86/2008-0-0

86/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 јули 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 28 и целината на Колективниот договор за здравствена дејност на Република Македонија, склучен помеѓу Министерството за здравство и самостојниот Синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија на 3 мај 2006 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2006).

2. Стамен Филипов од Скопје и Панче Докузов, адвокат од Штип на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 од ова решение.

Во иницијативата поднесена од Стамен Филипов се оспорува член 28 од Колективниот договор за здравствена дејност на Република Македонија, бидејќи, како што се тврди во иницијативата, членот не бил во согласност со Уставот на Република Македонија и Законот за работни односи. Имено, со воведувањето на дежурства заради обезбедување на континуирана здравствена заштита, неосновано му се давало права на работодавачот фактичката прекувремена работа преку дежурствата да ја третира како да не постои. На тој начин, оспорената одредба овозможувала да се злоупотребуваат правата од работен однос на работникот и истиот да биде правно незаштитен. Оттука, оспорената одредба од Колективниот договор не била јасна и прецизна со што се повредувал членот 8 став 1 алинеи 1 и 3, членот 9, членот 32, членот 51 и членот 54 ставовите 1, 2 и 3 од Уставот на Rепублика Македонија и членовите 117 и 120 од Законот за работни односи.

Според наводите во иницијативата поднесена од Панче Докузов, оспорениот Колективен договор за здравствена дејност на Република Македонија не бил усогласен во временскиот период предвиден во членот 269 став 1 од Законот за работните односи, поради што истиот, согласно член 269 став 2 од истиот закон требало да престане да важи. Поради ова, подносителот на иницијативата предлага оспорениот пропис да се поништи, бидејќи истиот не е во согласност со член 8 и член 52 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот Колективен договор за здравствената дејност на Република Македонија содржи 9 точки и тоа: 1. Општи одредби; 2. Посебен дел; 3.Плати; 4. Услови за работа на Синдикатот; 5. Надомест на штета; 6. Прсетанок на работен однос; 7. Заштита на правата на аработниците; 8. Завршни одредби и 9. Усогласување на прописите.

Оспорениот член 28 од Колективниот договор е содржан во точката 2. „Посебен дел„, потточка 2.6. Работно време„.

Според член 28 од Колективниот договор, работодавачот може да воведе дежурства заради обезбедување на континуирана здравствена заштита во случаите кога не е во состојба, односно кога не постојат услови за обезбедување на континуирна здравствена заштита од работа и слично.

4. Според членот 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во однос на одредбите од Уставот кои се однесуваат на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, со членот 32 став 5 е определено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Во Уставот се предвидени и норми за обезбедување на остварувањето на основните слободи и права и тоа во делот кој се однесува на гаранциите на основните слободи и права. Во тие рамки, со членот 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во делот на гаранциите на основните слободи и права од Уставот е поместен и членот 52, според кој законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила (став 1). Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија„ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување (став 2). Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од објавувањето во Службен весник на Република Македонија, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето (став 3). Законите и другите прописи неможат да имаат повратно дејство освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните (став 4).

Во членот 1 став 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија„ бр.62/2005) е утврдено дека со овој закон се уредуваат работнтие односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Според став 2 на овој член од Законот, работниот однос се уредува со овој или друг закон, колективен договор и договрот за вработување.

Законот за работните односи содржи и посебна глава посветена исклучиво на колективните договори. Имено, во главата ХIХ од Законот, насловена како „Колективни договори„ се уредени скоро сите прашања од значење на колективните договори и тоа: видовите на колективни договори; примената и важноста на колективните договори; предметот на колективното договарање; лицата кои ги обврзува колективниот договор; обликот на колективниот договор; учесниците во склучувањето на колективен договор; репрeзентативност на синдикатот, условите за определување на репрезентативноста на синдикатот; условите за определување на репрезентативност на работодавачите …, предложување и престанок на важноста на колективен договор, објавувањето на колективните договори и друго.

Членот 269 став 1 од Законот, кој е поместен во делот на преодните и завршните одредби од Законот, предвидува дека постојните колективни договори и акти на работодавачот ќе се усогласат со овој закон најдоцна во рокот од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон, а во ставот 2 на овој член од Занокот е предвидено дека колективните договори кои нема да се усогласат во рокот определен во ставот 1 на овој член престануваат да важат.

Од наведените одредби на членот 269 од Законот произлегува дека склучените колективни договори пред влегувањето во сила на овој закон престануваат да важат по сила на самиот Закон доколку нема да се усогласат во рок од шест месеци од денот на неговото влегување во сила. Со ваквата определба на законодавецот, според Судот се афирмира уставното начело, кое е преземено и утврдено во самиот Закон за работните односи, според кое колективните договори треба да бидат во согласност со Устав и закон, за која цел всушност законодавецот ја утврдил и обврската за усогласување на постојните колективни договори со Законот во определениот рок, а во спротивно истите престануваат да важат.

Тргнувајќи од фактот што Законот за работните односи е објавен во „Службен весник на Република Македониија„ на 28 јули 2005, а влегол во сила на 5 авгулст 2005 година, од кога и тече рокот за усогласување на постојните колективни договори, законскиот рок од шест месеци истекол на 5 февруари 2006 година. Оттука, имајќи го во вид наведеното, како и фактот дека оспорениот Колективен договор е донесен на 3 мај 2006 година, според Судот во конкретниов случај не станува збор за усогласување, бидејќи предходниот колективен договор, согласно член 269 став 2 од Законот за работните односи престанал да важи по сила на Законот, туку станува збор за новодонесен колективен договор во согласност со одредбите на Законот за работните односи, донесен од страна на репрезентативните страни.

Од причини што оспорениот колективен договор како нов е склучен и објавен во месец мај 2006 година, што значи по истекот на шест месеци од влегувањето во сила на Законот за работни односи (5 август 2005 година – 5 февруари 2006) во вакуум просторот од 5 февруари 2006 година до 3 мај 2006 год (кога е донесен колективниот договор, а објавен на 15 мај 2006 година) согласно член 269 став 3 од Законот за работните односи, до склучувањето на колективните договори и донесувањето на актите на работодавачите, непосредно се применуваат одредбите на овој закон. Оттука, произлегува дека уредувањето на правата и обврските од работен однос во здравствената дејност до донесувањето на оспорениот Колективен договор се регулирало со непосредна примена на одредбите на Законот за работните односи.

Поаѓајќи од изнесеното правно мислење произлегува дека оспорениот колективен договор не претставува усогласен колективен договор, туку нов колективен договор, дотолку повеќе што во членот 126 од истиот се предвидува дека престанува да важи претходниот Колективен договор за здравствената дејност на Република Македонија.

По однос на наводите содржани во иницијативата поднесена од Стамен Филипов, за оценување на уставноста и законитоста на член 28 од Колективниот договор за здравствена дејност на Република Македонија, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и Законот за работните односи.

Имено, оспорениот член 28 од Колективниот договор е поместен во точката 2 со наслов „Посебен дел„, и потточка 2.6 со наслов „Рабоно време„. Според овој член работодавачот може да воведе дежурства заради обезбедување на континуирана здравствена заштита во случаите кога не е во состојба, односно кога не постојат услови за обезбедување на континуирана зравствена заштита со работа во смени.

Од содржината на цитираната одредба од Колективниот договор јасно произлегува дека во случајов станува збор за дежурства, односно посебна категорија на прекувремена работа во здравството која се регулира во членот 118 од Законот за работните односи. Според овој член од Законот, кој ја регулира прекувремената работа во здравството (дежурство), дежурството во здравствените установи како прекувремена работа се уредува со прописите од областа на здравството.

Од анализата на наведената законска одредба, јасно произлегува дека интенцијата на законодавецот е со прописите од областа на здравството да се конкретно уредува дежурството во здравствените установи како прекувремена работа.

Токму во таа насока, со оспорената одредба на членот 28 од Колективниот договор за здравствена дејност на Република Македонија децидно се определува начинот на воведување дежурства со цел обезбедување континуирана здравствена заштита во ситуација кога не постојат услови за обезбедување на континуирана здравствена заштита со работа во смени.

Поради наведеното Судот утврди дека оспорената одредба од Колективниот договор е во согласност со Уставот на Република Македонија и членовите 117 и 120 од Законот за работнтите односи, на кои што се укажува во иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.86/2008
2 јули 2008 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply