25/2007-0-0

25/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 8 и 9 мај 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување единечни цени за м3 вода, донесена од Управниот одбор на Комуналното јавно претпријатие (КЈП) „Водовод“ Кочани, бр.0202-866 од 28 ноември 2006 година, со Заклучокот за давање согласност на Одлуката на Управниот одбор на КЈП „Водовод“ Кочани за утврдување единечни цени за м3 вода, донесен од Советот на општина Кочани, бр. 07-2363/1 од 27 декември 2006 година.

2. Љубомир Јанев, градоначалник на општина Кочани на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата смета дека Советот на општина Кочани донел Заклучок за давање согласност на Одлука што била спротивна на закон. Ова од причина што Управниот одбор на КЈП „Водовод“ Кочани не ја применил Методологијата за утврдување на цената на водата за пиење и одведување на урбани отпадни води („Службен весник на Република Македонија„ бр.107/2005) во која биле пропишани критериуми и елементи за утврдување на цената на водата. Со тоа што не била применета Методологијата споменатиот управен одбор воедно и не направил анализа и согледување дали кај некој од елементите што ја сочинуваат цената на водата настанала промена, за да дојде до намалување на цената на водата за пиење. Тоа значело дека Предлог-одлуката била доставена до советот на општината Кочани без образложение и аргументација, но и покрај ваквата состојба, Советот на општината Кочани дал согласност.

Сето ова значело „паушално“ намалување на цената на водата за пиење. Во прилог на ваквата конста-тација бил и фактот што цената на водата за правните лица не се намалила, туку останала иста, па се поставува прашањето како тоа настапиле околности за намалување на цената на водата само по однос на домаќинствата, но не и по однос на водата што ја користат индустријата и другите правни лица.

Поради наведените причини предлага Судот да ја оцени законитоста на Одлука на Управниот одбор на КЈП „Водовод“ Кочани и Заклучокот на Советот на општината Кочани.

Во појаснувањето на иницијативата, подносителот на иницијативата наведува дека бара оцена на согласноста на двата оспорени акта по однос на член 6 став 4 и став 9 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води, од причина што наведените одредби не биле применети при донесувањето на оспорената Одлука.

Исто така, подносителот на иницијативата наведува дека со оспорената одлука бил повреден принципот на еднаквост, затоа што со истата фактички се намалила цената на водата само за граѓаните, но не и за правните лица, што упатува на заклучок дека со појаснувањето на иницијативата се бара и оцена на уставноста на оспорените акти по однос на членот 9 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека Управниот одбор на КЈП Водовод Кочани, на III-та редовна седница одржана на 28 ноември 2006 година, во согласност со член 19 од Статутот на КЈП Водовод Кочани, член 27 од Зако-нот за комунални дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/1996, 40/2003 и 49/2006), член 19 точка 7 од Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/1996, 40/2003 и 49/2006) ја донел оспорената одлука.

Со одлуката се утврдува единечна цена на м3 вода. Притоа во делот I. од одлуката е определено дека точката 1 од Одлуката за утврдување единечни цени на м3 вода донесена на 16 ноември 2005 година се менува на начин што се определува износ од 26,50 денари за потрошен м3 вода за домаќинства.

Во делот II од Одлуката е определено дека цената определена со оспорената одлука ќе се применува по добивањето на согласност од советот на општината Кочани (согласно член 11 точка 5 од Законот за јавните претпри-јатија).

Врз основа на член 11 став 1 точка 5 од Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/1996, 40/2003 и 49/2006), а во врска со член 27 од Законот за комунални дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр. 45/1997, 23/1999, 45/2002 и 16/2004), Советот на општина Кочани на седницата одржана на ден 27 декември 2006 година, го донел оспорениот заклучок.

Во делот I. од оспорениот Заклучок е определено дека се дава согласност на Одл уката на Управниот одбор на КЈП „Водовод“ Кочани за утврдување единечна цена на м 3 вода, а во делот II. е определено дека истиот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Кочани“.

4 . Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, нациналното и социјалното потекло, политичкото и верското уверу-вање, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во Законот за комунални дејности е уредено вршењето на комуналните дејности, нивното финансирање и други прашања од значење за комуналните дејности. Вршењето на комунални дејности е од јавен интерес, при што, под снабдувањето со вода за пиење, како комунална дејност, се подразбира зафаќање, обработка и дистрибуција на вода до мерниот инструмент на корисникот; обработка и испорака на технолошка вода (зафаќање, обработка и дистрибуција на вода до мерниот инструмент на корисникот); одведување и пречистување на отпадни води и атмосферски води. Општината може да основа јавно претпријатие заради организирано и квалитетно вршење на комуналните дејности и стопанисување со објектите на комуналната инфраструктура од локален карактер. Притоа, висината на цената и начинот на плаќање на комуналните услуги, ја определува управниот одбор на јавното претпријатие, по претходна согласност на основачот, а плаќањето (цената) на услугите за снабдување со вода се определува според еден метар кубен обработена и исп орачана вода.

Според одредбите од Законот за јавните претпријатија (“Службен весник на Република Македонија” број 38/1996, 6/2002, 40/2003, 49/2006 и 22/2007), јавните претпријатија се основаат заради вршење на дејности од јавен интерес на територијата на Република Македонија, а како такви дејности, меѓу другите, се утврдени и комуналните дејности. Притоа, јавно претпријатие во име на општината основа советот на општината. Управниот одбор на јавното претпријатие ги има сите овластувања да презема мерки кои се потребни и корисни заради постигање на целите на јавното претпријатие во согласност со закон, ги утврдува цените на производите и услугите, а основачот на јавното претпријатие дава со гласност на актот со кој се утврдуваат цените на производите и услугите што јавното прет-пријатие ги продава и врши за корисниците.

Со одредбите од Законот за водите (“Службен весник на Република Македонија” број 4/1998, 19/2000, 42/
2005 и 46/2006), меѓу другото се уредуваат прашања од значење за обезбедување единствен режим на водите во Република Македонија. Водите, водотоците и езерата како добра од општ интерес на Република Македонија, уживаат посебна заштита утврдена со овој закон и се во државна сопственост. Притоа, водостопанската дејност е дејност од јавен интерес, а надоместок за водите се плаќа во зависност од нивната намена по различни корисници и на начин и услови кои се посебно определени и разработени со одредбите од овој закон.

Според член 1 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2004 и 28/2006), со овој закон се уредуваат условите и начинот за снабдување со вода за пиење, прекинување на снабдувањето со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води во реципиентот преку водоснабдителниот и канализациониот систем, изградбата, одржувањето, заштитата и приклучувањето на водоснабдителни и канализациони системи, односите меѓу давателот и корисникот на услугата, како и надзор над спроведувањето на овој закон.

Според член 5 од Законот, давателот на услугата, меѓу другото врши: снабдување со вода за пиење со зафаќање, обработка и дистрибуција на водата преку водоснабдителниот систем до главниот водомер на корисникот на услугата; одведување на урбани отпадни води во реципиентот, со нивно собирање од корисниците на услугата преку канализационата мрежа, пречистување и испуштање во реципиентот; одведување на атмосферските води во реципиентот со нивно прифаќање од урбаните површини, со одведување преку атмосферската канализациона мрежа и испуштање во реципиентот и управување и одржување на водоснабдителниот и канализациониот систем.

Според член 6 ставови 1 и 2 од Законот, средствата за вршење на дејностите од членот 5 на овој закон се остваруваат од цената за користење на тие услуги и надоместокот за приклучување на водоснабдителниот и канализациониот систем. Цената на водата за пиење и одведувањето на урбаните отпадни води и атмосферски води се изразуваат во ден/м3.

Според став 3 од истиот член од Законот, цена та од ставот 2 на овој член зависи од трошоците за снабдување со вода за пиење до корисниците на услугата и одведувањето на урбаните отпадни води, трошоци за заштита на животната средина околу извориштето и на самото извориште, експлоатационите трошоци, трошоците за одржување, замена на амортизираните делови и други оштетувања, капитални инвестиции, каматите за отплата на капиталните инвестиции и други трошоци.

Според став 4 на членот 6 од Законот, определувањето на висината на цената се врши со методологија, а врз основа на следниве критериуми: потрошена количина на вода за пиење од страна на корисниците на услугата, како просечна и прекумерна потрошувачка и категории на корисници на услугата.

Според став 9 од членот 6 од Законот, методологијата за утврдување на цената од ставот 4 на овој член, ја пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на комуналните работи.

Тргнувајќи од изнесените законски одредби, а во контекст на наводите од иницијативата и дополнувањето на иницијативата произлегува дека во оваа постапка не е спорно прашањето по однос на овластувањето на управниот одбор на јавното претпријатие да ја определи цената на наведената комунална дејност, снабдување со вода. Не е спорно и тоа дека оспорената одлука е донесена со согласност на Советот на општината Кочани како основач на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ Кочани.

Тоа што е спорно во оваа постапка е дали Јавното претпријатие и Советот на општината при форми-рањето на цената ја примениле Методологијата за утврдување на цената на водата за пиење и одведување на урба-ни отпадни води, при намалувањето на цената на водата, како што предвидел член 6 став 4 од Законот за снабдува-ње со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води.

Тргнувајќи од содржината на наведената одредба, според Судот станува збор за фактичко прашање за кое Уставниот суд не е надлежен да одлучува и како такво не спаѓа во корпусот на прашања од уставносудската надлежност. Имено, дали наведената методологија била или не била применета во формирањето на цената на водата е прашање за кое не е надлежен да одлучува Уставниот суд, туку тоа прашање спаѓа во надлежност на други органи кои по принципот на надзор, според наведените законски одредби, водат сметка за таквата примена. Воедно, евентуалната примена или непримена на споменатата методологија при определувањето на намалената цена на водата за домаќинствата не е прашање што би ја правело оспорената одлука противуставна или против-законита.

Оспорените акти, исто така, не можат да се доведат во релација со член 6 став 9 од наведениот закон, а од причина што и самиот подносител на иницијативата не го оспорува овластувањето, министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на комуналните работи да ја пропише наведената методологијата. Во овој случај оспорувањето е од причини што немаат допирни точки со наведеното овластување.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашање за согласност на оспо-рената одлука со член 6 став ови 4 и 9 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води.

По однос на прашањето за повреда на членот 9 од Уставот, според Судот, оспорените акти не можат да се доведат под сомнение по однос на нивната согласнот со наведената уставна одредба. Имено, домаќинствата и правните лица се различни категории корисници на наведената комунална дејност и како такви нивната еднаквост не е доведена во прашање, од причина што принципот на еднаквост важи само за оние субјекти во правото што се наоѓаат во еднаква правна положба и услови што овде не е случај, од каде не може да се постави прашањето за согласност на оспорените акти со наведениот член од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6 . Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов, а по однос на Заклучокот со мнозинство гласови.

У.бр.25/2007
8 и 9 мај 2007 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply