80/2007-0-0

80/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 јули 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлука за потврдување на Одлуката за доделување на средства од Буџетот на општина Аеродром за 2007 година на Михаил Стојаноски, број 07-1926/4 од 3 април 2007 година, донесена од Советот на општина Аеродром („Службен гласник на општина Аеродром“ бр.24/2007).

2. Кирил Тодоровски, градоначалник на општина Аеродром во Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одлука била донесена спротивно на членовите 50 и 62 од Законот за локалната самоуправа и членот 24 од Статутот на општината Аеродром. Ова од причини што градоначалникот на Општината, според наведените одредби бил надлежен за извршување на Буџетот на општината, а советот на општината фактички располагал со паричните средства и доделувањето на паричните средства било извршено без јасно детерминирани критериуми за нивно издвојување, што оставало сомнение за привелегирање на одредена група граѓани по однос на останатите.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на членовите 50 и 62 од Законот за локалната самоуправа, член 24 од Статутот на општината Аеродром и Одлуката за извршување на Буџетот на општината Аеродром за 2007 година, Советот на општината Аеродром на 30 март 2007 година ја донел оспорената одлука.

Во член 1 од Одлуката е определено дека со оваа одлука се доделуваат средства од Буџетот на општина Аеродром на Михаил Стојаноски за оперативен третман во ВМА-Белград.

Во член 2 од Одлуката е утврдено дека средствата во износ од 30.000,00 денари се доделуваат од Буџетот на општина Аеродром за 2007 година и ќе се издвојат од Програмата АО-Совет на општината, потставка 413110-тековна резерва.

Според членот 3, Одлуката стапува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Аеродром“, и е заведена под број број 07-1926/4 од 3 април 2007 година.

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иниција-тивата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од содржината на оспорената одлука, Судот оцени дека таа не е пропис во смисла на член 110 од Уставот, бидејќи со неа се доделуваат средства во износ од 30.000,00 денари за потреби на точно дефиниран субјект, односно за оперативен третман на лицето Михаил Стојаноски. Всушност оспорената одлука претставува поединечен акт кој има правно дејство само за наведениот, но не и за други неопределени субјекти во правото. Со доделувањето на точно определени средства, на определен субјект за дефинирана намена, не може да се смета дека оспорената одлука ги задоволува критериумите на пропис подобен за уставно-судска оцена.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.80/2007
4 јули 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply