30/2007-0-0

30/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 мај 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилата за работен ред, дисциплина и надомест на штета на Јавното сообраќајно претпријатиите „Скопје“ – Скопје, донесени од Управниот одбор на претпријатието на 3 февруари 2006 година.

2. Љупчо Илиев – адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилата означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорените Правила за работниот ред, дисциплина и надомест на штета на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје„ од Скопје, меѓу останатото, Јавниот одбор на претпријатието, како повреда на работни обврски и дисциплина ја утврдил: „членот 14 точка 80 според која, за време на работа или после работа или за време на годишен одмор или боледување за своја или за туѓа сметка врши превоз во приватниот градски и предгратски сообраќај или такси превоз, односно работи кои спаѓаат во дејноста на претпријатието, не била во согласност со членот 36 од Законот за работните односи според кој, за време траење на работниот однос, работникот не смее без согласност на работодавачот да врши и склучува работи кои спаѓаат во дејноста на работодавачот и значат или бо можеле да значат конкуренција на работодавачот. Според тоа, од страна на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ од Скопје неправилно било постапено кога во оспорената точка 80 на членот 14 од наведените Правила било предвидено дека вработените не можеле да обавуваат после работа такси-превоз. Ваквата забрана се наведува понатаму во иницијативата, би можела да произлегува евентуално од други позитивни прописи, но тоа не би можело да претставува повреда на работниот ред и дисциплина. Ова, особено ако се има предвид фактот дека вршењето на такси превоз не можело да се прифати дека претставува иста дејност како основната дејност на претпријатието, а тоа значело дека не можело да претставува конкуренција на Јавното сообраќајно претпријатие во смисла на член 36 став 1 од Законот за работните односи.

Поради изнесеното се бара Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 14 точка 80 од наведените Правила.

3. Судот на седницата утврди дека Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ од Скопје, врз основа на членовите 71 став 3, 81 став 2 и 82 став 1 од Законот за работните односи, на седницата одржана на 3 февруари 2006 година ги донесе Правилата за работниот ред, дисциплина и надомест на штетата на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ од Скопје.

Со овие Правила се уредуваат, односно доуредуваат работните обврски, други обврски како и одговорности поврзани со исполнувањето на работните обврски, кршењето на работниот ред и дисциплина, штетата и откажувањето на договорот за вработување на работниците во Јавното сообраќајно претпријатие.

4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијати-вата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од карактерот на оспорените Правила кои уредуваат прашања од работен однос што настануваат внатре во конкретно јавно сообраќајно претпријатие, Судот утврди дека тие немаат карактер на пропис, туку уредуваат прашања поврзани со работните односи на вработените во споменатото претпријатие, односно уредуваат прашања по однос на работниот ред, дисциплина и надомест на штета на претпријатието.

Со оглед на тоа што оспорените Правила немаат карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд не е надлежен да одлучува за нивната согласност со Уставот и со Законот за работните односи.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Бајрам Положани, Игор Спировски.

У.бр.30/2007
16 мај 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply