174/2007-0-0

174/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 7 ноември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението Уп.бр.19-1241/1 од 11 декември 2006 година, донесено од Министерството за финансии, Управа за имотно правни работи, Одделение за управна постапка во Охрид и Решението У.бр.36-88/2 од 6 јуни 2007 година донесено од Комисијата на Владата на Република Македонија за решавање во управна постапка во втор степен од областа на имотно-правните работи и градежништвото.

2. АДГ “Трудбеник“-Охрид на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување пос­тапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Имено, подносителот на иницијативата во иницијативата и дополнувањето на иницијативата наведува дека со оспорените акти му е одземено корисничкото право на недвижност означена како КП 17158/2 во КО Охрид во површина од 218 м2.

Притоа, во водената управна постапка Заменикот јавен правобранител на Република Македонија за подрачјето на Охрид предлогот за одземање на корисничкото право го засновал на членот 74 од Законот за приватизација на градежното земјиште во државна сопственост, односно на фактот што носителот на правото (АДГ „Трудбеник„-Охрид) не започнал со изградба во роковите предвидени за градба.

Меѓутоа, според подносителот на иницијативата, при донесувањето на првостепеното решение, а подоцна и во жалбената постапка се немале предвид низа околности што оделе во прилог на подносителот на иницијативата, се со цел спорната површина да му биде дадена на користење на друго лице, корисник на катастарска парцела што граничи со предметната.

Во поткрета на наводите од иницијативата и дополну-вањето на иницијативата се доставува обемна документација и се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените акти, донесени во управна постапка, а потоа истите да бидат поништи, како на закон неосновани.

3. Судот на седницата утврди дека, со Решение Уп.бр.19-1241/1 од 11 декември 2006 година на Минирството за финансии, Управа за имотно правни работи, Одделение за управна постапка во Охрид, усвоен е предлогот на Заменик јавниот правобранител за општина Охрид за одземање на корисничкото право на КП.бр.17158/2, што се води во КО Охрид. Потоа определено е одземање на корисни-чкото право на ГРО “Трудбеник“-Охрид на наведената катастарска парцела со површина од 218 м2 поради тоа што корисникот не отпочнал со градба во рокот определен со Решението Уп.бр.09-872/88 од 2 ноември 1988 година. Исто така, определено е по правосилноста на решението корисничкото право да биде избришано и заведено на име на сопственост на Република Македонија, а надоместокот за одземеното право да биде определен согласно одредбите од Законот за експропријација.

Комисијата на Владата на Република Македонија за решавање во управна постапка во втор степен од областа на имотно-правните работи и градежништвото со Решение У.бр.36-88/2 од 6 јуни 2007 година ја одбило како неоснована жалбата поднесена од АДГ “Трудбеник“-Охрид.

4. Согласно членот 110 од Уставот на Република Македо-нија, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иниција-тивата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Во конкретниот случај, Судот оцени дека оспорените акти со кои е одземено корисничкото право на конкретен недвижен имот од конкретен корисник (АДГ„Трудбеник“-Охрид) по својот карактер се управни акти и не претставуваат пропис во смисла на член 110 од Уставот.

Оттаму, произлегува дека Судот не е надлежен да ја оценува нивната уставност и законитост и има услови иницијативата да биде отфрлена согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа­те­лот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.174/2007
7 ноември 2007 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply