71/2007-0-0

71/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија,член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 декември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на насловот, во делот „заштита на авторските права и“, член 1 став 1, во делот „заштита на авторските права и“, член 2 став 1 точка 1, во делот „објавување“ и на членовите 14 – 23 од Правилникот за заштита на авторските права и распределба на авторските надоместоци, бр.526-1-03, донесен од Собранието на Здружението за заштита на авторски музички права ЗАМП на 12 октомври 2005 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/2007).

2. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на законитоста на Статутот на Здружението за заштита на авторски музички права ЗАМП, бр.03-07, донесен од Собранието на ЗАМП на 15 септември 1998 година, Одлуката за изменување и дополнување на Статутот на наведеното здружение, бр.55-1-03, донесена од Собранието на ЗАМП на 20 март 2003 година и на Правилникот со тарифа за користење авторски музички дела, бр.526-2-03, донесен од Собранието на ЗАМП на 12 октомври 2005 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/2007).

3. Министерството за култура на Република Македонија и Славе Димитров од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на законитоста на одредбите и актите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата на Министерството, Статутот во целина не бил усогласен со темелните промени направени со Законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005) како што се востановување и систематизирање на различни видови права на користење дела, промени околу колективното остварување на тие видови права, промени околу начелата за распределба на прибраните средства, уредувањето на издвојувањето на посебни износи во резервни фондови, членството и членарината во задолжителното здружение, управувањето и одлучувањето во неговите органи, изборот и разрешувањето во него, процедурални прашања, … поради што Статутот не бил во согласност со членовите 2, 160, 161, 163 алинеја 2, 165, 166, 172, 181 ставовите 2 и 3 од Законот за авторското право и сродните права – пречистен текст („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/2005).
Оспорената одлука не била во согласност со членовите 2, 160, 161, 163 алинеја 2 и со член 172 од Законот за авторското право и сродните права – пречистен текст.
Правилниците означени во точките 1 и 2 од ова решение не биле усогласени со членовите 169, 172 и 217 од Законот за авторското право и сродните права – пречистен текст и со член 5 став 3 од Законот за здруженијата на граѓаните и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/1998).

Со иницијативата на Славе Димитров се оспоруваат член 9 став 1 точка 1, член 15, член 18 став 2, член 21 и член 25 став 2 од Статутот. Членот 9 став 1 точка 1 од Статутот се оспорува затоа што определувал Здружението да го остварува правото од објавување на музичкото несценско дело, а не правото од јавно соопштување на наведеното дело како што се определувало со член 68 од Законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права, поради што таа одредба од Статутот не била во согласност со означената законска одредба. Членот 15 од Статутот се оспорува затоа што определувал дека критериуми за распределба на авторските надоместоци се поттикнување на македонското творештво, развивање на најдобрите традиции, спречување на вулгаризација на музиката, … а не видови дела и видови права како што определувал членот 75 од Законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005), поради што таа одредба од Статутот не била во согласност со означената законска одредба. Членот 18 став 2 од Статутот се оспорува затоа што определувал зачленувањето во Здружението да се врши со потпишување пристапница, а не по сила на закон односно автоматски и независно дали е склучен договор со авторот, како што определувал член 139 од Законот за авторското право и сордните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.47/1996, 3/1998, 98/2002 и 4/2005), па и оваа одредба од Статутот не била во согласност со наведената законска одредба. Член 21 и член 25 став 2 од Статутот се оспоруваат затоа што определувале управувањето со Собранието на Здружението да го вршат заедно авторите на сериозната музика и авторите на популарната музика, а не носителите на авторските права според видовите на правата (автори, наследници, издавачи, …) и видот на членството (редовно, привремено, почесно, …) како што определувале член 141 став 3 и член 142 од Законот за авторското право и сродните права, поради што означените членови од Статутот не биле во согласност со наведените законски одредби.
Одлуката се оспорува затоа што не била во согласност со членовите 139, 140, 141 став 3, член 142 алинеи 2, 4, 5 и 9 и членовите 147 и 184-г од Законот за авторското право и сродните права.
Правилникот означен во точка 1 од ова решение се оспорува во насловот, членот 1, членот 2 став 1 точка 1 и во членовите 14 – 24. Насловот, членот 1 и членовите 14-24 од Правилникот се оспоруваат затоа што уредувале заштита на авторските права, а не само распределба на авторските надоместоци како што определувал членот 147 од Законот за авторското право и сродните права, а заштитата на авторските права била уредена со Законот, поради што оспорените делови од Правилникот не биле во согласност со означената законска одредба. Членот 2 став 1 точка 1 од Правилникот се оспорува затоа што определувал Здружението да го остварува правото од објавување на музичкото несценско дело, а не правото од јавно соопштување на наведеното дело како што се определувало со член 68 од Законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005), поради што оспорената одредба од Правилникот не била во согласност со означената законска одредба.

4. Судот на седницата утврди дека Правилникот означен во точка 1 од ова решение е донесен врз основа на член 172 од Законот за авторското право и сродните права – пречистен текст („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/2005).

Насловот на Правилникот е „Правилник за заштита на авторските права и распределба на авторските надоместоци“.

Во член 1 од Правилникот се определува дека „Правилникот за заштита на авторските права и распределбата на авторските надоместоци ги утврдува основните начела за заштита на авторите на музички несценски дела и другите носители на авторски права кои се членови на Здружението за заштита на авторски музички права, односно кои ЗАМП ги штити врз основа на добиените овластувања, согласно Законот за авторското право и сродните права на Република Македонија, како и постапката за распределба на авторските надоместоци“ (став 1). „Правилникот исто така ги содржи и начините на вреднување на авторските дела и постапките за правилна распределба на авторските надоместоци“ (став 2).

Во член 2 став 1 точка 1 од Правилникот се предвидува дека „Здружението за заштита на авторски музички права ја остварува колективната заштита на авторските музички права и тоа права од објавување, јавно соопштување и друго користење на објавени музички несценски дела (мали права)“.

Членовите 14-24 од Правилникот се систематизирани во посебно поглавје насловено како „Авторски музички права“ и се однесуваат на тоа дека „авторското право му припаѓа на авторот на делото или на неговите наследници односно на физичките или правните лица на кои според Законот им се пренесени авторските права“ (член 14), дека музичкото дело може да биде различно и создадено од повеќе лица, па доколку постои спор за авторство, тоа се решава по судски пат (членовите 15-17), дека „авторското право во целина е непреносливо“ (член 18), „авторот не може да ги пренесе моралните права на други лица“ (член 19), „авторското право трае за време на авторовиот живот и 70 години по неговата смрт…“ (член 20), „правото на авторски надоместок … е наследно…“ (член 21), дека авторски музички права се и права од јавно соопштување на несценски музички дела (симфониска, камерна, солистичка, хорска,… музика), како и фрагменти од музичко-сценски дела ( опери, балети,…),…(член 22), дека „коавторите од другите авторски гранки уживаат заштита на своите авторски права кога за тоа имаат одобрение од авторот…“ (член 23), „за изведените народни песни и игри во изворен облик, надоместот се пресметува и исплатува согласно Законот“ (член 24).

Според член 147 став 1 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија бр. 47/1996, 3/1998, 98/2002 и 4/2005), „Здружението донесува правилник за распределба на авторските надоместоци во рок од три месеци од издавањето на дозволата за колективно остварување, усогласен со статут и со овој закон“. Од изнесената законска одредба произлегува дека Здружението е овластено да донесе правилник и да ја уреди материјата за распределба на авторските надоместоци.

Со оглед на тоа што насловот,членот 1 став 1 и членовите 14-23 од Правилникот уредуваат, покрај другото, и заштита на авторските права што е законски регулирана материја, а не само распределба на авторските надоместоци како што определува означената одредба од Законот, пред Судот се постави прашањето за согласноста на насловот во делот „заштита на авторските права и“, на член 1 став 1 во делот „заштита на авторските права и“и на членовите 14-23 од Правилникот, со член 147 став 1 од Законот за авторското право и сродните права.

Според член 139 од Законот за авторското право и сродните права, „колективно се остварува правото на јавно соопштување несценско музичко и несценско книжевно дело (мали права)“.

Со оглед на тоа што членот 2 став 1 точка 1 од Правилникот определува дека колективно се остварува правото на објавување, наместо правото на јавно соопштување на музичко несценско дело како што предвидува наведената законска одредба, пред Судот се постави прашањето за согласноста на означениот член од Правилникот, во делот „објавување“, со член 139 од Законот.

Во однос на целината на Правилникот односно за другите одредби на Правилникот, а за што не се наведени причини поради кои се смета дека постои несогласност на Правилникот со Законот, Судот оцени дека нема процесни претпоставки за негово постапување по тој дел од иницијативата.

5. Во врска со наводите од иницијативите за несогласноста на Статутот и Одлуката означени во точка 2 од ова решение со Законот, Судот најнапред утврди дека во член 110 алинеја 7 од Уставот на Република Македонија е определено дека „Уставниот суд на Република Македонија одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните“.

Од означената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да ја оценува, покрај другото, согласноста на статутите на здруженијата на граѓаните со Уставот на Република Македонија, а не и нивната согласност со закон.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека иницираните прашања за законитоста на Статутот и Одлуката не се во делокруг на Уставниот суд на Република Македонија, поради што согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија одлучи како во точката 2 од ова решение.

6. Во однос на правилникот означен во точка 2 од ова решение, Судот утврди дека нема процесни претпоставки за постапување по тој дел од иницијативата на Министерството со оглед дека не се наведени причини поради кои се смета дека постои несогласност на Правилникот со Законот. Поради тоа, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот се одлучи како во точка 2 од ова решение.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов, а во однос на членовите 14-23 од правилникот означен во точка 1 од ова решение со мнозинство гласови.

У.бр.71/2007
5 декември 2007 година
С к о п ј е
лк/Ју

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply