199/2006-0-0

199/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 18 април 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на деловите

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на деловите од членот 31 став 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Имено, според подносителот на иницијативата, начинот на остварување на правото на паричен надоме-сток за помош и нега од друго лице, како и условите за остварување на ова право можел да се пропишува само со закон и со колективен договор а не се со акт на министерот за труд и социјална политика. Оттаму, со оспорените делови од одредбата се повредувале член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 34, член 35, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 91 алинеја 1 и 5 и член 96 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 31 став 5 од Законот, министерот со акт го пропишува начинот на оствару вање на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, потребната документа-ција која се приложува кон барањето за остварување на ова право, поблиску ги определува условите за остварување на ова право, составот и начинот на работа на стручната комисија од ставот 1 на овој член, начинот на водење евиденција за издадени наоди и содржината на образецот за давање на наод, оцена и мислење за утврдување на потребата за помош и нега од друго лице.

Одредбата се оспорува во деловите: „начинот на остварување на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице“ и „поблиску ги определува условите за остварување на ова право“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Според член 35 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност (став 1). Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани (став 2). Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот (став 3).

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Според член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002), министерот, меѓу другото, донесува правилници за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон. Според член 56 став 1 од овој закон, со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување, а според член 61 став 1 од овој закон, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Според член 4 став 1 од Законот за социјалната заштита, социјалната заштита е организирана дејност од страна на Републиката за спречување и надминување на основните социјални ризици на кои е подложен граѓанинот, семејството и групи население во текот на животот (во натамошниот текст: корисници на соци јална заштита). Според став 2 алинеја 1 на истиот член од Законот, под социјален ризик во смисла на овој закон се подразбира: ризици по здравјето (болест, повреда и телесна попреченост).

Во Главата II од Законот, со наслов: „Услуги и мерки во социјалната заштита и социјалната работа“ е содржана и точката 4 со наслов: „Право на социјална помош“. Во оваа точка е содржано и посебното заглавие со наслов: Паричен надомест за помош и нега“, во кое се содржани членовите 30, 30-а, 30-б, 30-в, 30-г, 30д и 31 во кој спаѓаат и оспорените деловите, предмет на оваа иницијатива.

Според член 30 од Законот, право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице има лице над 26-годишна возраст, со тешки и најтешки пречки во интелектуалниот развој, лице со потешка и најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице, како и лице со трајни промени во здравствената состојба, на кое му е неопходна помош и нега од друго лице заради тоа што не може само да ги задоволува основните животни потреби, доколку ова право не може да го оствари врз основа на други прописи. Висината на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице се утврдува во зависност од обемот на потребата за помош и нега од друго лице и просечниот месечен приход на семејството на подносителот на барањето остварен во претходните три месеци пред поднесување на барањето.

Според член 30-а од Законот, потребата од помош и нега од друго лице во поголем обем има лице со тешки и најтешки пречки во интелектуалниот развој, лице со потешка и најтешка телесна попреч еност, потполно слепо лице, како и лице со трајни промени во здравствената состојба, поради што не може само да ги задоволува основните животни потреби, не може ниту со помош на ортопедски помагала самостојно да се движи во станот или надвор од станот, самостојно да се храни, облекува, да ја одржува личната хигиена, ниту да ги врши основните физиолошки потреби (став 1). Потреба од помош и нега од друго лице во помал обем има лице кое поради трајни промени во здравствената состојба не може без помош од друго лице во потполност да ги задоволува основните животни потреби (став 2). Потреба од помош и нега од друго лице од ставо вите 1 и 2 на овој член има лице кое поради привремена промена во здравствената состојба не може да ги задоволи основните животни потреби (став 3).

Според член 30-б од Законот, за лицата од членот 30-а став 1 на овој закон висината на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице изнесува 26% од основицата утврдена во членот 25 став 1 на овој закон (став 1). За лицата од членот 30-а став 2 на овој закон висината на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице изнесува 23% од основицата утврдена во членот 25 став 1 на овој закон (став 2).

Членот 30-в од Законот го содржи процентот на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице, кој се утврдува, меѓу другото, во зависност од остварениот просечен месечен приход на семејството, како и бројот на членовите на семејството.

Во членот 30-г од Законот е уредено што се смета или не се смета како приход врз основа на кој се утвр-
дува висината на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице.

Во членот 30-г од Законот е уредено под кои околности мирува исплатата на ваков вид надоместок.

Од анализата на целината на одредбите од Законот за социјалната заштита, како и од анализата на цитираните одредби, во контекст на оспорените делови од одредбата произлегува дека законодавецот, меѓу другото, предвидел и овластување за министерот за труд и социјална политика со акт да го пропише начинот на остварување на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, потребната документација која се приложува кон барањето за остварување на ова право, поблиску да ги определи условите за остварување на ова право, составот и начинот на работа на стручната комисија, начинот на водење евиденција за издадени наоди и содржината на образецот за давање на наод, оцена и мислење за утврдување на потребата за помош и нега од друго лице.

Од вака наведените овластувања, за подносителот на иницијативата спорно е овластувањето за пропишување на начинот на остварување на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице и овластувањето за поблиско определување на условите за остварување на ова право, а од причина што смета дека тие можат да се пропишуваат само со закон и со колективен договор, а не со акт на министерот за труд и социјална политика.

Меѓутоа, во овој случај не станува збор за пропишување надвор од дадената законска рамка со оглед на фактот што во членовите 30, 30-а, 30-б, 30-в, 30-г и 30-д од Законот, зак онодавецот ги уредил критериумите и условите за остварување на овој вид на надоместок.

Имено, во членот 30 став 1 од Законот е определено во кои случаи се смета дека одредено лице има потреба од помош и нега од друго лице. Во ставот 2 на истиот член од Законот е определено дека висината на надоместокот е во зависност од обемот на потребата за помош и нега, како и од висината на просечниот месечен приход на семејството на подносителот на барањето.

Во членот 30-а од Законот, се определува што се смета за помош и нега од друго лице во поголем и помал обем, а во членот 30-б од Законот е определена висината на паричниот надоместок преку определување на соодветен процент од законски дефинирана основица.

Понатаму, во членот 30-в од Законот е определен начинот на пресметување на процентот на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице, кој, меѓу другото, зависи од остварениот просечен месечен приход на семејството, како и бројот на членовите на семејството. Во членот 30-г од Законот е уредено што се смета или не се смета како приход врз основа на кој се утврдува висината на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице, а во членот 30-г од Законот е уредено под кои околности мирува исплатата на ваков вид надоместок.

Оттаму, според Судот, со овластување министерот од соодветниот орган на државната управа со свој акт, врз основа на вака дадената законска рамка да го пропише начинот и условите за остварување на правото на овој вид надоместок, всушност се реализира техниката на имплементаци ја на законските норми што е основна функција на извршната власт.

Што се однесува до прашањето, пак, дали министерот ќе се движи или ќе излезе од рамките утврдени во членот 56 и 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, при разработката на начинот на остварување на правото на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице, според Судот, тоа е прашање што би можело да биде предмет на оценување само во случај кога би се работело за оспорување на конкретен пропис и акт што е донесен во смисла на овластувањето утврдено во оспорените одредби.

Сумирајќи ја анализата на изнесените законски одредби, произлегува дека станува збор за комплексен закон, чии одредби не можат да се гледаат изолирано, туку како една целина, пришто интенцијата на законодавецот била надлежниот министер преку поблиската разработка на остварувањето на ова право во подзаконски акт да ја оствари операционализацијата на одделни одредби на Законот заради нивно извршување.

Врз основа на изнесеното, произлегува дека оспорените делови од одредбите на Законот за социјалната заштита, разгледувани сами по себе, а и како целина на законскиот концепт, претставуваат доволно законско овластување, за да министерот за труд и социјална политика во функција на разработка донесе подзаконски акт.

Имајќи го предвид сето наведено, тргнувајќи од темелната вредност за поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, Судот оцени дека министерот како еден од органите на извршната власт во овој случај, со вак а дадените законски овластувања не навлегува во сферата на законодавната власт, како издвоена власт од извршната.

Оттаму, по однос на оспорените делови од одредбата на членот 31 став 5 од Законот за социјална заштита, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 34, член 35, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 91 алинеја 1 и 5 и член 96 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6 . Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова–Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.199/2006
18 април 2007 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply