182/2007-0-0

У.бр.182/2007

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 мај 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 13 став 2 точка 1, член 83 став 2 точка 3 и на член 152 став 2 точка 5 од Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2007).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста
на член 13 став 2 точка 2, во делот: „прекршочна санкција, односно“, и на член 83 став 2 точка 4, во делот: „прекршочна санкција, односно“ од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата најнапред се укажува на содржината на оспорените одредби: дека, според член 13 став 2 од означениот закон, акционер со квалификувано учество во банка не може да стане лице или правно лице контролирано од лице кое е осудено со казна затвор за кривични дела од областа на банкарството и финансиите (точка 1) или на кое му е изречена прекршочна санкција (точка 2); дека, според член 83 став 2, лице со посебни права и одговорности во банка не може да биде лице кое е осудено со казна затвор за кривични дела од областа на банкарството и финансиите (точка 3) или на кое му е изречена прекршочна санкција (точка 4); дека, според член 152 став 2 од Законот, член на администрацијата се отповикува кога е осуден за кривично дело (точка 5).

Потоа, подносителот на иницијативата укажува на член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија, дека пред донесувањето на правосилна судска одлука граѓанинот не може да трпи штетни последици, и на член 14 став 2 од Уставот, дека никој не може повторно да биде суден за дело за кое е донесена правосилна судска одлука. Оттука, иницијаторот наведува дека правните последици од осудата не може да се утврдуваат со закон и да настапуваат автоматски по сила на закон, туку тоа може да се прави само со правосилна судска одлука, односно дека казнено-правниот однос се исцрпува на релацијата казниво дело и судски изречената казна за неговиот сторител и натамошни последици за сторителот не се допуштени.

Со оглед на тоа што правните последици од осудата настапиле по сила на закон, а не како казна што ја изрекува судот, подносителот на иницијативата смета дека со оспорените одредби се повредени правата на граѓаните односно дека оспорените одредби го повредуваат член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 9, член 13 став 1, член 14 став 2, член 32 ставовите 1 и 2, член 51 и член 54 ставовите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.

4. а) Судот на седницата утврди дека оспорениот член 13 став 2 точките 1 и 2 е систематизиран во Глава III – „Основање на банка“, оддел 2 – „Акционери“ од Законот за банките. Во член 13 став 1 од Законот се определува дека: „акционер на банка може да стане домашно и странско правно и физичко лице“.

Оспорениот член 13 став 2 точките 1 и 2 гласат: „Акционер со квалификувано учество во банка не може да стане лице или правно лице контролирано од лице кое е осудено со казна затвор за кривични дела од областа на банкарството и финансиите“ (точка 1) и „на кое му е изречена прекршочна санкција, односно казна забрана за вршење професија, дејност или должност“ (точка 2).

Инаку, под „квалификувано учество во банка“ се подразбира директно или индиректно поседување на најмалку 5% од вкупниот број на акции или од издадените акции со право на глас во банка или кои овозможуваат значително влијание врз управувањето со банката (член 2 точка 21 од Законот).

Според мислењето на Судот, оспорениот член 13 став 2 точка 2 од Законот значи дека акционер со квалификувано учество во банка не може да стане лице на кое му е изречена прекршочна санкција забрана за вршење професија, дејност и должност (која санкција е предвидена како посебен вид прекршочна санкција во член 13 став 1 точка 5 од Законот за прекршоците – „Службен весник на Република Македонија“бр.62/2006), како и лице-сторител на кривично дело на кое му е изречена казна забрана за вршење на професија, дејност и должност (која казна е предвидена како посебен вид казна во член 33 став 1 точка 3 од Кривичниот законик – „Службен весник на Република Македонија“бр. 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006 и 7/2008), а не дека не може да стане акционер со квалификувано учество во банка лице на кое му е изречена било која прекршочна санкција, како што иницијаторот ја интерпретира таа законска одредба.

б) Оспорениот член 83 став 2 точките 3 и 4 од Законот е систематизиран во Глава IX – „Органи на банка и управување на банка“. Притоа, во член 83 став 1 се предвидува дека: „лице со посебни права и одговорности во банка задолжително треба да има соодветно високо образование и познавање на прописите од областа на банкарството и/или финансиите и да има соодветно искуство кое обезбедува сигурно и стабилно управување со банката“.

Оспорениот член 83 став 2 точките 3 и 4 гласат: „Лице со посебни права и одговорности во банка неможе да биде лице кое е осудено со казна затвор за кривични дела од областа на банкарството и финансиите“ (точка 3) и „на кое му е изречена прекршочна санкција, односно казна забрана за вршење професија, дејност или должност“ (точка 4).

Инаку, под „лице со посебни права и одговорности“ се подразбира физичко лице кое е член на надзорен одбор, член на управен одбор, член на одбор за ревизија, член на одбор за управување со ризици и други раководни лица во банката согласно со статутот на банката (член 2 точка 26 од Законот).

Судот оцени дека и оспорениот член 83 став 2 точка 4 од Законот треба да се разбере во смисла: лице со посебни права и одговорности не може да биде лице на кое му е изречена прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, ниту лице на кое му е изречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност, предвидени како санкции во член 13 од Законот за прекршоците и во член 33 од Кривичниот законик, а не дека не може да стане лице со посебни права и одговорности секое лице на кое му е изречена било која прекршочна санкција како што иницијаторот ја разбира таа законска одредба.

в) Оспорениот член 152 став 2 точка 5 од Законот е систематизиран во Глава XV „Мерки“ што може да ги преземе гувернерот на Народната банка на Република Макеоднија кон банките и тие се: редовни мерки (оддел 1), дополнителни мерки (оддел 2), администрација (оддел 3), повлекување на согласноста (оддел 4) и укинување на дозвола за основање и работење и за статусни примени (оддел 5).

Оспорениот член 152 од Законот е сместен во одделот 3 – „Администрација“ и гласи: „Гувернерот донесува решение за отповикување на член на администрација кога е осуден за кривично дело“ (став 2 точка 5).

Инаку, под „администрација“ се подразбира именување од гувернерот администратори во деловна банка кога е загрозена солвентноста на банката, кога банката не ги презема дополнителните мерки изречени од гувернерот, кога надзорниот одбор на банката не поднесе план за подобрување на состојбата на банката, …(член 139 став 1 од Законот за банките).

5. Според член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија: „лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука“. Според член 14 став 2 од Уставот: „Никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука“.

Од изнесените уставни одредби, покрај другото, произлегува дека само со правосилна судска одлука може да се утврди постоење вина на граѓанин и да се определи казна за граѓанинот како последица за конкретно утврдената вина. Излегувањето надвор од рамките на односот казниво дело и судски изречената казна за неговиот сторител претставува повреда на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, меѓу кои се еднаквоста (член 9), правото на работа, слободен избор на вработување, достапност на секое работно место секому под еднакви услови (член 32 ставовите 1 и 2).

Со оглед на тоа што со член 13 став 2 точка 1, член 83 став 2 точка 3 и член 152 став 2 точка 5 од Законот се излегува надвор од рамките на односот казниво дело и судски изречената казна за неговиот сторител, на тој начин што со закон и надвор од евентуално изречена судска казна се определуваат и други последици за определени граѓани, со што им се ограничуваат уставно утврдени слободи и права, пред Судот се постави прашањето за нивната согласност со член 13 став 1 и член 14 став 2 од Уставот на Република Македонија.

Судот ги ценеше наводите во мислењето на Народна банка на Република Македонија за потребата од постоење и такви критериуми заради одржување здрав, стабилен и сигурен банкарски систем, како и наводите за таквите правни основи во други држави и меѓународните стандарди за тоа, вклучително и Базелскиот принцип 3 , но оцени дека под критериумот-непостоење негативна регулаторна пресуда од Базелскиот принцип 3 се подразбира непостоење судска пресуда со која се забранува вршење професија, дејност или должност, како што смета и Уставниот суд, а не забрана пропишана со закон, како што е определено во напред наведените законски одредби, поради што Судот не ги прифати тие наводи како основани.

6. Во однос на определувањето, во член 13 став 2 точка 2 и член 83 став 2 точка 4 од Законот, акционер со квалификувано учество во банка, како и лице со посебни права и одговорности, да не може да стане лице на кое му е изречена прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, како и лице на кое му е изречена кривична казна забрана за вршење на професија, дејност или должност, Судот смета дека таквите одредби се во рамките на наведените уставни одредби со оглед дека таа санкција се изрекува со судска одлука и врз основа на утврдена вина на граѓанинот, поради што не го постави прашањето за согласноста на оспорените одредби со Уставот на Република Македонија.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов, а во однос на точката 1 од ова решение со мнозинство гласови.

У.бр.182/2007
28 мај 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply