209/2007-0-0

209/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 декември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 122 став 3 во делот „Ако за доградбата, односно надградбата има повеќе интересенти отколку што е предвидено да се изградат нови делови од зградата и ако за тоа не се постигне согласност меѓу нив, по барање на секој од заинтересираните одлучува судот водејќи сметка за принципот на правичност“ од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001).

2. Цветан Бошевски од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднес иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на делот од одредбата на членот 122 став 3 од Законот за сопственост и други стварни права, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата со оспорената одредба се поведувале член 8 алинеја 3, член 9 ставовите 1 и 2 и член 51 од Уставот, затоа што при одлучување на споровите од областа на урбанизмот и градежништвото на судот му се давало неограничено дискреционо право во смисла што одредбите содржеле само една општа норма која го задолжувала судот да води сметка за принципот на правичност без притоа да предвиди критериуми и мерила според кои ќе го спроведува овој принцип, а особено кога се работи за спорови за утврдување првенство на право на градба за надградба кога има повеќе интересенти отколку нови локации за изградба.

3. Судот на седницата утврди дека, според член 122 став 1 од Законот, доградба и надградба на зграда се врши врз основа на детален урбанистички план и урбанистички проект. Според ставот 2 од овој член, доградба, односно надградба има право да бара сопственик, односно сопствениците на постојна зграда. Со доградбата, односно надградбата сопственикот, односно сопствениците стекнуваат право на сопственост и врз доградбата, односно надградбата.

Согласно ставот 3 од овој член од Законот, право на доградба, односно надградба на зграда во етажна сопственост (зграда со два или повеќе станови што им припаѓаат на две или повеќе лица) имаат сопствениците на посебните делови од зградата. За доградбата, односно надградбата одлучува мнозинството сопственици на посебните делови од зградата кои претставуваат повеќе од половината на вредноста на зградата.

Во втората реченица на ставот 3 од членот 122 од Законот, се наоѓа оспорениот дел од одредбата во кој е предвидено: „Ако за доградбата, односно надградбата има повеќе интересенти отколку што е предвидено да се изградат нови делови од зградата и ако за тоа не се постигне согласност меѓу нив, по барање на секој од заинтересираните одлучува судот, водејќи сметка за принципот на правичност.“

4. Во член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија е определено дека Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во конкретниот случај, Судот утврди дека со решение У.бр.79/2001 од 14 ноември 2001 година, покрај другото, не повел постапка за оценување уставоста и на член 122 став 3 во делот „водејќи сметка за принципот на правичност“ од Законот за сопственост и други стварни права.

Во образложението на решението се наведува дека при донесување на решението за неповедување на постапка за оценување уставноста на оспорениот дел од член 122 став 3 Судот тргнал од анализа на темелните вредности на Уставот, односно од член 8 алинеја 4 и член 98 од Уставот од кои недвосмислено произлегува дека Уставот судската власт ја конституирал како одвена и независна како и тоа дека судовите судат врз основа на Уставот, законите и ратификувани меѓународни договори.

Исто така, Судот имал предвид дека Законот за судовите содржел повеќе одредби со кои се обезбедува независност и самостојност на судовите, односно на судиите кои донесуваат непристрасни одлуки врз основа на своја слободна оцена на доказите и примена на законот.

Притоа, при одлучување врз судијата не можат да се вршат какво и да е ограничување, влијание, потикнување, притисок, закани или мешање, директно или индиректно од кој и да е субјект и поради која да е причина.
Имајќи го предвид наведеното, според Судот со оспорениот член 122 став 3, всушност законодавецот им дава можност на судиите како независни и самостојни, раководени од принципот на правичност, при пресудувањето да се движат токму во рамките на Уставот, законите и меѓународните договори во кои овој принцип е застапен.

Исто така, Судот, во постапката по предметот У.бр.203/2002 со решение од 12 март 2003 година не повел постапка за оценување на уставноста на целината на членот 122 од Законот. Потоа по предметите У.бр.99/2003, 39/2004, 59/2004 и 110/2004 ги отфрлил иницијативите за оценување на уставноста на членот 122 од Законот, бидејќи оценил дека не постојат основи за поинакво одлучување.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, уставно судската практика од која произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија на неколку пати ја оценувал одредбата од член 122 од Законот за сопственост и други стварни права, а посебно ја оценувал одредбата од член 122 став 3, неспрема наводите од предметната иницијатива и содржината на оспорениот дел, Судот оцени дека не постојат основи за поинакво одлучување, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.209/2007
26 декември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply