126/2006-0-0

126/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 јуни 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 25 став 2 и член 32 став 2 алинеја 4 во делот „е осуден за кривично дело за кое што е предвидена казна затвор во траење подолго од шест месеца“ од Законот за радиодифузна дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.100/2005 и 19/2007).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 25 став 1 алинеја 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите означени во точката 1 и 2 од Законот за радиодифузна дејност.

Според наводите на подносителот на иницијативата со оспорените законски одредби се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 11 став 1, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 25, член 51, член 54 став 1 и член 112 став 3 од Уставот на Република Македонија, затоа што со нив се вршело противуставно ограничување на член на Советот за радиодифузија да ја врши оваа функција. Таквото ограничување не било последица од извршување на правосилно изречена кривична или друга санкција односно казна, туку претставувало дополнителна последица што граѓаните ја трпеле по основ на осудуваност, а која настапувала по сила на закон.

Понатаму, според подносителот на иницијативата и покрај фактот што според членот 106 став 5 од Кривичниот законик, никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност со членот 25 став 2 од Законот за радиодифузија од кандидатот се барало да достави на овластениот предлагач изјава заверена кај нотар дека не е осудуван што е недозволиво.

Исто така подносителот наведува дека освен што со оспорените одредби се вршело ограничување на правата на граѓаните без за тоа да има уставна основа во оспорените одредби не биле конкретно утврдени кривичните и другите казниви дела што недвосмислено овозможувало дискреција при одлучување за ова прашање при што поединецот не бил заштитен од самоволно попречување да ја врши функцијата член на Советот за радиодифузија дури и во случаи кога кривичното дело немало никаква врска со таа функција.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 25 став 2 од Законот е предвидено дека кандидатот за член на Советот за радиодифузија е должен на овластениот предлагач да му достави изјава заверена кај нотар дека не постои некоја од пречките за член на Совет за радиодифузија наведен во став 1 на овој член.

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.

Според член 12 став 3 од Уставот, лицето повикано, приведено или лишено од слобода мора веднаш да биде запознато со причините за неговото повикување, приведување или лишување од слобода и со неговите права утврдени со закон и од него не може да се бара изјава. Лицето има право на бранител во полициската и судската постапка.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда.

Согласно член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според член 33 став 1 точка 3 од Кривичниот законик, (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006 и 73/2006), забраната за вршење професија, дејност или должност е предвидена како вид на казна.

Според член 106 став 5 од истиот законик, никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за нивната осудуваност или неосудуваност.

Тргнувајќи од содржината на член 11 став 1 и член 25 од Уставот, Судот оцени дека истите ја истакнуваат вредноста и неприкосновеноста на човечката личност како основа и смисла на гарантирањето на човековите права. Човечкото достоинство, во таа смисла, не е само едно од субјективните човекови права што изречно се препознава во член 25 од Уставот, туку и темелна вредност на демократското општество што ужива универзална заштита.

Почитувањето на моралниот интегритет и достоинството на граѓанинот во себе ја инкорпорира и улогата на државата која треба да гарантира заштита на интегритетот и достоинството на начин со кој ќе обезбеди заштита во случај кога овие вредности се загрозени од друг, но и со избегнување на поединецот да му се наметнуваат обврски кои во конкретниот случај во постапка на регистрација можат службено да се проверат.

Во тој контекст одредбата од член 106 став 5 од Кривичниот законик со која се забранува од граѓаните да се бараат докази за нивната осудуваност или неосудуваност е јасен израз на овој втор аспект на заштита на човековото достоинство, како што тоа е општо прифатениот принцип на забрана за самообвинување на осомничениот во казненото право, кој што е изграден подеднакво врз презумпцијата на невиност и заштитата на достоинството на поединецот.

Имајќи го предвид наведеното Судот смета дека барањето на изјава од кандидат за околноста дали постојат пречки за членство во советот се сведува на барање изјава за неговата осудуваност или неосудуваност. Иако изјавата не се бара во кривично правен контекст, обврската за нејзино соопштување има ефект врз однесувањето на поединецот, што е проблематично како од аспект на заштита на човековото достоинство, така и од аспект на презумпција на невиност на која се надоврзува забраната од лицето да се бара доказ за осудуваност или неосудуваност.

Притоа не е спорно дека казната забрана за вршење на дејност изречена со осудителна пресуда мора да биде ефективна односно не може да се дозволи едно лице под таква забрана да ја врши таа дејност се додека трае забраната. Меѓутоа, утврдувањето на тој факт за едно лице не може да биде обврска за поединецот кој е во прашање туку за надзорниот орган што одлучува во конкретниов случај за избор на кандидатот, а на кој му стои на располагање службена казнена евиденција.

Со оглед на наведеното со основ се поставува прашањето за согласноста на член 25 став 2 од Законот со наведените уставни одредби.

5. Судот понатаму, утврди дека во оспорениот член 32 став 2 алинеја 4 од Законот е предвидено дека член на Совет за радиодифузија не може да биде разрешен пред истекот на времето за кое е избран освен ако е осуден за кривично дело за кое што е предвидена казна затвор во траење подолго од шест месеца или му е изречена казна забрана за вршење на должност во траење подолго од шест месеца.

Според член 8 став 1 алинеја 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за кривично дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавните функции.

Според член 32 став 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Согласно став 3 на овој член, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло или општествена положба.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, како и содржи­ната на оспорената законска одредба, Судот оцени дека во конкретниот случај станува збор за ограничување на правата на граѓаните како последица од осуда за кривично дело која настапува по сила на закон. Ова од причина што при оценување на уставноста на оспорената законска одредба како основен критериум Судот го имаше предвид постоењето на двата принципи на казненоправниот однос утврдени во членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, а тоа се прво, дека казната може да се изрече само со судска одлука и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис. Тоа, со други зборови значи дека согласно наведените уставни одредби казненоправниот однос се исцрпува на релацијата казниво дело и судски изречената казна за сторителот и дека натамошни последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.

Поаѓајќи од содржината на оспорената законска норма според која член на советот ќе биде разрешен и пред истекот на мандатот за кој е избран односно ќе биде разрешен ако е осуден за кривично дело за кое што е предвидена казна затвор во траење подолго од шест месеца, Судот оцени дека е ограничување на можноста членот на советот да продолжи да ја врши функцијата и не е последица што произлегува од извршувањето на изречената кривична санкција, туку претставува дополнителна последица што граѓаните ја трпат по основ на осудуваност, а која настапува по сила на Законот, а не како индивидуализација на казната што ја изрекува судот. Ова оттаму што во Кривичниот законик се утврдени повеќе од 300 кривични дела за кое е предвидена казна затвор над шест месеци, при што судот при утврдување на вината на сторителот за сторената кривично дело за кое е предвидена наведената казна применувајќи ги институтот на одмерување на казната, ублажување на казната и условна осуда не секогаш ја изрекува казната затвор над шест месеци.

Според тоа, квалификацијата „предвидена“ казна а не казна изречена со правосилна судска пресуда за одредено кривично дело според Судот овозможува полна дискреција при одлучување за престанок на мандатот на член на совет пред истекот на мандатот, при што поединецот не е заштитен од самоволно попречување да ја врши функцијата.

Со оглед на наведеното, со основ пред Судот се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 32 став 2 алинеја 4 со одребите од член 8 став 1 алинеја 1 и 3, член 13 став 1, член 14 став 1, член 9, член 23, член 25, член 51 и член 54 од Уставот.

6. Судот, утврди дека во оспорениот член 25 став 1 алинеја 5 од Законот е предвидено дека за член на Советот за радиодифузија не може да биде избрано лице кое е правосилн осудено на казна затвор подолго од шест месеца и ако му е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност подолго од шест месеца.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби наспрема содржината на оспорениот член 25 став 1 алинеја 5 од Законот за радиодифузија во кој е предивдено дека за член на Советот за радиодифузија не може да биде избрано лице кое е правосилно осудено на казна затвор подолго од шест месеца и ако му е изречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност подолго од шест месеци, Судот смета дека во конкретниов случај не може да се постави прашањето за неговата согласност со наведените уставни одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата. Ова од таму што во конкретниов случај не станува збор за правна последица од осуда која настапува по сила на законот, туку за два услови кумулативно предвидени: лицето да не е осудено на казна затвор над шест месеци и да не му е изречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност подолго од шест месеци при што предвидувањето на овие услови не може да се прифати како ограничување на правата и слободите на индивидуата.

Имено со оспорената одредба недвосмислено и јасно е утврден причинскиот однос на забраната едно лице да биде избрано за член на Советот за радиодифузија поради постоење на правосилна судска пресуда со кое лицето е осудено на казна затвор над 6 месеци и казна забрана за вршење на професија, дејност или должност над шест месеци.

Со оглед на наведеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 25 став 1 алинеја 5 од Законот со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.126/2006
27 јуни 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply