19/2007-0-0

19/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 март 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на Управниот одбор на Адвокатската комора за утврдување на висината на коморскиот уписен влог („Службен весник на Република Македонија“ бр.1/2007).

2. Благица Тодоровска од Свети Николе, Народниот правобранител на Република Македонија и Стоимен Филипов од Кочани, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативите поднесени од тројцата подносители, оспорената одлука не била во согласност со членот 9 став 2 од Уставот на Република Македонија, според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Имено, подносителите на иницијативите сметаат дека воведувањето на нова материјална обврска за новите адвокати, која била двојно поголема од претходно утврдената која се однесувала на адвокатите кои претходно биле упишани во Адвокатската комора, претставувало неуставен чин кој претставува дополнителен услов за обавување на адвокатскта дејност, со што лицата кои немало да бидат во материјална можност да го платат коморскиот уписен влог од 2000 евра, иако се впишале во Именикот на адвокати, немале да можат да ја вршат адвокатската дејност.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената Одлука во членот 1 предвидува дека по уписот во именикот на адвокатите во Адвокатската комора на Република Македонија, новите адвокати ќе плаќаат коморски уписен влог во висина од 2000 евра во денарска противвредност, а според член 2, оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото Судот оцени дека оспорениот акт нема карактер на пропис поради што не е подобен за уставно судска оцена.

Имено, според Судот оспорената одлука претставува интерен и конкретен акт за операционализација на членот 36 од Законот за адвокатурата и членот 23 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија, во кои одредби во надлежност на Управниот одбор е предвидено и определување на висината на коморскиот уписен влог.

Од причина што оспореникот акт нема карактер на пропис, Уставниот суд не е надлежен да ја оценува неговата уставност и законитост, поради што се исполнети условите за отфрлање на иницијативите.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.19/2007
21 март 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply