот промет кој е објавен во „Службен весник на Република Македонија„ бр.113/2007 на 20 септември 2007 година. Согласно член 63 од овој закон, истиот влегува во сила осмиот ден од објавувањето во „Службен весник на Република Македонија„ (на 28 септември 2007 година), а ќе се применува од 1 јануари 2008 година.

Во членот 62 од истиот закон се предвидува дека со денот на применувањето на овој закон (1 јануари 2008 година) прстанува да важи Законот за платниот промет („Службен весник на Република Македонија„ бр..32/2001, 50/2001, 51/2001, 103/2001, 37/2002, 41/2002, 61/2002, 42/2003 и 13/2006). Од изнесеното произлегува дека оспореното Упатство се заснова врз одредби од Закон кој што престанал да важи, односно кој повеќе не е дел од правниот поредок на државата. Оттаму, во правниот поредок егзистира Упатство кое претставува разработка на непостоечки закон.

Ова, дотолку повеќе што во членот 61 од новиот Закон за платниот промет се предвидува дека подзаконски прописи кои произлегуваат од овој закон ќе се донесат најдоцна до 31 декември 2007 година.

Поради ваквата состојба, Судот оцени дека Упатството во целина не е во согласност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи во правниот поредок можат да егзистираат подзаконски акти кои имаат основ во важечки закон, што овде не е случај.

Од наведените причини Судот утврди дека оспореното Упатство не е во согласност со Уставот на Република Македонија.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и Игор Спировски.

У.бр.96/2008
24 септември 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply