203/2007-0-0

203/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 јули 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 2 ставовите 1 и 2 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за начинот на плаќањето на здравствените услуги во примарната здравствена заштита, донесен од Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија на 15 декември 2006 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.137/2006).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од Правилникот уредувале прашање на потребни кадри за основање и работење на здравствените организации. Притоа, се смета дека тоа прашање не било опфатено со член 69 став 1 од Законот за здравственото осигурување како прашање што се уредува со општ акт на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, туку таа материја била определена со член 92 став 2 и со член 121 став 2 од Законот за здравствената заштита да се уредува со општ акт на Министерството за здравство, заедно со поблиско уредување на просторните услови и на опремата потребни за ос новање и работење на здравствените организации. Во таа смисла, Министерството за здравство донело Правилник за поблиските просторни услови, опремата и кадрите за основање и работење на здравствените организации („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/1992, 25/1996, 48/2002, 30/2005 и 62/2006) и ги утврдило и потребните кадри за здравствените организации.

Оттука, подносителот на иницијативата смета дека со донесувањето на оспорените одредби од наведениот правилник, Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија ги пречекорил дадените законски овластувања, поради што се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 91 алинеи 1 и 5 и член 96 од Уставот на Република Македонија, член 69 став 1 од Законот за здравственото осигурување, член 92 став 2 и член 121 став 2 од Законот за здравствената заштита, како и членовите 55 став 2, 56 став 1 и 61 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Истовремено, се предлага Судот да ја има предвид Одлуката У.бр.37/2001, донесена од Уставниот суд на Република Македонија на 6 јуни 2001 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.48/2001), со која се укина член 9 став 2, во определени делови, од Законот за здравственото осигурување, а од која интервенција произлегувало дека Фондот за здравственото осигурување на Македонија не може да определува стандарди и нормативи, па и во однос на кадрите кои ја спроведуваат здравствената заштита односно неможат да го опреде-луваат квалитетот и количината на примарната здравствена заштита.

3. Судот на седницата утврди дека член 2 став 1 од Правилникот гласи: „Во членот 5, став 2 по зборот “установа“ се додаваат зборовите “за тимот“.“ Судот, исто така утврди дека член 2 став 2 од Правилникот гласи: „По ставот 2 се додава нов став 3 кој гласи: „Тимот на избраниот лекар се состои од лекар од соодветната дејност и медицинска сестра“.“

Понатаму, Судот утврди дека членот 5 од основниот текст на Правилникот, кој се дополнува со оспорените одредби гласи: Член 5 став 1: „Плаќањето на услугите на здравствената установа на избраниот лекар од примарната здравствена заштита се врши по склучу вање на договор според бројот на осигурените лица кои избрале лекар во здравствената установа помножен со соодветниот број на поени на надоместокот за капитација“. Според член 5 став 2 од основниот текст на Правилникот: „Надоместок за капитација, во смисла на овој правилник, е потенцијален месечен износ на надоместок кој осигуреното лице може да го донесе како износ кој се плаќа на здравствената установа за тимот (оспорен дел, н.з.) на избраниот лекар за обезбедување на услугите од членот 2 на овој правилник.“ (Услугите од членот 2 се: основни здравствени услуги во примарната здравствена заштита кои ги плаќа Фондот и здравствени услуги од примарна здравствена заштита опфатени со посебни програми). Во член 5 став 3 од основниот текст на Правилникот се определува дека: „Тимот на избраниот лекар се состои од лекар од соодветната дејност и медицинска сестра.“

Судот оцени дека оспорениот член 2 ставовите 1 и 2 од Правилникот за изменување и дополнување …., гледан како дел од поширока целина односно како дел од член 5 на основниот текст на Правилникот, го прецизира тимот на избраниот лекар во примарната здравствена заштита од аспект на определување надоместок за капитација (паушално надоместување на трошоците), што е дел од начинот на плаќањето на услугите на здравствената установа од страна на Фондот заради нивно вршење на примарна здравствена заштита во врска со задолжителните здравствени услуги. Оспорените одредби, гледани како дел од член 5 на основниот текст на Правилникот, не го уредуваат прашањето на потребните кадри за основање и работење на здравствените установи во примарната здравствена заштита, како што смета подносителот на иницијативата.

4. Според член 56 став 1 точка 3 од Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија„ бр.25 /2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003,84/2005, 37/2006, 18/2007 и 36/2007): „Управниот одбор на Фондот ги врши следниве работи: ги донесува општите акти предвидени со овој закон“. Според член 69 став 1 од истиот закон: „Фондот со општ акт утврдува критериуми за склучување на договори со здравст-вените установи, начинот на склучувањето на договорите и за начинот на плаќањето на здравствените услуги според: бројот на осигурените лица во примарната здравствена заштита; утврдените цени на здравствените услуги; програмите за одделни видови здравствена заштита односно услуги и други критериуми.“

Од изнесените законски одредби произлегува дека Фондот за здравствено осигурување на Македонија донесува општи акти, покрај другото, и за начинот на плаќањето на здравствените услуги според бројот на осигурените лица во примарната здравствена заштита, утврдените цени на здравствените услуги, програмите за одделни видови здравствени услуги и други критериуми.

Со оглед на тоа што оспорените одредби од Правилникот го прецизираат тимот на избраниот лекар во примарната здравствена зашатита од аспект на определување надоместок за капитација, што е дел од начинот на плаќањето на услугите на здравствената заштита од страна на Фондот заради нивно вршење на примарна здравствена заштита во врска со задолжените здравствени услуги, Судот оцени дека таквите одредби од Правилникот се во согласност со означените законски одредби и се во согласност со одредбите од Уставот на Република Македонија и законите наведени во иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.203/2007
2 јули 2008 година
С к о п ј е
лк/ју/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply