Решение У.бр.105/2006

У.бр.105/2006

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 26 септември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста на член 132 став 1 алинеја 7, 8 и 9, член 133 и член 134-б од Законот за водите (“Службен весник на Република Македонија” бр. 4/1998, 19/2000, 42/2005 и 46/2006).

2. Комисијата за правно-нормативни работи на Здружението на комунални дејности при Стопанска комора на Македонија, Групацијата на производителите на пиво, алкохолни, безалкохолни пијалоци и пакувани води на Здружението на земјоделството и прехранбена индустрија при Стопанска комора на Република Македонија и Трговското друштво за пиво, слад, оцет, алкохолни и безалкохолни пијалоци „Пивара Скопје“ АД, Скопје на Уставниот суд му поднесоа иницијативи за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Со иницијативата поднесена од Комисијата за правно-нормативни работи и Здружението на комунални дејности при Стопанската комора на Република Македонија се предлага поведување постапка за оценување на уставноста на член 1 став 1 алинеја 1 и 3, на член 2 и на член 134-б додаден со членот 5 од означениот Закон, затоа што член 1 став 1 алинеја 1 и 3 и членот 2 од Законот биле во спротивност со членот 33 и членот 55 став 2 од Уставот, а членот 5 од Законот бил во спротивност со член 51 од Уставот, како и со Законот за утврдување на наплатата на јавните приходи, Законот за општата управна постапка и Законот за извршување.

Како причини, односно аргументи дека членот 1 став 1 алинеја 1 и 3 од Законот не е во согласност со член 33 од Уставот, подносителот на оваа иницијатива го наведува член 2 став 1 точка 1 од Законот за безбедност на храна и на производите и материјалите што доаѓаат во контакт со храна („Службен весник на Република Македонија“ бр.54.2002), според чии одредби водата се третирала како храна, па согласно ваквиот нејзин третман „јавните претпријатија што вршеле снабдување на граѓаните со вода за пиење пресметувале и наплаќале повластена стапка од 5% данок на додадена вредност“.

Тргнувајќи од тоа, подносителот на оваа иницијатива смета дека било спротивно на Уставот, на законот и на секоја логика со член 1 став 1 алинеја 1 од Законот, за домаќинствата да се воведува давачка (надомест за вода) за употреба на храна, како што е и водата. Ова и од причини што во досегашната законодавна пракса во Република Македонија, немало донесено закон со кој се воведува јавна давачка на граѓаните, односно домаќинствата за употреба на прехранбени производи, односно храна.

Во однос на оспорениот член 2 од Законот со кој се воведувала нова јавна давачка од 1,0% и за отпадните води, во иницијативата посебно се наведува дека ова ново оптоварување на сметката на правните и физичките лица кои испуштале непречистени отпадни води било неоправдано. Она што заедничко се наведува за оспорениот член 1 став 1 алинеја 1 и 2 и член 2 од Законот, е тоа што според овие членови всушност се вршело покачување на цената на водата за пиење од 2,0% и на цената за собирање и третман на отпадните води од 1,0%, што според наводите во оваа иницијатива било незаконски и претставувало монополско однесување на пазарот на субјектите – даватели на овие услуги, поради што овие одредби од Законот биле во спротивност и со членот 55 став 2 од Уставот.

Членот 5 од Законот, со оваа иницијатива се оспорува во однос на член 51 од Уставот, како и во однос на Законот за утврдување и наплата на јавните приходи, Законот за општата управна постапка и Законот за извршување.

Со оваа иницијатива се предлага Судот, до донесување на конечната одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на оспорените членови од Законот, за да не се предизвикаат тешко отстранливи последици за домаќинствата и правните субјекти.

Со иницијативата поднесена од Групацијата на производителите на пиво, алкохолни, безалкохолни пијалоци и пакувани води на Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија при Стопанската комора на Република Македонија се оспорува уставноста на член 1 став 2 алинеја 1, член 2 и член 5 од Законот. Според наводите на оваа иницијатива, со членот 1 став 1 алинеја 1 од Законот се нарушувала еднаквата правна положба на субјектите на пазарот, со оглед на тоа што согласно оваа законска одредба правните и физичките лица кои се занимавале со производство на пиво, сокови, пакување на вода и сл. требало да плаќаат повеќекратно повисок надоместок од надоместокот што го плаќале другите субјекти кои водата, исто така, ја користеле за комерцијални потреби, со таа разлика што тие не се занимавале со производство на пиво и сокови, како нив. Задолжувањето на овие субјекти со посебен надоместок за користење на водата во комерцијални потреби било неоправдано и без никакви објективни критериуми.

Во врска со оспорениот член 2 од Законот, со кој се воведувала нова јавна давачка од 0,1% и за отпадните води, во оваа иницијатива се наведува дека со овој член всушност се вршело двојно оданочување на правните и физичките лица, ако се имале предвид соодветните одредби од Законот за животната средина.

Како причини за оспорување на членот 134-б, кој што е додаден со оспорениот член 5 од Законот, во оваа иницијатива се наведува дека одредбите на овој член биле нејасни и дека Законот на чија примена се упатува престанал да важи со денот на примената на Законот за даночната постапка. Овој член, исто така не бил во согласност и со член 98 став 5 од Уставот, односно со Амандман XXV на Уставот според кој извршната постапка, како една од видовите на судските постапки се уредувала со закон.

Во оваа иницијатива, понатаму се наведува дека наплатата на пристигнатите неплатени износи на надоместоците од правната и физичките лица не можела да се врши врз основа на извршно решение на директорот на Фондот за водите и истата директно да се извршувала од банката, како што било утврдено во новодадениот член 134-б од Законот за водите, затоа што тоа било спротивно и со Законот за даночната постапка, со кој престанале да важат Законот за утврдување и наплата на јавните приходи, Законот за извршната постапка и др.

Врз основа на изнесеното, подносителот на оваа иницијатива смета дека со оспорените законски одредби се повредувале член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 51, член 55 став 1 и 2 и Амандман XXV од Уставот и поради тоа предлага Судот да поведе постапка за оценување на нивната уставност, а потоа и да ги поништи.

Исто така, и со оваа иницијатива се предлага, до донесување на конечната одлука, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорените законски одредби.

Со иницијативата поднесена од „Пивара Скопје“ АД од Скопје, се оспоруваат само член 1 став 2 алинеја 1 и членот 5 од Законот. Во оваа иницијатива причините поради кои се оспорува уставноста на наведените законски одредби како и одредбите од Уставот во однос на кои се оспоруваат, скоро во целост се идентични со второподнесената иницијатива.

И со оваа иницијатива се предлага Судот, до донесување на конечната одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно
преземани врз основа на оспорените законски одредби

3. Судот на седницата утврди дека со поднесените иницијативи се оспоруваат одредбите од член 1 став 1 алинеја 1, член 1 став 2 алинеи 2 и 3, член 2 и член 5 во однос на новододадениот член 134-б од Законот за изменување и дополнување на Законот за водите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 46/2006). Овие оспорени одредби соодветствуваат на член 132 став 1 алинеја 7, 8 и 9, член 133 и член 134-б од интегралниот текст на Законот за водите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 4/1998, 19/2000, 42/2005, 46/2006), кои всушност беа предмет на уставно-судската анализа.

Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 132 став 1 алинеи 7, 8 и 9 од Законот за водите, надоместок за водите плаќаат:
– правните или физичките лица кои користат вода од водоснабдителен систем (јавен или сопствен), освен производителите на електрична енергија, за секој употребен или искористен метар кубен вода плаќаат по 2,0% од утврдената цена на водата од давателот на услугата за снабдување со вода. Пресметувањето на надоместокот, за корисниците од јавен водоснабдителен систем, го врши правното лице кое стопанисува со водоснабдителниот систем, го наплатува при наплатата на цената на извршената услуга за снабдување со вода, го прикажува одвоено во сметката за извшена услуга, а е должно да го уплатува најдоцна до 20 во месецот за претходниот месец, на соодветната уплатна сметка. Пресметувањето за корисниците од сопствен водоснабдителен систем го врши правното или физичкото лице (корисникот) кое е должно да го уплатува надоместокот на соодветната уплатна сметка, најдоцна до 5 во месецот за претходниот месец;
– правните или физичките лица кои користат вода од јавен или сопствен водоснабдителен систем за комерцијални цели (производство на пиво, сокови, пакување на вода и сл.), плаќаат по 0,5% од продажната цена на производот. Пресметувањето го врши правното или физичкото лице кое користи вода за комерцијални цели, при пуштањето на производот во слободно правниот промет, го прикажува одвоено во фактурата, а е должно да го уплатува на соодветна уплатна сметка, најдоцна до 5 во месецот за претходниот месец;
– домаќинствата, за секој употребен метар кубен вода од јавен водоснабдителен систем, плаќаат по 2,0% од утврдената цена на водата од давателот на услугата за снабдување со вода. Пресметувањето го врши правното лице кое стопанисува со водоснабдителниот систем, го наплатува при наплатата на цената на извршената услуга за снабдување со вода, го прикажува одвоено во сметката за извршена услуга, а го уплатува на соодветната уплатна сметка, најдоцна до 20 во месецот за претходниот месец;

Според оспорениот член 133 став 1 од Законот, правно или физичко лице кое испушта непречистени отпадни води или води со променливи својства и отпадни материи и супстанци во реципиентите, а нема уреди за прочистување, плаќа надоместок во висина од 1,0% од утврдената цена на услугата од давателот на услугата за собирање и третман на отпадни води.

Според ставот 2 на овој член од Законот, надоместокот го пресметува и наплатува правното и физичкото лице кое стопанисува со системот за одведување и третман на отпадни води, при наплатата на цената за извршената услуга, врз основа на количината на водата што е испуштена во системот, го прикажува одвоено во фактурата или сметката, а е должно да го уплатува на соодветната уплатна сметка најдоцна до 20 во месецот за претходниот месец.

Според оспорениот член 134-б став 1 од Законот, наплатата на пристигнатите неплатени износи на надоместоците од правните и физичките лица, заедно со каматите кои им припаѓаат, ја врши банката кај која обврзникот врши платен промет.

Според ставот 2 на овој член од Законот, наплатата се врши со пренос на средствата од сметката на обврзникот на соодветна уплатна сметка, врз основа на извршно решение на директорот на фондот за водите. Извршното решение се спроведува со извршен налог на банката за пренос на средствата од сметката на обврзникот.

Според ставот 3 на истиот член од Законот, во поглед на пристигнатите неплатени износи на надоместоците се применуваат одредбите на Законот за утврдување и наплата на јавните приходи.

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Судот одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето; ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во врска со оспорената одредба на член 132 став 1 алилнеи 7, 8 и 9 Судот утврди дека истите веќе биле предмет на оценка на Уставниот суд на Република Македонија, кој со решение У.бр. 58/2006 од 14 март 2007 година не повел постапка за оценување на нивната уставност. Во ова решение Судот изразил став дека:

„…законодавецот, кога во членот 132 алините 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8 и 9 од Законот за водите, ги утврдил како обврзници за плаќање на надоместокот за водите лицата кои се занимаваат со слободни занимања (лекари, стоматолози, адвокати, новинари, нотари, патентни инженери, слободни уметници, сметководители, ревизори, стечајни управници и други лица кои самостојно вршат дејност), правните лица кои произведуваат електрична енергија; правните или физичките лица кои користат вода од водоснабдителен систем (јавен или сопствен), освен производителите на електрична енергија; правните или физичките лица кои користат вода од јавен или сопствен водоснабдителен систем за комерцијални цели (производство на пиво, сокови, пакување на вода и сл.); домаќинствата; правните или физичките лица кои користат вода од јавен или сопствен водоснабдителен систем на геотермални води, за топлинска енергија; правните и физичките лица, иматели на рибници, и правните и физичките лица кои се занимаваат со миење и сепарирање на песок, камен, чакал и друго, се придржувал до принципот „корисникот плаќа“ и со тоа не ги довел во нееднаква положба субјектите кои се корисници на водите, односно не го повредил член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија. Ова оттаму што според Судот, целта на законодавецот со оваа одредба е да се обезбедат средства за заштита на водите како добро од општ интерес од сите корисници на водата, што е во функција на зачувување на природата, животната средина и здравјето на луѓето, а не да се доведат во нееднаква положба субјектите кои се корисници на водите“.

Со оглед на тоа што овие оспорени одредби веќе биле предмет на уставно-судска оцена, Судот ненаоѓајќи основи за поинакво одлучување, реши да ги отфрли иницијативите врз основа на член 28 алинеја 2 од Деловникот.

Членот 133 од Законот за водите (односно членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за водите – „Службен весник на Република Македонија“ бр. 46/2006) е оспорен со првата и втората иницијатива. Според наводите од првата иницијатива, со оваа одредба се воведувала нова давачка од 1% и за отпадните води, која досега не постоела, што значело ново оптоварување на корисниците, што подносителот го смета за неоправдано.

Истите аргументи за оспорување на оваа одредба се дадени и во втората иницијатива, со тоа што според наводите во иницијативата претставувало двојно оданочување ако се земат предвид член 3 став 1 точки 10, 11, 46 и 47, член 163 и член 182 од Законот за животната средина.

Со оглед на тоа што во иницијативите недостасуваат аргументи кои оваа одредба би ја спротивставиле на Уставот, Судот оцени дека во однос на овие одредби иницијативата треба да се отфрли согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, поради тоа што причините со кои во двете иницијативи се оспорува нивната уставност се недоволни Судот да се впушти во мериторно одлучување, односно дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Членот 134-б е оспорен со сите три иницијативи без да се дадат аргументи за несогласност на членот со одредбите од Уставот. Имено, во сите три иницијативи неуставноста на овој член се аргументира со негова несогласност со одредбите од Законот за даночната постапка, Законот за извршна постапка и Законот за општата управна постапка, како и со фактот што законот на чија што примена упатува оваа оспорена одредба, а тоа е Законот за утврдување и наплата на јавните приходи, престанал да важи со донесувањето на Законот за даночната постапка и не е веќе во правниот поредок. Во отсуство на аргументи од уставно-правно значење, Судот одлучи иницијативите во однос на овој член да ги отфрли врз основа на член 28 алинеја 1 од Деловникот, поради тоа што Уставниот суд не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на законите.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.105/2006
26 септември 2007
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply