100/2007-0-0

100/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 јуни 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на цените на услугите што ги врши Јавното претпријатие за комунална дејност „Маврово“ Нас. Маврови Анови донесена од Управниот одбор на ЈП за комунална дејност Маврово бр.0202-423 од 9 ноември 2005 година „Службен гласник на општина Маврово и Ростуша“ бр.8/2005 од 7 декември 2005 година).

2. Христо Костовски, Косто Аврамовски, Трајко Јовев, Анастас Талевски, Слободан Здравков, Евто Велјановски, Ангел Поп Стефанов и Анастасија Димовска, сите од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителите на иницијативата сметаат дека со оспорената одлука бил повреден членот 27 од Законот за комунални дејности, од причина што согласноста на основачот морала да претходи на донесувањето на одлуката, а не истата да биде обезбедена по донесување на истата.

Утврдувањето, во оспорената одлука, потрошената вода да се наплатува паушално, исто така не било во согласност со член 29 од Законот за комунална дејност, член 6 став 2 и член 27 од Законот за снабдувањето со вода за пиење и одведувањето на урбано отпадните води и член 2 од Методологијата за утврдување на цената на водата за пиење и одведување на урбани отпадни води. Ова од причина што во наведените одредби било предвидено наплатата на потрошената вода да се врши спрема 1 м3 стварно потрошена вода, измерено со водомер, а не паушално како се предвидувало во оспорената одлука.

Според наводите во иницијативата утврдената обврска на корисниците физички лица – да плаќаат за изнесување на смет од дворната површина е нецелисходно, бидејќи таква услуга претпријатието не вршело затоа што поголем дел од годината дворната површина била покриена со снег, а преку лето, станува збор за површини со шума и слично од која доносителот на одлуката не вршел никакви услуги.

Исто така, зголемувањето на цените на услугите кои што ги преземало ЈП за комунални дејности „Маврово“ немало економска оправданост, бидејќи не бил променет квалитетот на услугите.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука содржи 4 (четири) члена.

Во членот 1 од оваа Одлука се наведува дека со оваа Одлука се утврдуваат цените на услугите на ЈП за комунална дејност „Маврово„ – Нас. Маврови Анови.

Според членот 2 од истата Одлука утврдувањето на цената се однесува:

а) За физички лица корисници на услуги цената изнесува:

– За дворна површина изнесувањето на смет по метар квадратен 0,30 денари за еден месец.
– За стамбена површина изнесувањето на смет по метар квадратен 1 денар за еден месец.
– За испорачана вода до корисникот се утврдува паушал од 100 денари за еден месец.

б) За правни лица корисници на услуги цената изнесува:

– За изнесен смет по стамбена површина од метар квадратен 3,80 денари за еден месец.
– За изнесен смет по дворна површина од метар квадратен 1,25 денари за еден месец.
– За потрошена вода по лежај се утврдува 50 денари за еден месец.

– Утврдена цена за паушал 500 денари за еден месец.

Во цената на услугите што ги врши ЈПКД „Маврово“ – Нас. Маврови Анови не е вкалкулиран ДДВ.

Утврдувањето на цените на услугите што ги врши ЈП за комунална дејност „Маврово“ – Нас. Маврови Анови се однесува на целата територија на Општина Маврово и Ростуша, каде што ЈП ги два услугите.

Во членот 3 од Одлуката се наведува дека со оваа Одлука Советот на Општина Маврово и Ростуша дава согласност на Одлуката, број 0202-423 што ја донесе Управниот одбор на ЈП за комунална дејност „Маврово“ – Нас, Маврови Анови, на седницата одржана на ден 9.11.2005 година.

Одлуката да се достави до: Директорот на ЈП за комунална дејност „Маврово“ – Нас. Маврови Анови и до архивата на Општината.

Во членот 4 од истата Одлука се наведува дека оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Маврово и Ростуша“.

4. Со Законот за водите („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1998 и 19/2007) се уредуваат прашања од значење за обезбедување единствен режим на водите во Република Македонија. Водите, водотеците и езерата како добро од општ интерес на Република Македонија, според членот 2 од овој закон, уживат посебна заштита утврдена со овој закон и се во државна сопственост.

Членот 17 од овој закон определува дека водостопанската дејност е од јавен интерес. Со членот 132 е утврдено дека се плаќа надоместок за водите во зависност од нивната намена по различни корисници и на начин и услови кои се посебно определени и разработени со одредбите од овој закон.

Според член 1 став 1 од Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/1996, 6/2002 и 40/2003) јавните претпријатија се основаат заради вршење на стопанските дејности од јавен интерес, а како такви дејности во членот 2, меѓу другите се утврдени и комуналните дејности.

Во членот 6 е утврдено дека јавното претпријатие има својство на правно лице, кое го стекнува со уписот во трговскиот регистар.

Според членот 11 точка 6 и членот 19 став 1 и став 2 точка 8 од овој закон, управниот одбор на јавното претпријатие ги има сите овластувања да презема мерки кои се потребни и корисни заради постигање на целите на јавното претпријатие во согласност со закон, ги утврдува цените на производите и услугите, а основачот на јавното претпријатие дава согласност на актот со кој се утврдуваат цените на производите и услугите што јавното претпријатие ги продава и врши на корисниците.

Законот за комунални дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр.45/1997, 23/1999, 45/2002 и 16/2004) обезбедува правна рамка за давање квалитетни и достапни услуги на корисниците. Оттука, овој закон со член 1 ги уредува основните услови и начинот на вршењето на комуналните дејности, нивното финансирање и други прашања од значење за овие дејности. Како комунална дејност, според членот 3 од овој закон, меѓу другото, е предвидено снабдувањето со вода за пиење под што се подразбира зафаќање, обработка и дистрибуција на вода до мерниот инструмент на корисникот, обработка и испорака на технолошка вода, зафаќање, обработка, дистрбуција на вода до мерниот инструмент на корисникот, одведување и пречистување на отпадни води и атмосферска вода.

Според членот 15 од овој закон, општината може да основа јавно претпријатие заради организирано и квалитетно вршење на комуналните дејности и стопанисување со објектите на комуналната инфраструктура од локален карактер.

Висината на цената и начинот на плаќање на комуналните услуги согласно членот 27 од Законот за комунални дејности ја определува управниот одбор на јавното претпријатие, по претходна согласност на основачот. Според член 29 став 1 алинеја 1 од овој закон, плаќањето (цената) на услугите за снабдување со вода се определува според еден метар кубен обработена и испорачана вода.

Според член 1 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани води („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2004 и 28/2006) со овој закон се уредуваат условите и начинот за снабдување со вода за пиење, прекинување на снабдувањето со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води во реципиентот преку водоснабдителниот и канализациониот систем, изградбата, одржувањето, заштитата и приклучувањето на водоснабдителни и канализациони системи, односите меѓу давателот и корисникот на услугата, како надзор над спроведувањето на овој закон.

Според член 5 од Законот, давателот на услугата, меѓу другото врши: снабдување со вода за пиење со зафаќање, обработка и дистрибуција на водата преку водснабдителниот систем до главниот водомер на корисникот на услугата; одведување на урбани отпадни води во реципиентот; со нивно собирање од корисниците на услугата преку канализационата мрежа, пречистување и испуштање на реципиентот; одведување на атмосферските води во реципиентот со нивно прифаќање од урбанит еповршини, со одведување преку атмосферската канализациона мрежа и испуштање во реципиентот и управување и одржување на водоснабдителниот и канализациониот систем.

Во членот 6 ставови 1 и 2 од Законот, е предвидено дека средствата за вршење на дејностите од членот 5 на овој закон се остваруваат од цената на користење на тие услуги и надоместокот за приклучување на водоснабдителниот и канализациониот систем. Цената на водата за пиење и одведувањето на урбаните отпадни води и атмосферски води се изразуваат во ден/м3.

Според членот 6 став 3, пак, од истиот закон, цената од ставот 2 на овој член зависи од трошоците за снабдување со вода за пиење до корисниците на услугата и одведувањето на урбаните отпадни води, трошоци за заштита на животната средина околу извориштето и на самото извориште, експлоатационите трошоци, трошоците за одржување, замена на амортизираните делови и други оштетувања, капитални инвестиции, каматите за отплата на капиталните инвестиции и други трошоци.

Според став 4 на членот 6 од Законот, определувањето на висината на цената се врши со методологија, а врз основа на средниве критериуми: потрошена количина на вода за пиење од страна на корисниците на услугата, како просечна и прекумерна потрошувачка и категории на корисници на услугата.

Ставот 9 на членот 6 од истиот закон, предвидува дека, методологијата за утврдување на цената од ставот 4 на овој член, ја пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на комуналните работи.

Според членот 2 од Методологијата за утврдување на цената на водата за пиење и одведување на урбани отпадни води („Службен весник на Република Македонија“ бр.107/2005), цената на водата за пиење и одведувањето на урбаните отпадни води се утврдува врз основа на следните критериуми: 1) потрошена количина на вода за пиење од страна на корисниците на услугата, како просечна и прекумерна потрошувачка која се изразува во м3 и 2) категории на корисници на услугата.

Од анализата на наведените законски одредби во корелација со наведените содржини во иницијативата, сметаме дека комуналната дејност – снабдување на населението со вода ја вршат јавни претпријатија основани од општините кои исто како даватели на услугите се овластени да ја утврдуваат и висината на цената и начинот на плаќањето на оваа комунална услуга, а по претходна согласност на основачот. Притоа, висината на цената се утврдува по наведената мерна единица од 1 м3 обработена и испорачана вода.

Во конкретниов случај оспорената одлука број 0202-423 е донесена од Управниот одбор на ЈП за комунална дејност „Маврово“ – Маврови Анови на 9 ноември 2005 година, а Советот на општина Маврово и Ростуше, како основач на ова јавно претпријатие дал согласност на Одлуката заведена под бр.07-94/2 од 5 декември 2005 година, која одлука со Заклучок бр.08-253/3 од 6 декември 2005 година е објавена во „Службен гласник на општина Маврово и Ростуше“ бр.8/2005 од 7 декември 2005 година. Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука за Законот за комунални дејности. Имено, ова од причини што постои законски основ за донесување на оспорената одлука, а цените утврдени во истата стапиле во примена по добивање на согласноста, со оспоренииот заклучок на Советот на општината објавен во службеното гласило на општината, што значи дека цените на јавното претпријатие важат и се во примена по согласноста на основачот на јавното претпријатие.

Околноста што со оспорената одлука е утврдено дека за испорачана вода до корисникот се утврдува паушал од 100 денари за еден месец, според Судот не се повредува законот, од причини што ваквото решение е утврдено затоа што во конкретниов случај станува збор за урбана населба во која корисниците на услугите немаат постојано место на живеење и не стои можност за месечно читање на водомерот и точно утврдување на м3 потрошена вода, но со одредувањето на месечниот паушал од 100 денари, се врши пребивање до моментот на читање на водомерот, што претставува начин на плаќање на услугите за користење на водоводниот и канализациониот систем, што е законска обврска на секој корисник на услугите.

Во однос на наводот во иницијативата дека не стои обврската за корисниците да плаќаат надомест за изнесување на смет од дворната површина како е утврдено во оспорената одлука, од причини што такви услуги ЈП не вршело бидејќи поголем дел од годината дворната површина, била покриена со снег, а останатиот дел, односно преку летото било покриено со шума, според Судот е неоснован. Ова од причина што во смисла на Законот за комунални дејности под комунална дејност се подразбира и одржувањето на хигиена во градските и други населби, што значи корисниците на овие обврски согласно овој закон имаат обврска да плаќаат за ваквата комунална услуга, а прашањето дали надлежното јавно претпријатие ја врши ваквата услуга или не, не е во надлежност на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски и Игор Спировски.

У.бр.100/2007
20 јуни 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи