Одлука У.бр.228/2007

У.бр.228/2007-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 јули 2008 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 179 став 2 од Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2007).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија„

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Стамен Филипов од Скопје и Бранко Радојчиќ адвокат од Скопје, со Решение У.бр.228/2007 од 26 март 2008 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 179 став 2 од Законот за банките.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 179 став 2 од Законот за банките кога судот ја уважува тужбата не го поништува оспорениот акт, туку само ја констатира неговата незаконитост, а подносителот на тужбата може по судски пат да покрене постапка за надоместок на штета од Народната банка.

5. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот владе­ењето на правото и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска претставуваат едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според Амандман XXV на Уставот, со кој е заменет член 98 од Уставот на Република Македонија, судската валст ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите како и постапката пред нив се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Од содржината на цитираните уставни одредби јасно произлегува дека видовите, надлежноста, основањето, организаци­јата, составот на судовите, како и постапката пред судовите се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство.

Според член 22 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006) во судскиот систем судската власт ја вршат основните судови, апелационите судови, Управниот суд и Врховниот суд на Република Македонија.

Во член 34 од наведениот закон е утврдена надлежноста на Управниот суд како посебен суд заради обезбедување на судска заштита на правото и правните интереси на физичките и правните лица повредени со акт на орган на државната управа и други органи и организации утврдени со закон.

Во член 10 од наведениот закон е предвидено дека постапката пред судот се уредува со закон и се заснова врз начелата на заемност и легитимност, рамноправност на странките, судење во разумен рок, правичност, јавност, контрадикторност, двостепеност, зборност, усност, непосредност, право на одбрана односно застапу­вање, слободна оцена на доказите и економичност.

Според член 10 став 2 од наведениот закон, е предвидено дека со законите за одделните постапки поблиску се уредуваат начелата на постапките, начините на нивното остварување и можното отстапување кај одделни начела.

Во Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006) е утврдена надлежноста на Управниот суд против кои акти може да се води управен спор, составот на Судот, постапувањето по тужбата пред Управниот суд, видот на одлуките кои ги донесува Судот, вонредните правни лекови, задол­жителноста на пресудата, посебни одредби кои се однесуваат на постапките кога Судот одлучува за барање за заштита на слободите и правата загарантирани со Уставот и преодни и завршни одредби.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, а имајќи ги предвид и одредбите од Законот за судовите законодавецот со Зако­нот за кривичната постапка, Законот за парничната постапка, Законот за вонпарничната постапка, Законот за општа управна постапка како и Законот за управните спорови ги уредил надлежноста, процесните правила и правно пропишаните форми на постапување на субјектие и учесниците во постапката за правата на човекот и граѓанинот и правно заснованите интереси.

Според мислењето на Судот јасно произлегува дека постапките пред судовите се уредуваат со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство, а во Законот за банките е уредено праша­њето за постапката на судската заштита против решенијата на гувер­нерот на Народната банка на Република Македонија.

Имајќи ја предвид содржината на член 179 став 2 од Законот, според кој во случај кога Управниот суд ќе ја уважи тужбата, не го поништува оспорениот акт туку само ја констатира неговата незаконитост, а подносителот на тужбата може по судски пат да покрене постапка за надомест на штета, може да се констатира дека со оваа одредба се пропишува надлежност и постапка на Управниот суд, која се разликува од надлежноста и постапката утврдена за Управниот суд во Законот за управните спорови, според кои во случај кога Судот ја цени законитоста на актот, а ако тужбата се уважува, Судот го поништува оспорениот управен акт.

Со оглед на наведеното,а имајќи го предвид Амандман XXV на Уставот на Република Македонија, според кој законите со кој се пропишува постапката пред судовите се носат со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници, според Судот, со оспорената одреба се создава можност законодавецот, наместо во процесните, во материјалните закони да ја утврдува надлежноста и постапката пред судовите, со што се повредува начелото на владеење на правото, правната сигурност и Амандманот XXV на Уставот на Република Македонија.

Поаѓајќи од изнесеното Судот оцени дека оспорениот член 179 став 2 од Законот за банките не е во согласност со одредбите на Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.228/2007
9 јули 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply