151/2007-0-0

151/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 јануари 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 7 точка 2) во делот „спроведува финансиска истрага за кривични дела од областа на организиран финансиски криминал, кои се гонат по службена должност и“ од Законот за финансиската полиција („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2007).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 5 став 4 во делот „и согласно со овој закон имаат овлатување 24 часа на ден“ од законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на делови од членовите 5 став 4 и 7 точка 2 од Законот за финансиската полиција.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 5 став 4 во делот “и согласно со овој закон имаат овластување 24 часа на ден” се повредени член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 став 4, член 51, член 54 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија. Ова затоа што ваква или слична одредба не постоела во ниеден закон во Република Македонија, што оваа одредба се однесувала само за вработените од 1 и 2 група од став 2 на членот 5, што значи дека овие полицајци се значително овластени и оптеретени во однос на другите државни службеници во финансиската полиција од трета група. Според тоа со оспорениот дел од одредбата се правел нееднаков третман на граѓаните во Република Македонија во слободите и правата по однос на општествената положба. При сето тоа со оспорениот член се повредувале и правата на ограничено работно време кое обично се внесува само во дежурните служби.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 7 точка 2 во делот “спроведува финансиска истрага за кривични дела од областа на организиран финансиски криминал кои се гонат по службена должност и” не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 51 и член 106 став 1 од Уставот како и со Амандман XXV од Уставот на Република Македонија, затоа што со него се доведувало во прашање начелото на поделба на власта на законодавна, извршна и судска и начелото на владеењето на правото, затоа што спроведувањето на истрага за кривични дела како процесно дејствие било во исклучива надлежност на истражен судија, а не на финансиската полиција.

4. Судот на седницата утврди дека со Законот за финансиската полиција се уредува организацијата, надлежноста, раководењето, начинот на вршење на работата, овластувањата и одговорноста на финансиските полицајци.

Во оспорениот член 7 точка 2) од наведениот закон покрај другите надлежности на финансиската полиција е утврдено дека финансиската полиција има надлежност да „спроведува финансиска истрага за кривични дела од областа на организиран финансиски криминал кои се гонат по службена должност и“.

Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредости на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 106 став 1 од Уставот, јавниот обвинител е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши други работи утврдени со закон.

Според Амандман XXV со кој се заменува член 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите, кои се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Видовите, надлежноста, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, кој се донесува со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број пратеници.

Поаѓајќи од наведените уставни одредби законодавецот со Законот за кривичната постапка ги уредил процесните правила и правно пропишаните форми на постапување на субјектите и учесниците во кривичната постапка со која се обезбедува уставното начело на презумпција на невиност.

Во функција на остварување на ова начело Законот за кривичната постапка го сообразил постапувањето на надлежните органи кои имаат задача да ги откриваат, гонат и судат сторителите на кривични дела.

Според овој закон, истрагата е стадиум во кривичната постапка во која овластените државни органи преземаат одредени процесни дејствија кога постои основано сомненние дека определено лице сторило кривично дело. Истрагата се спроведува по барање на јавниот обвинител кое се поднесува до истражниот судија на надлежниот суд.

Барањето за спроведување истрага се однесува на конкретно едно или повеќе лица за едно или повеќе дела со што се определуваат димензиите на субјективниот и објективниот идентитет помеѓу барањето на јавниот обвинител и истрагата.

Иако барањето за истрага на јавниот обвинител или овластениот тужител е процесна претпоставка, таа нема задолжителен карактер. Имено, истражниот судија е тој кој по приемот на барањето испитува дали постојат материјалноправни и процесноправни претпоставки за истрага, па врз основа на тоа донесува решение за спроведување на истрага, од кој момент се смета дека е започната кривичната постапка.

Истражниот судија по правило пред да донесе решение за спроведување на истрага го испитува лицето против кое се бара спроведување на истрага освен доколку постои околноста опасност од одлагање.

Од наведеното произлегува дека за да се преземат одделни дејствија, во секој случај, претходно треба да биде донесено решение за спроведување на истрага.

Истрагата ја спроведува истражниот судија при што одделни дејствија може да ги довери на органите за внатрешни рабити, овластените лица на Царинската управа и на Финансиската полиција.

Имајќи го предвид наведеното може да се заклучи дека по донесување на решение за спроведување на истрага, истрагата ја спроведува истражен судија и е одговорен за законитоста и ефикасноста на истрагата. Спроведувањето на истрагата е право и должност на истражниот судија кој одлучува за времето, местото и редоследот на преземање на истражни дејствија.

Притоа, по барање на истражен судија финансиската полиција може да преземе одредени оперативно технички дејствија кога се работи за откривање на кривични дела и нивни сторители и на прибавување на докази заради кривично гонење на сторителот на кривичното дело како што се даночно затајување, перење пари и други приноси од казниво дело, криумчарење, недозволена трговија и други кривични дела кои вклучуваат поголеми и значителни износи на данок, царина и други приходи.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, одредби од Законот за кривичната постапка во кои е уредено прашањето на истрагата како процесно дејствие кое е во надлежност на истражниот судија по чие барање во истрагата за преземање на одредени оперативни дејствија може да биде вклучена и Финансиската полиција, а имајќи ја предвид содржината на оспорениот член 7 став 2 во делот каде е предвидено дека финансиската полиција спроведува истрага, пред Судот со основ се постави прашањето дали наведената формулација не остава можност истрагата како процесно дејствие гледано од кривично правен аспект да ја спроведува финансиската полиција наместо истражен судија и дали на тој начин не се доведува во прашање начелото на владеење на правото и начелото на поделба на власта и Амандман XXV од Уставот.

5. Судот, понатаму утврди дека во член 5 став 2 од Законот за финансиската полиција, вработените во финансиската полиција во зависност од службените задачи кои ги извршуваат се класифицирани во III групи и категории.

Според став 3 на член 5 вработените во финансиската полиција од I и II група од став 2 на овој член имаат високо образование, а вработените во III група на став 2 на овој член имаат средно образование.

Според став 4 на член 5 од Законот, сите вработени од I и II група од став 2 на овој член, по назив на работно место се финансиски полицајци во финансиската полиција и согласно со овој закон имаат овластување 24 часа на ден (оспорен дел).

. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 4 од Уставот секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор и од овие права вработените не можат да се откажат.

Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 51 став 1 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а според став 2 на овој член секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот слободата и правото на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според став 2 на овој член слободата и правото на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена и вонредна состојба според одредбите од Уставот.

Од наведените уставни одредби меѓу другото произлегува дека сите права, обврски и должности што произлегуват од работниот однос, а кои ја определуваат положбата на вработените се предмет на уредување на закон и колективен договор, при што при уредувањето на тие односи треба да се почитуваат уставните принции на владеењето на правото и правото на еднаквост на граѓаните.

Во насока на операционализација на наведените уставни одредби и начела, прашањето во врска со работниот однос на општ начин се уредени со Законот за работните односи, а поради специфичниот вид и карактер, одредени прашања се уредени со посебни закони, меѓу кои се Законот за финансиската полиција и Законот за државните службеници.

Со Законот за финансиската полиција, покрај другото, се уредуваат и специфичностите во правата, обврските и одговорностите на финансиската полиција од работен однос, кодексот на однесување, дисциплинската одговорност, награди и признанија како и финансирањето.

Во Глава X од Законот за финансиската полиција “Специфичности во правата, обврските и одговорностите на финансиските полицајци во работните односи” е предвидено дека на финансиските полицајци кои согласно член 5 од наведениот закон се групирани во I и II група со високо образование се применува Законот за финансиската полиција, Законот за работните односи и општите и посебни прописи од областа на здравственото, пензиското и инвалидско осигурување и Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријтија, државните органи, оганите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност доколку со овој закон поинаку не е уредено, а државните службеници во финансиската полиција кои согласно членот 5 се во III група и се со средно образование, се применува Законот за државни службеници.

Понатаму во членот 47 од Законот за финансиската полиција е предвидено дека поради потребите на службата, а по наредба на непосредниот раководител, финансиските полицајци може да работат во смени или со варијабилно работно време и прекувремено работење, за што согласно член 44 од наведениот Закон финансиската полиција има право на додаток на плата од 30%, 40% или 50%.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби и целината на Законот за финансиската полиција наспрема оспорениот дел на член 5 став 4 од Законот Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани. Ова затоа што финансиските полицијаци од I и II група се категоризирани како работници со посебни овластувања кои ги имаат во текот на 24 часа на ден имајќи го предвид специфичниот карактер на надлежностите. Имено, дефинираното овластување на финансиските полицајци да дејствуваат 24 часа на ден според Судот наоѓа основ и оправдување во посебните карактеристики и природата на работите кои спаѓаат во нивна надлежност, а кои се во функција на спречување нелегални финансиски активности, односно активна борба против организираниот финансиски криминал како и откривање на кривични дела на даночно затајување, перење на пари, даночни, банкарски, осигурителни, берзански и други измами.

По однос на наводите од иницијативата дека финансиските полицајци од I и II група се наоѓаат во нееднаква положба во однос на државните службеници кои се категоризирани во III група, исто така, се неосновани. Ова затоа што финансиските полицајци од I и II група кои имаат посебни овластувања и се со високо образование, а државните службеници од III група кои се со средно образование, не се наоѓаат во еднаква правна положба, поради што не може да се постави прашањето за повреда на начелото на еднаквост.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.151/2007
30 јануари 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply