126/2007-0-0

126/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 јули 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 200-к ставовите 1, 2 и 3, член 200-л, член 200-њ, член 200-п и член 200-ф од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/1991, 46/1993, 55/1995, 10/2004, 84/2005, 111/2005, 65/2006, 5/2007 и 77/2008).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на:
– уставноста на член 200-к став 4 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/1991, 46/1993, 55/1995, 10/2004, 84/2005, 111/2005, 65/2006 и 5/2007) и
– уставноста и законитоста на Правилникот за критериумите за склучување договори и за начинот на плаќање на здравствените услуги на здравствените установи кои вршат специјалистичко-консултативна стоматолошка здравствена заштита, донесен од Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија на 9 февруари 2007 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/2007).

3. Ристо Николоски, Софија Кофкароска-Ристеска, Валентина Гешоска-Велеска, Виолета Ристеска, Гоце Тутески, Снежана Крстеска, Вангел Мошков, Лидија Карилоска и Роберто Ацески – сите од Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот и уставноста и законитоста на Правилникот означени во точка 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, членот 200-к од Законот определувал трансформација, односно приватизација на стоматолошката здравствена заштита, при што тоа требало да се разбере како приватизација на примарната стоматолошка здравствена заштита, а не и на специјалистичко-консултативната односно секундарната стоматолошка здравствена заштита како што се протетиката, ортодонцијата, оралната хирургија. Но, од примената на законската одредба произлегувало дека таа се разбира како приватизација и на примарната и на секундарната стоматолошка здравствена заштита, со што законската одредба создавала нееднаква положба меѓу докторите-стоматолошки специјалисти и докторите-специјалисти од другите медицински дејности на штета на стоматолошките специјалисти со оглед дека тие немаат право и можност да бараат дали ќе се приватизираат или ќе останат во јавното здравство. Покрај тоа, докторите-стоматолошки специјалисти кои се вработени во здравствените домови, биле ставени во нееднаква положба и во однос на докторите-стоматолошки специјалисти кои се вработени во други јавни здравствени организации.

Членот 200-л од Законот определува издавање во закуп на делови од просторот и опремата на јавните здравствени организации на стоматолошки здравствени работници со високо образование, но во практиката просторот и опремата се издавале и на лица без високо образование (на пример, на забните техничари со средно образование). Покрај тоа, со член 200-њ од Законот се предвидува издавање на деловен простор од јавната здравствена организација и на вработените кои вршат административни, технички и други помошни работи, со што овие одредби – 200-л и 200-њ, создавале нееднаквост меѓу овие и другите вработени лица во здравствените установи кои не вршеле такви работи.

Членот 200-п од Законот се оспорува затоа што давањето право на здравствените установи да вршат приватизација врз основа на програми што самите установи ги донесуваат, а тоа значело без критериуми и по субјективна волја на директорите, создавало, исто така, нееднаквост.

Членот 200-ф од Законот определува одвојување на просторот, опремата и кадарот во рамките на јавните здравствени организации според тоа дали тие припаѓале на примарната здравствена заштита или на специјалистичко-консултативната стоматолошка здравствена заштита и болничка здравствена заштита, но во практиката не било постапувано по тој член.

Според наводите во иницијативата, оспорениот правилник бил донесен без претходно добиено мислење и согласност од Стоматолошката комора и другите стручни стоматолошки здруженија, а што произлегувало како обврска за Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија од член 56 на Законот за здравственото осигурување. Покрај тоа, донесувањето на Правилникот значело одвојување на специјалистичко-консултативната стоматолошка здравствена заштита од специјалистичко-консултативната здравствена заштита и определување на нееднаков третман и различен начин на плаќање на нивните услуги од страна на Фондот, со што Правилникот ги ставал докторите-стоматолошки специјалисти во понеповолна положба во однос на другите специјалисти, а имало нееднаквост и меѓу специјалистите-ортодонти и специјалистите-протетичари бидејќи процентите за забниот техничар вработен кај тие специјалисти бил различен.

Врз основа на тоа, во иницијативата се наведува дека законските одредби и Правилникот определувале различни права за иста категорија на работници, дека создавале нееднаков третман и дискриминаторски однос, а тоа не било во согласност со членовите 8, 9, 32, 34 и 35 од Уставот на Република Македонија.

4. а) Во член 200-к ставовите 1, 2 и 3 од Законот, кои одредби важат сега и кои се востановени со Законот за изменување и допополнување на Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија„ бр.84/2005), се определува: „Деловите од објектите и опремата и постојните јавни зравствени установи во кои се врши примарна здравствена заштита, стоматолошка здравствена заштита и фармацевтска дејност се трансформираат, односно се приватизираат по пат на издавање под закуп на простор и опрема, под услов закупецот да основа приватна здравствена установа за вршење на соодветна дејност, во согласност со овој закон„. (став 1); „За вршење на дејнсота од ставот 1 на овој член во јавните здравствени установи под закуп се издаваат просторот и опремата на деловите кои претставуваат организациона просторна, техничка и функционална целина (во натамошниот текст: организациона единица)„ – став 2; „Владата на Република Македонија, по предлог на Министерството за здравство може да донесе одлука по пат на закуп да се трансформираат, односно приватизираат и други делови од јавните здравствени установи„ (став 3);

Во член 200-к став 1 од Законот, која одредба беше востановена со Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија„ бр.10/2004) односно пред измената на Законот во 2005 година („Службен весник на Република Македонија„ бр.84/2005), беше определено: „Објектите и опремата на постојните јавни здравствени организации и просторот и опремата на нивните делови во кои се врши фармацевтска дејност што не се приватизирале според овој закон, како и просторот и опремата на деловите на јавните здравствени организации во кои се врши примарна стоматолошка дејност, можат да се издаваат под услов да се основа приватна здравствена установа за вршење на соодветната дејност согласно со овој закон„ (став1).

Одредбата од член 200-к на Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија„ бр.10/2004) беше предмет на оценување од Уставниот суд на Република Македонија, при што Судот не поведе постапка за нејзината уставност (Решение У бр.92/2004 од 14 јули 2004 година).

Споредувајќи ја одредбата од член 200-к став 1 на Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија„ бр.84/2005), која важи сега, со одредбата од член 200-к став 1 на Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија„ бр.10/2004), која важеше претходно, произлегува дека сегашната одредба од член 200-к став 1 предвидува трансформација односно приватизација на деловите од објектите и опремата на постојните здравствени установи во кои се врши целокупната стоматолошка здравствена заштита (освен исклучоците на таа заштита утврдени во ставот 4 на истиот член од Законот), а не приватизација само на примарната стоматолошка дејност како што сметаат подносителите на иницијативата.

Во член 200-л од Законот се определува: „Организациона единица се издава под закуп на еден или повеќе здравствени работници со високо образование кои ги исполнуваат условите пропишани со овој закон (во натамошниот текст: закупец)“ -став 1; „При издавањето под закуп приоритет имаат здравствените работници од ставот 1 на овој член кои се распоредени на работни места во таа организациона единица најмалку шест месеца пред денот на влегувањето во сила на овој закон„ (став 2).

Во член 200-њ од Законот се определува: „Под закуп може да се издава деловен простор од постојните здравствени установи на вработените кои вршат правни, финансиски, административно-технички, сметководствени и други помошни работи заради самостојно вршење на тие работи„ (став 1); „При издавањето под закуп на деловниот простор од ставот 1 на овој член соодветно се применуваат одредбите од членот 200-л став 2, членот 200-љ и членот 200-м на овој закон„ (став 2).

Членот 200-п од Законот предвидува: „Организационите единици од членот 200-к став 2 и деловниот простор од членот 200-њ став 1 на овој закон се издаваат под закуп врз основа на програма што ја донесува јавната здравствена установа на која министерот за здравство дава согласност„.

Во член 200-ф од Законот се определува: „Постојните јавни здравствени организации (здравствени станици, здравствени домови и медицински центри) должни се во рок од шест месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон (тоа е 15 март 2004 година, н.з.) да извршат поделба на просторот, опремата и кадарот меѓу примарната здравствена заштита и фармацевтската, односно стоматолошката дејност од специјалистичко консултативната и болничка здравствена заштита, како и на деловниот простор за вршење на работите од членот 200-њ на овој закон и да предложат кои организациони единици, односно деловен простор можат да се издаваат под закуп„.

б) Имајќи ги предвид причините поради кои се оспоруваат законските одредби, а тие се нееднаквоста меѓу: стоматолошките специјалисти и специјалистите од другите медицински дејности, стоматолошките специјалисти вработени во здравствени домови и стоматолошките специјалисти вработени во другите јавни здравствени установи, меѓу другите вработени во здравствените домови, Судот оцени дека определувањето различни правила за различни здравствени специјалисти во различни јавни здравствени установи, како и различни правила за други дејности кои се разликуваат меѓу себе и кои се помошни во однос на здравствената заштита, а во врска со добивање во закуп на простории и опрема во објектите на јавните здравствени установи, не претставува повреда на начелото на еднаквоста. Имено, суштината на тоа начело е постоење на исти правила за исти субјекти во иста ситуација односно различни правила за различни субјекти во иста или различна ситуација.

Со оглед на тоа што оспорените законски одредби предвидуваат различни правила за различни субјекти и различни јавни здравствени установи, во врска со добивањето во закуп на простории и опрема во објектите на јавните здравствени установи, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со начелото на еднаквоста определено во член 9 од Уставот на Република Македонија.

5. Во однос на прашањата покренати со иницијативата за примената на наведените законски одредби, согласно на член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува за таквите прашања.

6. а) Судот на седницата утврди дека во член 200-к став 4 од Законот се определува: „Под закуп не можат да се издаваат организациони единици во јавните здравствени установи што вршат итна медицинска помош и домашно лекување, итна стоматолошка помош, превентивна здравствена заштита на предучилишни и училишни деца до 18 години, поливалентна патронажа, дел од службите на медицината на трудот, превентивна стоматолошка заштита и организациони единици на Стоматолошкиот клинички центар, според критериумите кои со општ акт ќе ги утврди министерот за здравство„.

Судот, исто така, утврди дека наведената законска одредба престана да важи со член 21 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија„ бр.77/2008), кој влезе во сила на 5 јули 2008 година.

б) Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што оспорениот член 200-к став 4 од Законот престана да важи, односно не е дел од позитивниот правен поредок на Република Македонија, постојат процесни пречки за одлучување по тој дел од иницијативата, поради што Судот одлучи согласно означената одредба од Деловникот на Уставниот суд.

7. а) Во врска со оспорениот правилник, Судот утврди дека тој е донесен врз основа на член 56 став 1 точка 3 и член 69 став 1 од Законот за здравственото осигурување. Правилникот содржи општи одредби за тоа дека се однесува на утврдување критериуми за склучување договори и за начинот на плаќањето на здравствените услуги, дадени на осигурените лица во специјалистичко-консултативната стоматолошка здравствена заштита – протетика, ортодонција и орална хирургија, кои паѓаат на товар на фондот (членовите 1-2). Потоа, Правилникот содржи критериуми за склучување на договор (членовите 3-6), основи за утврдување на надоместокот за вршење на наведената стоматолошка здравствена заштита (членовите 7-8), начинот на плаќањето на тие услуги (член 9) и преодни и завршни одредби (членовите 10-11).

б) Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што оспорениот правилник беше оценуван и од аспектите покренати во оваа иницијатива, како и што сега нема основи за поинакво одлучување, Судот одлучи согласно наведената одредба од Деловникот на Уставниот суд.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.126/2007
9 јули 2008 година
С к о п ј е
лк/сд-Ју

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply