172/2007-0-0

172/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 октомври 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.101/2005).

2. Љупчо Крстев од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точка 1 на ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот закон не бил во согласнот со член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија, затоа што бенефицираниот стаж наместо да биде услов за побрзо остварување на правото на пензија претставувало пречка за одење во пензија и покрај тоа што подносителот 30 години уплаќал во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Подносителот бара Судот да поведе постапка за оценување уставноста на оспорениот закон затоа што граѓаните чии работни места се сметаат за работни места со зголемено траење, а оствариле 40 години пензиски стаж не можеле да го остварат правото на пензија поради дискриминаторскиот член од Законот, според кој осигуреникот на 1 септември 2000 година требало да има 33 години пензиски стаж.

Имено подносителот на иницијативата на критичниот ден 1 септември 2000 година имал 32 години пензиски стаж, односно немал 33 години за да може да го оствари правото на пензија.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување кој содржи само 1 член во суштина не е со самостојна правна содржина туку е поврзан со содржината на член 30 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување од 2000 година. Од тие причини Судот ја имаше предвид содржината на членот 30 со сите негови измени и содржината на член 31 од Законот, кој го уредува прашањето на остварување на правото на пензија за осигуреници кои работат на работни места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење.

Така, Судот утврди дека според член 30 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2000) осигурениците кои на денот на примена на овој закон имале најмногу исполнет пензиски стаж од 35 години (маж) односно 30 години (жена) правото на старосна пензија го стекнуват под условите утврдени во Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996 и 32/1997).

Во членот 31 од наведениот закон е предвидено дека осигуреници кои работат на работни места на кои стажот се смета со зголемено траење, право на старосна пенција можат да остварат и со исполнување на 40 години (маж) односно 35 години (жена) пензиски стаж, без оглед на возраста најдоцна до 1 септември 2005 година.

Во 2001 година, членот 30 од Законот претрпел измени и дополнувања со Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, („Службен весник на Република Македонија“ бр. 50/2001). Според оваа измена и дополнување, осигурениците можат да остварат старосна пензија со 35 односно 30 години пензиски стаж, со достигнување на одредена возраст, како и со исполнување на 40 години (маж), односно 35 години (жена) пензиски стаж, без оглед на возраста.

Според член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.101/2005) кој е оспорен со предметната иницијатива е предвидено дека во членот 30 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2000) бројот 35 се заменува со бројот 33, а бројот 30 се заменува со бројот 28. Тоа значи дека осигурениците можат да остварат право на пензија наместо со најмалку 35 години исполнет стаж со 33 години (маж) односно наместо со 30 години пензиски стаж со 28 години (жени).

Според членот 19 од Законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/2006) во членот 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.101/2005) по зборот: „возраста“ се додаваат зборовите: „најдоцна до 1 септември 2007 година“.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законите..

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од анализата на одредбата од член 30 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување произлегува дека осигурениците кои на денот на примената на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (1 септември 2000 година) имале најмалку стаж 33 односно 28 години, право на старосна пензија можат да остварат и со наполнување на 40 односно 35 години пензиски стаж, без оглед на возраста најдоцна до 1 септември 2007 година.

Од анализата на одредбата од член 31 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2000) произлегува дека со оваа одредба се уредува прашањето за остварување на правото на пензија на осигурениците на кои стажот на осигурување им се смета со зголемено траење, при што правото на пензија можат да го остварат и со исполнување на 40 односно 35 години пензиски стаж без оглед на возраста најдоцна до 1 септември 2005 година. Тоа значи дека на оваа категорија осигуреници се овозможува, покрај тоа што правото на пензија можат да го остварат согласно одредбите од Законот кои се однесуваат на категоријата на работници чии стаж се смета со зголемено траење и под условите од член 31 до 1 септември 2005 година. По протек на овој период оваа категорија на осигуреници го остваруваат правото на пензија согласно одредбите од член 18 и член 94-109 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Имајќи го предвид наведеното Судот оцени дека одредбата од член 30 и 31 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување се исцрпиле во примената, поради што согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија не постојат основи Судот да се впушти во оцена на нивната уставност .

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Махмут Јусуфи, и судиите: д-р Трендафил Ивановски, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.172/2007
24 октомври 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply