147/2007-0-0

147/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 26 декември 2007 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ член 1 став 1 во делот „основните начела на организацијата“ и членовите 5, 6, 25 и 27 од Деловникот на народниот правобранител („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/2005).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.147/2007 од 21 ноември 2007 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Деловникот означен во точка 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и со Законот за народниот правобранител.

4. Судот на седницата утврди дека Деловникот е донесен врз основа на член 47 од Законот за народниот правобранител („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2003). Според оваа законска одредба „Народниот правобранител за својата работа донесува Деловник за работа на народниот правобранител“ (став 1), при што „со Деловникот за работа на народниот правобранител поблиску се уредуваат начинот на работењето и постапката пред народниот правобранител“ (став 2).

Во оспорениот член 1 став 1 од Деловникот се определува дека „Со овој деловник поблиску се уредуваат основните начела на организацијата, постапката и начинот на работа на народниот правобранител и други прашања значајни за работата на народниот правобранител“.

Понатаму, Судот утврди дека со член 5 од Деловникот се определува дека „Народниот правобранител:
– го претставува и раководи со органот;
– ги следи состојбите во однос на обезбедувањето, почитувањето и заштитата на уставните и законските права на граѓаните и почитувањето на начелата на недискриминација и соодветна правична застапеност на припадниците на заедниците;
– укажува, сугерира и дава мислења за несоодветна примена на законите и прописите и дава иницијативи за нивно изменување и дополнување;
– определува начини, форми и методи за поефикасно остварување на работите од својата надлежност;
– изготвува годишен извештај за работата на народниот правобранител и го доставува до Собранието на Република Македонија;
– ги определува замениците кои постапуваат по областите утврдени со овој деловник;
– свикува колегиум и раководи со него;
– донесува програма за работа и се грижи за нејзино спроведување;
– донесува подзаконски и други акти за работа на органот и се грижи за нивната примена;
– до Собранието на Република Македонија поднесува предлог за бројот на замениците на народниот правобранител;
– до Собранието на Република Македонија поднесува предлог за избор и разрешување на заменици на народниот правобранител;
– именува генерален секретар;
– учествува во работата на посложени предмети и дава согласност за постапување;
– врши прием на странки;
– дава посебни и општи овластувања на вработените;
– го утврдува распоредот на замениците кои го заменуваат во случај на негова спреченост за вршење на функцијата;
– врши и други работи во согласност со Устав, закон, со овој деловник и други општи акти“.

Со член 6 од Деловникот се определува дека „замениците на народниот правобранител ги вршат работите и задачите за кои се овластени од народниот правобранител, а особено:
– постапуваат по претставките од областа за која се определени од народниот правобранител;
– ги следат состојбите во однос на обезбедувањето, почитувањето и заштитата на уставните и законските права на граѓаните и почитувањето на начелата на недискриминација и соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците од областа за која се определени;
– раководат со постапката по предметите и го известуваат народниот правобранител за ставовите и мерките што треба да се преземат;
– ги следат и проучуваат законите и другите прописи и можат да даваат иницијативи за нивно изменување и дополнување;
– укажуваат, сугерираат и даваат мислења за несоодветна примена на законите и другите прописи;
– замениците избрани за подрачните канцеларии раководат со канцелариите и по овластување на народниот правобранител постапуваат по претставки;
– замениците избрани за подрачните канцеларии за својата работа на народниот правобранител му поднесуваат месечен писмен извештај;
– вршат други работи што ќе им ги определи народниот правобранител“.

Исто така, Судот утврди дека со член 25 од Деловникот се определува дека „Народниот правобранител нема да покрене постапка во случаите предвидени во член 20 од Законот за народниот правобранител, освен:
– ако станува збор за повреда на права на поголем број граѓани, мололетни, немоќни и лица со одземена деловна способност иако претставката е анонимна;
– во случај кога од претставката може да се констатира повреда на правата и ако содржината е навредлива за органот;
– ако од содржината на претставката може да се утврди за кое право и за кој орган станува збор и покрај тоа што истата не е дополнета;
– ако постојат правни можности за испитување на претставката и преземање мерки од страна на одредени инспекциски органи иако Народниот правобранител не е надлежен да постапува спрема субјектот кој ги повредил правата и
– ако од оправдани причини подносителог го пропуштил рокот, односно поради подолготрајна болест, отсуство од земјата и слично е изминат рокот од една година или доколку не се изминати општите рокови на застареност за водење на управната постапка“.

Покрај тоа, Судот утврди дека во член 27 од Деловникот се определува дека „Народниот правобранител, кога е тоа можно, во текот на постапката се зазема за спогодбено решавање на предметот“ (став 1), дека „со спогодбеното решавање на предметот постапката по предметот се смета за завршена“ (став 2) и дека „спогодувањето мора да биде во согласност со Уставот и законите“ (став 3).

5. Според член 77 став 4 од Уставот на Република Македонија „условите на избор и разрешување, надлежноста и начинот на работата на народниот правобранител се уредуваат со закон“.
Од изнесената уставна одредба, покрај другото, произлегува дека надлежноста и начинот на работата на народниот правобранител е законска материја.

Според член 47 став 2 од Законот за народниот правобранител („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2003) „со Деловникот за работа на народниот правобранител поблиску се уредуваат начинот на работењето и постапката пред народниот правобранител“.

Од изнесената законска одредба произлегува дека со Деловникот за работа на народниот правобранител поблиску се разработува начинот на работењето и постапката пред народниот правобранител определени со Законот за народниот правобранител без притоа да се излезе надвор од законските рамки.

Со оглед на тоа што со член 1 став 1 во делот „основните начела на организацијата“ од Деловникот се излегува надвор од рамките определени со член 47 став 2 од Законот за народниот правобранител, Судот утврди дека оспорениот дел од член 1 став 1 на Деловникот не е во согласност со наведената уставна и законска одредба.

6. Во однос на несогласноста на членовите 5, 6 и 27 од Деловникот со член 77 став 4 од Уставот на Република Македонија, Судот утврди дека со оспорените одредби се уредуваат прашања на надлежност на народниот правобранител – разграничување меѓу народниот правобранител и неговите заменици и воведување на надлежност надвор од законските – заземање за спогодбено решавање на предметот, а не прашања на начинот на работата на народниот правобранител, поради што Судот оцени дека наведените одредби од Деловникот не се во согласност со член 77 став 4 од Уставот и со член 47 став 2 од Законот.

7. Во врска со несогласноста на член 25 од Деловникот со член 77 став 4 од Уставот и со член 20 од Законот за народниот правобранител, Судот најнапред утврди дека со наведената законска одредба се определуваат случаите кога народниот правобранител нема да покрене постапка по претставка доставена до него, како и исклучоците од тие случаи.

Имено, според член 20 став 1 од Законот за народниот правобранител „Народниот правобранител нема да покрене постапка по претставката ако:
– претставката е анонимна, освен ако се работи за прашање од општ интерес;
– со претставката се навредува органот или се злоупотребува правото на поднесување претставка;
– претставката не е комплетна и ако подносителот по претходното укажување од Народниот правобранител не ја дополнил претставката;
– од претставката се констатира дека се работи за помалку значаен случај кој и по завршеното испитување не би можел да даде соодветни резултати;
– од самата претставка, околностите и приложените факти и докази произлегува дека не се работи за повреда на уставните и законските права на подносителот или лицето во име на кое е поднесена претставката од органите од членот 2 на овој закон;
– не е надлежен да постапува;
– од дејствието или од последната одлука на органот, организацијата или установата изминало повеќе од една година, освен ако оцени дека подносителот го пропуштил рокот од оправдани причини и
– по предметот на претставката во тек е судска постапка, освен за работите од членот 12 став 1 на овој закон“.

Со оглед на тоа што со член 25 од Деловникот се предвидуваат и други исклучоци, надвор од законските, на случаи кога народниот правобранител нема да покрене постапка по претставката, со што одредбата навлегла во законска материја, Судот оцени дека член 25 од Деловникот не е во согласност со член 77 став 4 од Уставот и со член 20 од Законот.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов,а во однос на членовите 5,6 и 27 од Деловникот со мнозинство гласови.

У.бр.147/2007
26 декември 2007 година
С к о п ј е
лк/Ју

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply