213/2006-0-0

213/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 7 март 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 54 од Законот за договорен залог („Службен весник на Република Македонија” бр.5/2003 и 4/2005).

2. Драган Иванов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 54 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Имено, според подносителот на иницијативата, со донесување на Законот за договорен залог, законодавецот имал за цел да ги унифицира и усогласи одредбите од Законот за договорна хипотека („Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000 и 86/2000) и Законот за залог на подвижни предмети и права („Службен весник на Република Македонија” бр.21/1998, 48/1999 и 86/2000) во еден закон, кој како lex specijalis ќе ја регулира материјата на залогот како средство за обезбедување на побарувањето со тоа што под институтот залог би се подразбирала хипотека на недвижност и залог на подвижни предмети и права. Притоа, во закони што престанале да важат не постоела одредба со која се ограничувало времетраењето на уписот на хипотеката или залогот во соодветните јавни книги, туку напротив во нивните одредби јасно била потенцирана неделивоста на залогот со побарувањето.

Меѓутоа, наместо да ја реализира унификацијата на наведениот начин, законодавецот со оспорената одредба од Законот за договорен залог повторно правел разлика помеѓу хипотека над недвижност и хипотека над подвижни предмети и права, со тоа што на втората и давал друг третман со неосновано, противзаконито и проти-
вуставно ограничување на времетраењето на уписот во заложниот регистар.

Од друга страна со оспорената одредба се создавала поповолна положба за должниците, бидејќи доверителите биле тие што морале да внимаваат на рокот на уписот, неговото пролонгирање, како и да ги надоместат трошоците за пролонгирање на уписот. Со ненавременото пролонгирање на уписот доверителите можеле да претрпат огромни штетни последици и покрај тоа што нивното побарување не било намирено во целост, а до пролонгација на рокот најчесто доаѓало по вина на должниците.

Понатаму, подносителот на иницијативата наведува дека оспорената одредба била во спротивност и со цитираниот член 2 став 2 од Законот, поради околноста што рокот на пристигнатост на одделни долгорочни кредитни или заемски побарувања, обезбедени со залог упишан во заложниот регистар, не секогаш се поклопувал со време-траењето на уписот од пет години.

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба била во спротивност и со природата, намената и целта на залогот, како стварно право врз туѓа ствар.

Во иницијативата се наведува и тоа дека во членот 231 од Законот за сопственост и други стварни права јасно се потенцирала акцесорноста на залогот, односно неделивоста на залогот со побарувањето. Оттаму, уписот на залогот не можел да се ограничува на определен рок, од причина што залогот постоел се додека постоело и побарувањето и секое друго условување со рокови и барања за пролонгација било спротивно на законската цел на залогот.

Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата смета дека оспорениот член од Законот бил спротивен со целта и намената на залогот, со членот 2 од Законот за договорен залог, членот 231 од Законот за сопственост и други стварни права, како и на првата реченица од членот 55 став 2 од Уставот на Република Маке-донија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 54 став 1 од Законот, уписот трае најмногу пет години, а рокот почнува да тече од моментот на запишувањето во Заложниот регистар. Овој рок може да се продолжи ако пред истекот на рокот се побара неговото продо-лжување (став 1). Продолжувањето се врши врз основа на барање за продолжување, кон кое мора да се приложи писмена согласност од залогопримачот и да се надоместат трошоците (став 2).

4. Според член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 16 став 2 од Уставот се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање. Според ставот 3 од истиот член од Уставот, се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации.

Според член 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување (став 1). Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата (став 2). Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон (став 3).

Според член 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Според став 2 од истиот член од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Тргнувајќи од анализата на наведените одредби од Уставот произлегува дека во него не се содржани одредби што поблиску го определуваат или гарантираат времетраењето на поедини права, освен по исклучок на одредбите што го определуваат времетраењето на мандатот на дел од носителите на јавните функции, што по суштина е уредување на конктетни статусни прашања.

Значи уставотворецот по однос на останатите права, различни од статусните, или по однос на заложното право, како изведено право од сопственичкото, во членот 30 став 2 од Уставот уредил дека никому не можат да му бидат одземени или ограничени правата кои произлегуваат од сопственоста, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Притоа, залогот по својата правна природа претставува посебен вид стварно право врз туѓа ствар и спаѓа во категоријата на изведени стварни права. За настанување на ова изведено стварно право треба претходно да постои одредена ствар врз која некој друг правен субјект има право на сопственост како основно стварно право или, попрецизно во вакви случаи имаме состојба кога врз ист објект постојат две стварни права.

Првото е правото на сопственост на објектот од кое за неговиот носител произлегуваат две стварно правни овластувања: стварта слободно да се користи и со стварта слободно да се располага.

Второто право засновано врз истиот објект е правото на залог како изведено стварно право од правото на сопственост, кое за разлика од правото на сопственост, е ограничено во своето дејство и се протега само врз располагањето со стварта како овластување во рамките на правото на сопственост, а не и на користење на таа ствар. Попрецизно, сопственикот на стварта и по конституирањето на правото на залог го задржува правото истата да ја користи за свои потреби, како што е случај со невладетелскиот залог.

Што се однесува до времетаењето на настанатиот, според согласност на волјите, договорен однос и во Законот за договорен залог не се содржани временски ограничувања по однос тоа колкаво може да биде неговото времетраењето. Законот содржи одредби само по однос на условите за престанок на настанатиот договорен однос. Оттаму, се поставува прашањето дали законското лимитирање на траењето на уписот во Централниот регистар на настанатиот невладетелски залог на период од пет години, со можност за продолжување е своевидно временско ограничување на правото на залог или пак станува збор за нешто друго.

Во понатамошната анализа на Законот за договорен залог, Судот утврди дека невладетелскиот залог како правна категорија е определен во членот 3 од Законот, а посебните видови невладетелски залог се определени во членовите 14 став 1, 15 став 1 и 16 став 1 од Законот. Притоа, договорот за невладетелски залог задолжително се склучува во писмена форма (член 21 став 1) и задолжително се врши негов упис во Централниот регистар (член 50). Во кои случаи и кога се смета дека договорот за невладетелски залог има својство на извршна исправа е уредено во членот 22 од Законот. Елементите на договорот за невладетелски залог се определени во членот 23 став 1 од Законот. Како се определува начинот на продажба на заложената ствар и органот што кој ќе ја врши продажбата е определено во членот 23 став 2 од Законот. Членовите 41 до 46 од Законот ги уредуваат околностите врз основа на кои се смета дека дошло до престанок на правото на невладетелски залог, а членот 58 од Законот ги уредува околностите врз основа на кои доаѓа до бришење на залогот.

Законот за залог на подвижни предмети и права и Законот за договорна хипотека престале да важат со влегувањето во сила на Законот за договорен залог.

Притоа, од содржината на одредбите што ја уредуваат проблематиката за престанокот на договорниот залог не произлегува дека невладетелскиот залог престанува со непродолжување на уписот во заложниот регистар по истек на пет години, од каде се заклучува дека временското ограничување по однос на траењето на уписот не значи и ограничување на траењето на настанатиот договорен однос од невла-детелскиот залог.

Оттаму, траењето на договорниот однос и траењето на уписот на така настанатиот однос се сосема различни правни кате-гории, со различно уредување, од каде законодавецот и имал поинаков пристап на уредување. Имено, со оспорената одредба не се уредува колкаво ќе биде времетраењето на настанатиот правен однос, туку колкаво ќе биде времетраењето на достапноста на сите правно релевантни податоци за така настанатиот однос.

Понатаму, Судот од анализата на одредбите од Законот за централен регистар („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2001, 49/2003 и 109/2005), утврди дека во ситемот на централната информативна база Заложниот регистар е поставен како основен регистар кој се води врз основа на друг закон (член 3 став 1). Притоа, податоците кои се однесуваат на конституираните права на сопствениост и стварните права врз туѓи ствари во кои спаѓаат: залогот, хипотеката, службеноста, реалните товари, долгорочниот закуп и преносот на сопственост на предмети и преносот на права заради обезбедување, задолжително се внесуваат во Централниот регистар, според членовите 9 и 12 од Законот. Менување, дополнување, ажурирање и бришење на податоците внесени во Централниот регистар можат да вршат само основните регистри и другите правни и физички лица кои ги внеле истите во него (член 13).

Во членот 14 од Законот како можни корисници на податоците од Централниот регистар се определени: органите на државната управа, сите физички и правни лица, домашни и странски, освен ако за некои од нив поинаку не е определено со закон или со договор.

5. Сумарната анализа на цитираните уставни и законски одредби направена од аспект на наводите од иницијативата го покажа следното:

Најнапред, унификацијата на правните акти е изведен принцип од владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Овој принцип, пред се, подразбира иста правна материја што се наоѓа во различни правни акти да биде уредена на ист начин. Меѓутоа, овој принцип воедно не подразбира и тоа дека законодавецот при опфаќањето на различни правни материи во ист правен акт неминовно мора да ги уреди тие материи на сосема идентичен начин.

Имено, со престанокот на важење на Законот за залог на подвижни предмети и права и Законот за договорна хипотека и влегувањето во сила на Законот за договорен залог (член 85) се овозможи полесно и поедноставно функционирање на институтите на рачна залога и хипотека, со што воедно се создаваат услови за нивна поедноставна примена.

Притоа, иако целта на законодавецот е на единствен начин да ги уреди договорниот залог и хипотеката, како средства за обезбедување на парични и други побарувања што можат да се изразат во пари, тоа не значи истовремено важење на сосема исти правни правила за двата правни институти, туку на овој начин да ги сведе нивните разлики на најмала нужна мера со што би се олеснила нивната примена. Оттаму, Законот покрај она што им е заедничко треба да ги изрази и спецификите на секој вид одделно, од каде произлегува и посебниот начин на уредување на времетраењето на уписот на невладетелскиот залог, со можност за негово продолжување.

Според тоа неосновани се наводите на подносителот на иницијативата за несогласнот на оспорената одредба со Уставот заради постоење на различно уредување во ист закон, односно нецелосно направената унификација. Ова и од причина што невладетелскиот залог има свои специфики како по однос на владетелскиот залог така и по однос на хипотеката. Имено, невладетелскиот залог, или регистрираниот невладетелски залог нема конститутивно дејство со неговото задолжителен упис во Центаралниот регистар, кој првично трае пет години, со можност за продолжување, туку со неговото склучување и тоа секогаш во писмена форма.

Оттаму, зошто законодавецот се определил во оспорената одредба да предвиди петтогодишно времетраењето на уписот на невладетелскиот залог во Централниот регистар, а не некој друг временски период според Судот е прашање на целисходност или прашање на оптимален временски период во кој е нужно да постои достапност на сите правно релевантни и други податоци за заинтересираните субјекти.

Имено, законодавецот несомнено има право да утврдува определена политика, во случајов во областа на сопственоста и првата што произлегуваат од неа и да ги димензионира тие права во согласност со релевантни фактори за да се реализира потребното ниво на заштита, како и да ги ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа секогаш кога постои јавен интерес утврден со закон. Тие прашања, пак, може да се разгледуваат во контекст на целисходност на решенијата, но не и во контекст на нивната уставност освен ако со нив во суштина противуставно не се негира самото право, што овде не е случај. Времетраењето на определени права е токму едно од тие прашања за кои Судот не може да дава сопствени проценки од аспект на нивната уставност.

Од друга страна, според Судот со ограничувањето на траењето на уписот не се ограничува или пак оневозможува правото на залог, најнапред од причина што престанокот на уписот нема влијание врз настанатото право на невладетелски залог. Тој трае, се менува, престанува и брише под услови различни и сосема независни од оние што се предвидени за престанок на уписот во Централниот регистар. Исто така, законодавецот оставил можност во став 2 од оспорената одредба, под услови определени во Законот, уписот да биде продолжен.

Оттаму, со чинот на упис на настанатиот невладетелски залог не настанува самото право, туку тој е само правен инструмент преку кој се овозможува достапоност на релевантни податоци за заинтересираните субјекти. Заради тоа и непродолжувањето на уписот не повлекува како последица ограничување или пак престанок на самото право.

До престанок на правото на залог, според членот 45 став 1 од Законот доаѓа, кога правото на побарување обезбедено со залог целосно ќе биде намирено или ќе престане со сите споредии побарувања вклучувајќи камата, трошоци и слично и кога ќе биде избришано од Заложниот регистар. Тоа значи дека непродолжувањето на уписот во Централниот регистар нема никакво влијание врз правната судбина на настанатиот однос.

Од друга страна, тоа што законодавецот во членот 54 став 2 од Законот предвидел продолжувањето на уписот да се направи врз основа на барање за продолжување, кон кое мора да се приложи писмена согласност од залогопримачот, без да нагласи кој е овластениот субјект за поднесување на барањето, според Судот значи дека барањето може да биде поднесено како од залогодавачот, така и од залогопримачот, но секогаш мора да постои согласност од залогопримачот. Имено, во овој случај тој е лицето што треба да оцени дали по истекот на пет години од запишаниот невладетелски залог се уште постои негов правен интерес и понатаму да постојат достапни податоци за настанат и нерелаизиран во целост невладетелски залог. Тука не смее да се испушти од предвид и фактот, што согласно член 23 став 1 алинеја 3 од Законот, залогодавачот уште пред да настане уписот дал своја согласност за упис со ставањето на clausula intabulandi, како задолжителна содржина на договорот.

Тоа што залогодавачот во практиката е во некаква позиција да одолговлекува со продолжувањето на уписот, според Судот не може да се доведе во релација со принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите и принципот на еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, утврдени во членовите 9 и 55 од Уставот, туку е прашање на примена за кое Уставниот суд не е надлежен да постапува. Од друга страна тоа што залогодавачот и залогопримачот се наоѓаат во ист правен однос, не значи само по себе дека се наоѓаат во иста правна положба, со оглед на тоа што за поедини правни прашања за нив се определени различни права и обврски.

Исто така, не треба да се испушти од предвид дека, залогопримачот, за состојбите на одолговлекување или ненавремено исполнување може согласно член 23 став 1 алинеја 10 од Законот, да одлучи да го земе предметот на залог во владение, а со цел да се зачува, одржи или продаде залогот.

Конечно, иако со иницијативата не се бара од Судот да ја оценува согласноста на оспорената одредба со членот 16 став 2 и 3 од Уставот, Судот сметаше дека е потребно да констатира дека оспорената одредба ги задоволува критериумите за нејзина согласност со наведената уставна одредба. Ова од причина што определениот петогодишен временски период на првично траење на уписот на невладететлскиот залог во Централниот регистар, со можност за негово продолжување е целисходен временски период за обезбедување слободен пристап, достапност на информациите корисни за граѓаните и останатите заинтересирани субјекти во врска со секој настанат невладетелки залог.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека оспорената одредба не може да биде доведена под сомение по однос на нејзината согласност со членот 9 и 55 од Уставот.

6. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Имено, по однос на наводите на подносителот на иницијативата дека оспорената одредба од Законот за договорен залог не е во согласност со членот 2 од Законот за договорен залог и со членот 231 од Законот за сопственост и други стварни права, Уставниот суд утврди дека согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да ја цени меѓусебната согласност на одредбите од ист закон, како и меѓусебната согласност на законите. Ненадлежност на Судот постои и по однос на наводите од иницијативата кои навлегуваат во примената на оспорената одредба во практиката.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.213/2006
7 март 2007 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply