73/2007-0-0

73/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 јули 2007 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за определување надоместок на советници и службени лица за склучување на бракови, број 07-2660/7 од 22 декември 2006 година („Службен гласник на општина Крива Паланка“ број 10/2006), донесена од Советот на општина Крива Паланка.

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Министерството за локална самоуправа на Република Македонија со Решение У.бр.73/2007 од 30 мај 2007 година поведе постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука. Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Законот за државните службеници и Законот за локалната самоуправа.

4. Судот на седницата утврди дека Советот на општината Крива Паланка на седницата одржана на 22 декември 2006 година ја
донел оспорената одлука со која, во членот 1 било утврдено дека се определувал надоместок на членовите на советот на општината при склучување на брак во износ од 1 (една) дневница за службено патување во земјата, според Одлуката за извршување на Буџетот на општината Крива Паланка, независно од бројот на склучени бракови.

Според членот 2 од оваа одлука, право на надоместок за учество при склучување на брак во деновите на државни празници и неделите, како и после работното време (16,30 часот) имаат и службените лица (матичари) во висина од 1 (една) дневница за службено патување во земјата, утврдена со Одлука за извршување на Буџетот на општина Крива Паланка, независно од бројот на скучени бракови.

Согласно членот 3 од оваа одлука, исплатата на надоместокот на членовите на Советот и службените лица за учество во склучување на бракови ќе се врши до 15-ти во месецот за склучени бракови во претходниот месец.

Со членовите 4 и 5 е определено дека со влегувањето во сила на оваа одлука престанува да важи претходната одлука за определување надоместок на советници и службени лица за склучување на бракови, како и дека ова одлука ќе се применува од 1 јануари 2007 година и ќе се објави во „Службен гласник на општина Крива Паланка“.

5. Согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 45 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) членовите на Советот имаат право на надоместок за присуство на седница и надоместоци на патни и дневни трошоци во рамки утврдни со закон.

Согласно членот 100 кој е содржан во преодните и завршни одредби, до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Според Судот, имајќи ги предвид одредбите од членовите 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа, произлегува дека законодавецот за членовите на советот го утврдил правото на надоместок за присуство на седница и правото на надоместок на патни и дневни трошоци за членовите на советот.

Притоа, законодавецот правото на надоместок за присуство на седница на членовите на советот го утврдил и лимитирал и може да изнесува најмногу до 30% од просечната плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а во однос на висината на патните и дневни трошоци на членовите на советот упатува на примена на прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Овие одредби не предвидуваат право на други надоместоци на членовите на советот, како што е на пример за ангажираност на членовите на советот во деновите кога се склучуваат бракови.

Со одредбите од Законот за државните службеници е предвидено право на додаток на плата во износ од 5% од износот на основната плата и додаток на плата за звање, пресметана по час за ангажираност на државен службеник да работи за време на неделен одмор (член 49); потоа право на додаток на плата во износ од 50% од износот на основната плата и додаток на плата за звање за работа на државен службеник на празници утврдени со закон (член 50); и право на додаток на плата во висина од 35% по час од износот на основната плата и додатокот на плата за звање, ако државниот службеник работи подолго од полното работно време по налог на непосредно претпоставениот на државниот службеник (член 51).

Со членот 52 од овој закон се предвидени и други надоместоци меѓу кои и за патни, дневни и други трошоци за службени патувања во земјата и во странство, што согласно ставот 3 од овој член, висината за секоја година се утврдува со Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија, со одлуката за извршување на буџетот на општината и Буџетот на Град Скопје.

Со оспорената одлука, Советот на општината Крива Паланка утврдил право на надоместок за советници и службени лица за склучување на бракови, и ја утврдил висината на овој надоместок.

Меѓутоа, висината на надоместокот за склучување на бракови на ангажираните советници во општината или други службени лица (кои се или не се вработени во општината), е прашање кое не може исклучиво да се утврдува со одлука на советот на општината и таа висина да биде определена еднакво во износот од една дневница која се исплаќала за службено патување во земјата утврдена во буџетот на општината.

Имено, со одредбите од Законот за локалната самоуправа се решени прашањата за правото и висината на надомест на членовите на советот за присуство на седница на совет и за патните и дневните трошоци кои ги упатува на регулативата од Законот за државните службеници. Со Законот за државните службеници се решени прашањата за правото и висината на надоместокот како додаток на плата за ангажираност на државните службеници и за патните и дневните трошоци кои ги упатува на регулативата на Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија и одлуките за извршување на буџетот на општините.

Меѓутоа, Судот утврди дека со овие и други закони не е дадено овластување на советот на општината самостојно со свој акт, како во случајов со оспорената одлука на Советот на општина Крива Паланка, да определува надоместок во висина каква што доносителот на актот тоа го сметал за потребно без притоа да постои законски основ за определување на надоместокот кој е еднаков на дневница за службено патување во земјата, а за намена која всушност се однесувала за ангажираност при склучување на бракови во општината.

Според тоа, Судот утврди дека оспорената одлука не е во согласност со Законот за локалната самоуправа и Законот за државните службеници.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.73/2007
11 јули 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply