151/2007-0-1

У.бр.151/2007-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 април 2008 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 7 точка 2) во делот „спроведува финансиска истрага за кривични дела од областа на организиран финансиски криминал, кои се гонат по службена должност и“ од Законот за финансиската полиција („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2007).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.151/2007 од 30 јануари 2008 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 7 точка 2 од Законот за финансиската полиција, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека со Законот за финансиската полиција се уредува организацијата, надлежноста, раководењето, начинот на вршење на работата, овластувањата и одговорноста на финансиските полицајци.

Во оспорениот член 7 точка 2) од наведениот закон покрај другите надлежности на финансиската полиција е утврдено дека финансиската полиција има надлежност да „спроведува финансиска истрага за кривични дела од областа на организиран финансиски криминал кои се гонат по службена должност и“.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредости на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 106 став 1 од Уставот, јавниот обвинител е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши други работи утврдени со закон.

Според Амандман XXV со кој се заменува член 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите, кои се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Видовите, надлежноста, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, кој се донесува со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број пратеници.

Поаѓајќи од наведените уставни одредби законодавецот со Законот за кривичната постапка ги уредил процесните правила и правно пропишаните форми на постапување на субјектите и учесниците во кривичната постапка со која се обезбедува уставното начело на презумпција на невиност.

Во функција на остварување на ова начело Законот за кривичната постапка го сообразил постапувањето на надлежните органи кои имаат задача да ги откриваат, гонат и судат сторителите на кривични дела.

Според овој закон, истрагата е стадиум во кривичната постапка во која овластените државни органи преземаат одредени процесни дејствија кога постои основано сомнение дека определено лице сторило кривично дело. Истрагата се спроведува по барање на јавниот обвинител кое се поднесува до истражниот судија на надлежниот суд.

Барањето за спроведување истрага се однесува на конкретно едно или повеќе лица за едно или повеќе дела со што се определуваат димензиите на субјективниот и објективниот идентитет помеѓу барањето на јавниот обвинител и истрагата.

Иако барањето за истрага на јавниот обвинител или овластениот тужител е процесна претпоставка, таа нема задолжителен карактер. Имено, истражниот судија е тој кој по приемот на барањето испитува дали постојат материјалноправни и процесноправни претпоставки за истрага, па врз основа на тоа донесува решение за спроведување на истрага, од кој момент се смета дека е започната кривичната постапка.

Истражниот судија по правило пред да донесе решение за спроведување на истрага го испитува лицето против кое се бара спроведување на истрага освен доколку постои околноста за опасност од одлагање.

Од напред наведеното произлегува дека за да се преземат одделни дејствија, во секој случај, претходно треба да биде донесено решение за спроведување на истрага.

Истрагата ја спроведува истражниот судија при што одделни дејствија може да ги довери на органите за внатрешни рабити, овластените лица на Царинската управа и на Финансиската полиција.

Имајќи го предвид наведеното може да се заклучи дека по донесување на решение за спроведување на истрага, истрагата ја спроведува истражен судија и е одговорен за законитоста и ефикасноста на истрагата. Спроведувањето на истрагата е право и должност на истражниот судија кој одлучува за времето, местото и редоследот на преземање на истражни дејствија.

Притоа, по барање на истражен судија финансиската полиција може да преземе одредени оперативно технички дејствија кога се работи за откривање на кривични дела и нивни сторители и на прибавување на докази заради кривично гонење на сторителот на кривичното дело како што се даночно затајување, перење пари и други приноси од казниво дело, криумчарење, недозволена трговија и други кривични дела кои вклучуваат поголеми и значителни износи на данок, царина и други приходи.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, одредбите од Законот за кривичната постапка во кои е уредено прашањето на истрагата како процесно дејствие кое е во надлежност на истражниот судија по чие барање во истрагата за преземање на одредени оперативни дејствија може да биде вклучена и Финансиската полиција, а имајќи ја предвид содржината на оспорениот член 7 став 2 во делот каде е предвидено дека финансиската полиција спроведува истрага, Судот оцени дека формулација остава можност истрагата како процесно дејствие гледано од кривично правен аспект да ја спроведува финансиската полиција наместо истражен судија на кој начин не се доведува во прашање начелото на владеење на правото, начелото на поделба на власта и Амандман XXV од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.151/2007
16 април 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply