242/2007-0-0

242/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 мај 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за усвојување на измена и дополна на Детален урбанистички план на град Гостивар за урбан блок 3-урбан модул 8, донесена од Советот на општина Гостивар на 29 март 2006 година и заведена под број 07-41/1.

2. Ибраим Снопче од Гостивар на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение. Поради тоа, подносителот на иницијативата појасни дека поднел иницијатива за оценување на законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план на град Гостивар бр.08-273/1, донесена од Собранието на општина Гостивар на 14 јуни 1994 година, во делот што се однесува на КП.бр.1288 по повод тогашната поднесена иницијатива, Судот утврдил дека во нацрт-планот не бил предвиден станбен објект на КП.бр.1288, кој пак, бил предвидвиден во оспорениот план, при што тој објект не бил внесен во планот врз основа на нечија забелешка или барање, туку без тоа. Со тоа на граѓаните не им била дадена можност да стават забелешки на таквото урбанистичко решение односно да го остварат правото на учество во уредување на просторот. Со тоа Судот утврдил дека оспорената одлука во наведениот дел, не била донесена во постапка предвидена со Законот, поради што, таа во тој дел не била во согласност со законските прописи и тогаш ја укинал.

Собранието на општина Гостивар постапило според одлуката на Уставниот суд на Република Македонија и ја избришало градежната маркица на наведената катстарска парцела.

Подносителот на иницијативата ги заштитил своите законски права со Одлуката на Уставниот суд но само привремено поточно до 2004 година кога неговиот сосед повторно почнал постапка за издавање на одобрение за градба на горенаведената парцела и повторно била донесена Одлука за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план на град Гостивар, во делот што се однесува на КП.бр.1288 повторно во иста нецелосно спроведена законска постапка, како и во 1994 година.

Понатаму, подносителот на иницијативата до Главниот архитект на град Гостивар поднел барање за бришење на маркица на предвиден станбен објект на КП.бр.1288 во КО Гостивар од причина што подносителот не знаел ниту пак можел да знае во која фаза се наоѓале измените и дополнувањата на Деталнииот урбанистички план за да може да ги оствари своите уставни и законски права онака како што на тоа укажал Уставниот суд по повод претходната иницијатива. На тоа барање не му било одговорено, а на предметната парцела веќе се преземале градежни дејствија и веќе било несомнено дека Деталниот урбанистички план во тој дел претрпел измени и дополнувања. Подносителот на иницијативата смета дека измените на планот биле спротивни на членовите 24 и 31 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и на членовите 17 и 30 од Уставот на Република Македонија, поради што бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Одлука.

3. Судот на седницата утврди дека Одлуката за усвојување на измена и дополна на Детален урбанистички план на град Гостивар за урбан блок 3-урбан модул 8 ја донел Советот на општина Гостивар на 29 март 2006 година и заведена под број 07-41/1.

Според член 1 од оспорената Одлука, се усвојува измена и дополна на ДУП на град Гостивар за урбан Блок 3 – урбан модул 8 и ги опфаќа овие граници: од северна страна пешачка патека, од источна страна Бул. „Б. Ѓиновски“, од јужна страна Ул. „М. Ч. Филипоски“, од западна страна крак на Ул. „М. Ч. Филипоски“. Според член 2 од оспорената Одлука, измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план се прикажуваат во текстуалниот и графичкиот приказ што претставува составен дел на оваа одлука, а во членот 3 е утврдено дека оваа одлука стапува во сила со денот на објавувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на општина Гостивар“.

Судот, исто така, утврди дека измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план на град Гостивар за урабн блок 3 – урбан модул 8 се донесени согласно Програмата за изработка и донесување на урбанистички планови во општина Гостивар во 2005 година донесена на седница на Советот одржана на 17 февруари 2005 година на предлог на главниот архитект на градот Гостивар.

Советот на општина Гостивар на седницата одржана на 26 декември 2005 година донесе Одлука бр.07-470/1-2 за пристапување кон изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план на град Гостивар за урбан блок 3.

Градоначалникот на општината на 7 февруари 2006 година донел Одлука за организирање на Јавна анкета по нацрт-планот заведено под бр.08-40/6. Јавната анекта траела 15 работни дена од 13 февруари 2006 година до 3 март 2006 година.

Со писмо бр.08-40/8 од 9 февруари 2006 година до Радио „Гостивар“ е доставено соопштението за изменување и дополнување на нацрт-планот.

По завршување на јавната презентација и јавната анкета, градоначалникот на општината формирал Комисија за разгледување на псимените приговори од јавната анкета.

Комисијата на 8 март 2006 година ги разгледала писмените приговори и изготвила записник во кој констатирала дека за време на јавната анкета биле поднесени седум приговори од кои само еден бил прифатен.

Од Извештајот за јавната презентација и јавната анкета може да се констатира дека подносителот на иницијативата не поднел приговор.

Министерството за транспорт и врски, Сектор за уредување на просторот дал Согласност на Предлог Деталниот урбанистички план за урбан влок 3 – урбан модул 8 во Гостивар (0,38 ха) 2005-2010 година – Општина Гостивар на 27 март 2006 година заведен под број 08-40/2, во кој е наведено дека Министерството за транспорт и врски по разгледување на доставеното барање и приложената докуметнација, согласно Законот ја издава бараната Согласност.

Советот на општина Гостивар на 29 март 2006 година ја донел оспорената одлука.

4. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македо­нија, уредувањето и хуманизаци­јата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се утврдени како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Условите и начинот на системот на просторното и урба­ни­стичкото планирање, видовите и содржината на плановите, израбо­ту­вањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичко планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007 и 151/2007-исправка). Во Глава VI „Преодни и завршни одредби“ на овој закон, во член 80 е утврдено дека постапката за донесување на урбанистичките планови започната пред денот на примената на овој закон (1 јули 2005 година) ќе про­дол­жи според одредбата на законот кој бил во сила на денот на неговото отпочнување, доколку урбанистичкиот план ја поминал фазата на стручна расправа или фазата на јавна анкета и јавна презентација.

Со оглед на тоа што постапката за донесувањето на оспорената Одлука почнала пред влегување во сила на новиот Закон за просторно и урбанистичко планирање од 2005 година, но не ја поминала фазата на стручна расправа или фазата на јавната анкета и јавната презентација, анализата на правната и фактичката состојба се врши во однос на новиот закон.

Со член 7 од овој закон се утврдени видовите планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирање, и тоа: просторни планови во кои спаѓа просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урба­ни­стички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план надвор од населено место.
Со член 17 став 5 од Законот се утврдува дека за обезбе­дување на стручност и јавност во процесот на просторното и урбани­с­тичко планирање советот на општината и Советот на градот Скопје формира партиципативно тело кое ги пренесува ставовите, мисле­ња­та и потребите на граѓаните и правните лица, ги следи состојбите во планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготву­вање на плански решенија за соодветната општина и градот Скопје. Партиципативното тело се состои од претставници од советот, струч­но лице од општинската администрација, истакнати стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, претставници од здруженија на граѓани и граѓани од подрачјето на општината. Бројот на претстав­ниците се утврдува со статутот на општината и Статутот на градот Скопје и не може да биде поголем од десет члена.

Во членот 22 став 1 на овој закон се утврдува дека пла­но­вите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Според член 24 став 1 на овој закон, по нацртот на детал­ниот урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета. Според став 2 на истиот член, организирањето на јав­на­та презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината по утврдување на нац­р­тот на планот од страна на советот. За спроведената јавна презен­та­ција и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Според ставот 4 на овој член од Законот, јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку 15 работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови. Во ставот 5 на овој член, се предвидува дека јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината.

Согласно, пак, член 24 став 6 од овој закон, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината која е соста­вена од три члена и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко пла­нирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбани­стичкото планирање.

Според член 24 став 7 од Законот, извештајот од ставот 6 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот.

Согласно член 24 став 8 од истиот закон, врз основа на извештајот, комисијата од ставот 6 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образло­жение за прифаќање или неприфаќање на неговите збелешки или предлози.

Според ставот 9 на членот 24 од Законот, доколку коми­сијата од ставот 6 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регу­ла­ционите линии, промени на намената на земјиштето и промена во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градона­чал­никот на општината за нацрт на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета.

Според ставот 10 на членот 24 од Законот, времето и мес­тото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопш­те­ние во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи пода­тоците, местоположбата и површината на опфатот на планот, како и образложенија на планските решенија.

Од изнесените законски одредби произлегува дека зако­нодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хумани­за­цијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната сре­дина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Макекдонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за про­сторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Тргнувајќи од наведената законска регулатива, како и увидот и анализата на доставената документација за донесување на оспорената Одлука во делот што се оспорува со иницијативата, Судот утврди дека општина Гостивар како орган за донесување на наведената одлука, во деловите кои се оспоруваат со иницијативата ги спровела законски определените дејствија во постапката за донесување на истата.

Имено, наводот во иницијативата дека општината не спровела јавна анкета и јавна презентација е неоснован од причина што од доставената документација е утврдено дека Градоначалникот на општината донел Одлука бр.08-40/6 од 7 февруари 2006 година за организирање на јавна анкета по Нацрт-детален урбанистички план за урбан блок 3 – урбан модул 8 на град Гостивар.

Исто така, од Извештајот на Комисијата за разгледување на поднесените приговори е констатирано дека подносителот на иницијативата не поднел приговор по нацрт-планот.

Оттука, имајќи го предвид наведеното, а во контекст на наводите во иницијативата Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Уставот и Законот.

Судот, исто така, го имаше во предвид и наводот во мислењето на Советот на општина Гостивар дека градежната парцела на КП.бр.1288 на подносителот на иницијативата не било опфатено со измените и дополнувањата на наведениот урбанистички план. Советот на општината како доказ за овој навод достави примерок од катастарски подлог заверен и потпишан од страна на општината.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.242/2007
28 мај 2008 година С С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply