72/2008-0-0

72/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 јули 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка za оценување na уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на измени и дополнување на Деталниот урбанистички план за градска четврт од “Дебар Маало 1“ – Општина Центар, бр.07-1881/18 донесена од Советот на Општината на 25 септември 2007 и објавена во „Службен гласник на Општина Центар“ бр.10.

2. Геновева Белокаповска од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точка 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, со одлуката со која биле направени измените и дополнувањата на оспорениот Детален урбанистички план, скоро сите куќи во “Дебар маало 1“ биле вратени на претходната состојба од пред 10-тина години, односно не биле предвидени нови градежни зафати и тоа на нетранспарентен начин. Тоа значело дека врз неизградените и руинираните куќи, сопствениците повеќе немале можност да ги уредат според своите потреби, со што се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и правната заштита на сопственоста од член 8 став 1 алинеи 3 и 6, како и членовите 30 и 51 од Уставот на Република Македонија.

Во иницијативата понатаму се наведува дека “конзерваторскиот елаборат“ имал одложена примена заради усогласување со Деталниот урбанистички план, кој ќе станал правосилен на 14 јуни 2008 година, кога заштитата на овие недвижни добра ќе биде запишана во катастарската евиденција поради нетранспарентноста на донесување на овие акти граѓаните немале можност за да ставаат свои забелешки. Со тоа општина Центар се ставала во улога на тутор и во име на сопствениците донесувала мерки и забрани спротивни на Уставот, Законот за заштита на културно наследство, како и Законот за просторното и урбанистичкото планирање.

Со оспорената одлука во Деталниот урбанистички план биле вградени забрани и мерки од конзерваторскиот елаборат, кој содржел нереална, неточна и нестручна оценка на имотите на граѓаните на “Дебар Маало 1“ за степенот и вредностите на заштитата од културнота наследство како и наметнати со посебни недопуштени услови во постапка за остварување на право во смисла на доградба, адаптација, реновирање, каде граѓаните неосновано биле доведени и изложени на дополнителни трошоци.

Според тоа, со оспорената Одлука се повредувале членот 8 алинеи 1, 3, 6, 9 и 10, членовите 30, 51 и 56, како и амандманот XVII точка 1 од Уставот на Република Македонија, Законот за заштита на културното наследство и Законот за просторно и урбанистичко планирање, поради што се предлага Судот да поведе постапка за оценување на оспорената одлука.

Воедно, до донесувањето на конечна одлука, подносителот на иницијативата бара Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорената одлука.

До Уставниот сиуд на Република Македонија Кристина Узунова поднесе дополнување на иницијативата на 16 јуни 2008 година (која исто така е потпишана како подносител на првата иницијатива) во која наведува дека по поднесувањето на првата иницијатива надлежните органи забрзано ги формализирале актите, така што Управата за заштита на културното наследство ги одобри за употреба “ИН Пума“ го изработувала оспорениот Детален урбанистички план за “Дебар Маало 1“. Поединечните барања на сопствениците за да се изврши преоценување на заштитата врз нивното недвижно добро не биле респектирани, односно преку задоцнетите одговори повторно се доведувале во заблуда и неизвесност.

Со ова дополнување на иницијативата се доставуваат и известувањата добиени од општина Центар, како и управата за заштита на културното наследство при Министерството за култура.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената Одлука за донесување на измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за градска четврт Дебар Маало 1, Општина Центар ја донела на 25 септември 2007 година.

Според член 1 од оспорената Одлука со неа се донесуваат измени и дополнување на Деталниот урбанистички план за Градска четврт Дебар Маало 1 – Општина Центар, согласно Генералниот урбанистички план на Град Скопје (Службен гласник на Град Скопје бр. 08/2002), Законот за просторно и урбанистичко планирање (Службен весник на РМ бр.51/05), Правилникот за поблиска содржина, размер и начин на графичка обработка на урбанистичките планови (Службен весник на РМ бр.78/06), Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање (Службен весник на РМ бр.78/06).

Според член 2 од оспорената одлука просторот за кој со оваа Одлука се донесуваат измени и дополну­вање на Деталниот урбанистички план за Градска четврт Дебар Маало 1 – Општина Центар, е со површина од 25,60 ха и е во рамките на следните граници: Од север: булевар Илинден
Од исток: ул. 29 ти Ноември се до раскрсницата со улица Радњанска, продолжува по осовината на улица Радњанска се до раскрсницата со улица Орце Николов и продолжува по осовината на улицата Михаил Цоков.
Од југ: бул. Партизански одреди
Од запад: осовина на ул. Франклин Рузвелт“.

Со членот 3 од оспорената одлука се утврдени границите на опфатот од членот 2 на Одлуката.

Во членот 4 од оспорената Одлука е утврдено дека одлуката е направена во седум примероци.

Со членот 5 и 6 од оспорената одлука е предвидено реализирањето на истата, а во членот 7 е утврдено дека оспорената одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Центар – Скопје“.

4. Во текот на претходната постапка, Судот утврди дека Нацрт планот 207-2012 за измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план градска четврт Дебар Маало – 1 Општина Центар е изработен од Друштвото за планирање, проектирање и инженеринг простор ДОО Куманово од 29 јануари 2007 година и заведен под број 08-32/1.

– Министерството за транспорт и врски дал стручно мислење бр.18-751 од 14 март 2007 година во кое е наведено по вградување на сугестиите и забелешките од Стручната ревизија и Стручното милсење на Министерството за транспорт и врски, може да продолжи постапката согласно законската регулатива наведена во дописот на Министерството за транспорт и врски бр.13-10090 од 18 јули 2005 година.

Одговор на извршеното стручно мислење на нацрт-планот дало Министерството за транспорт и врски – Сектор за утврдување на просторот бр.18-751 од 5 март 2007 година. Во заклучокот од овој Одговор е наведено дека планерите постапиле и ги отстраниле евидентираните и прифатени недостатоци во планот.

Градот Скопје, Сектор за планирање и уредување на просторот – одделение за просторно и урбанистичко планирање дал мислење по нацрт-планот бр.13-8 од 21 февруари 2007 година во кое е побарано изнесените забелешки да бидат вградени во планот за да може градот Скопје да даде позитивно мислење.

Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија дал одговор на Стручно мислење до градот Скопје – Сектор за планирање на просторот од март 2007 година, во кој е наведено дека планерите постапиле и ги отстраниле евидентираните и прифатени недостатоци во планот.

На 61-та седница одржана на 28 март 2007 година, Советот на Општина Центар ја донел оспорената одлука.
Градоначалникот на Општината на 2 април 2007 година донел решение бр. 08-679/1 за јавна презентација и јавна анкета по нацрт планот. Соопштението било објавено во јавно гласило “Дневник“. Во членот 3 од наведеното решение се наведува дека јавната презентација ќе се одржи во просториите на урбана заедница “Дане Крапчев“ Скопје, ул. “Алберт Ајнштајн“ бб на 16 април 2007 година во 17 часот, а јавната анкета е предвидено да трае 15 работни дена.

Градоначалникот на Општината со Решение бр. 08-976/1 од 4 мај 2007 година формирал стручна комисија за разгледување на забелешките на нацрт планот и за изготвување на Извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за нацрт планот.

На 30 април 2007 година е одржана јавната репрезентација по нацрт измени и дополнувања на планот за што е составен записник бр. 26-133/4.

По спроведената јавна презентација и јавна анкета е изготвен Извештај од Комисијата формирана од Градоначалникот на Општината заведен под бр. 26-133/16 од 15 јуни 2007 година.

Со наведениот Извештај е утврдено дека за време на јавната анкета од страна на граѓаните биле поднесени 230 приговори – анкетни листови. Комисијата за сите прифатени и неприфатени забелешки составила извештај и писмено ги изветсила сите лица кои имале поднесени анкетни листови, со образложение за прифаќање и неприфаќање на нивните забелешки и предлози. Известувањето е заведено под број 26-133/17 од 15 јуни 2007 година.
Подносителите на иницијативата, Ангелина Радуловиќ, Емилија Бојковска, Тома Тагасовски, Атанас Стојановски, Делка Брмбевска, Зорка Живадиновиќ и Илија Темелков поднеле свои забелешки по нацрт планот, меѓутоа, нивните забелешки Комисијата не ги прифатила, за што им дала одговор со образложение за неприфатените забелешки.

Градот Скопје и секторот за планирање и уредување на просторот со писмо број 07-13-1941/1 од 15 август 2007 година дал позитивно мислење, бидејќи во предлог деталниот урбанистички план биле вградени основните намени и параметри утврдени во Генералниот урбанистички план на Град Скопје.

Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство со Решение број 07-162/6 од 15 јуни 2007 година ги одобрил заштитно-конзерваторските основи за културното наследство во границите на опфатот на Деталниот урбанистички план, “Дебар маало 1“, Општина Центар, Скопје изработени од надлежната установа за заштита на културното наследство, НУ Конзерваторски центар- Скопје.

Министерството за транспорт и врски, Сектор за уредување на просторот дал согласност бр. 16-8033/2 од 10 септември 2007 година во кој се наведува дека “се дава согласност на Предлог на измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план за градска четврт “Дебар маало 1“ (25,6 ха).

Советот на Општина Центар на 25 септември 2007 година ја донел оспорената одлука, која со решение бр. 08-1881/19 од 25 септември 2007 година е објавена во “Службен гласник бр. 10 на Општина Центар“.

5. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се утврдени како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичко планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007 и 151/2007-исправка).

Со член 7 од овој закон се утврдени видовите планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирање, и тоа: просторни планови во кои спаѓа просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план надвор од населено место.
Со член 17 став 5 од Законот се утврдува дека за обезбедување на стручност и јавнот во процесот на просторното и урбанистичко планирање советот на општината и Советот на градот Скопје формира партиципативно тело кое ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица, ги следи состојбите во планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготвување на плански решенија за соодветната општина и градот Скопје. Партицитативното тело се состои од претставници од советот, стручно лице од општинската администрација, истакнати стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, претставници од здруженија на граѓани и граѓани од подрачјето на општината. Бројот на претставниците се утврдува со статутот на општината и Статутот на градот Скопје и не може да биде поголем од десет члена.

Во членот 22 став 1 на овој закон се утврдува дека плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Според член 24 став 1 на овој закон, по нацртот на Деталниот урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета. Според став 2 на истиот член, организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината по утврдување на нацртот на планот од страна на советот. За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Според ставот 4 на овој член од Законот, јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку 15 работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови. Во ставот 5 на овој член, се предвидува дека јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината.

Согласно, пак, член 24 став 6 од овој закон, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината која е составена од три члена и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.

Според член 24 став 7 од Законот, извештајот од ставот 6 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот.

Согласно член 24 став 8 од истиот закон, врз основа на извештајот, комисијата од ставот 6 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите збелешки или предлози.

Според ставот 9 на членот 24 од Законот, доколку комисијата од ставот 6 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промени на намената на земјиштето и промена во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацрт на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета.

Според ставот 10 на членот 24 од Законот, времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот, како и образложенија на планските решенија.

Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Макекдонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Тргнувајќи од наведената законска регулатива, како и увидот и анализата на доставената документација за донесување на оспорената Одлука во делот што се оспорува со иницијативата, Судот смета дека општина Центар како орган за донесување на наведената одлука, во деловите кои се оспоруваат со иницијативата ги спровела законски определените дејствија во постапката за донесување на истата.

Имено, наводите во иницијативата дека измените на нацрт планот биле донесени нетранспарентно не се основани од причина што општина Центар согласно членот 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, Градоначалникот на Општината донел Решение бр. 08-679/1 од 2 април 2007 година за јавна презентација и јавна анкета по нацрт планот. Соопштението било објавен во јавното гласило “Дневник“, јавната презентација се одржела во просториите на урбана заедница “Дане Крапчев“, ул. “АлбертАјнштајн“ бб. На 16 април 2007 година во 17 часот, а јавната анкета била предвидена да трае 15 работни дена.

По однос на наводите во иницијативата дека заштитно конзерваторските основи кои тие ги нарекуваат конзерваторски елаборат кој имал одложена примена и дека поради тој елаборат трпеле последици со тоа што не можеле да ги уредуваат нивните куќи според нивните потреби со што се повредувал членот 30 од Уставот Судот оцени дека заштитно конзерваторските основи согласно членот 11 став 6 од Законот се законска обврска во постапката за донесување на деталниот урбанистички план. Имено, согласно член 11 став 6 од Законот за просторното и урбанистичко планирање, деталните урбанистички планови во кои постојат споменични целини и градби од културно и историско значење, треба да содржат детални параметри за заштита, како и детални параметри за архитектонските елементи (фасадни елементи, употреба на материјали, бои и слично) според заштитно конзерваторските основи.

Според член 70 став 1 од Законот за заштита на културното налседство (Службен весник на Република Македонија бр. 20/2004 и 115/2007), со просторен и урбанистички план не можат да се променат заштитно-правниот статус и режимот на заштита, ниту границите на заштитеното добро и на неговата контактна зона, утврдени со актот за заштита.

Според ставот 4 на овој член од Законот, акт за заштита на недвижно добро кое со просторен и урбанистички план е предвидено да добие статус на заштитено добро, може да се донесе ако режимот на заштита и границите на контактната зона на доброто не се во спротивност со планот. Ако актот за заштита не биде донесен во рок од една година од денот на донесувањето на планот, доносителот на планот може да врши измена на планот и да утврди друг режим на уредување и користење на просторот на кој се наоѓа таквото добро, а во ставот 6 на овој член од Законот е утврдено дека заштитно-конзерваторските основи ги одобрува и заверува Управата.

Согласно член 72 став 1 на овој закон, при изработката на нацртот на просторен и урбанистички план, изработувачот на планот е должен да ги почитува заштитно-конзерваторските основи од членот 71 на овој закон.

Од наведените законски одредби произлегува дека во врска со односот помеѓу плановите и актите за заштита е определен и рокот во кој треба да биде донесен актот за заштита на недвижното добро, кој ако не се донесува во рок од една година од денот на донесувањето на планот, доносителот на планот може да изврши измена на планот и да утврди друг режим на уредување и користење на просторот на кој се наоѓа таквото добро.

Според тоа, заштитно конзерваторските основи немаат одложена примена заради усогласување на деталниот урбанистички план, како што наведуваат подносителите на иницијативата, туку овозможува заштита од градежни интервенции на објектите во рок од една година од донесувањето на планот. Тоа е период во кој надлежниот орган ќе утврди или нема да утврди статус на споменик на културата на поединечен објект.

Во членот 75 став 1 од Законот е утврдено дека заради оцена на доследната примена на заштитно-конзерваторските услови, Ѕправата дава заштитно-конзерваторска согласност на проектната и друга техничка документација за недвижното културно наследство од особено значење.

Според ставот 2 на членот 75 од Законот, заради оцена на доследната примена на заштитно-конзерваторските услови, Управата дава заштитно-конзерваторско мислење на проектната и друга техничка документација за заштитени недвижни добра со статус поинаков од оној од ставот 1 на овој член.

Од утврдената фактичка состојба произлегува дека Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство, со Решение бр. 08-604/7 од 14 јуни 2007 година, ги одобрувал заштитно-конзерваторските основи за културното наследство во границите на опфатот на деталниот урбанистички план “Дебар маало 1“, општина Центар, Скопје (бр.01-162/4 од 8 јуни 2007 година) изработени од надлежната установо за заштита на културното наследство НУ Конзерваторски центар – Скопје.

Оттука, наводите во иницијативата дека оспорената одлука со која се направени измените и дополнувањата на предметниот Детален уртбанистички план не била во согласност со заштитно-конзерваторските основи не се основани, поради што Судот утврди дека не може да се постави прашањето на нејзината согласност со Уставот, Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и Законот за заштита на културното наследтво.

Дополнувањето на иницијативата поднесена од Кристина Узунова во кое се наведуваат дописите што ги добила од Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство, според Судот тие не се релевантни за устоавно-судска оцена на оспорената Одлука.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.72/2008
9 јули 2008 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply