230/2006-0-0

230/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 јануари 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 50 став 2, во делот „под услови и“ и на член 59 став 1 од Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр.47/1997, 7/2000 и 89/2004).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за поведување постапка за оценување на уставноста на член 48 став 3 во делот: „условите и“ од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на делови од одредби од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, деловите од оспорените одредби не биле во согласност со Уставот на Република Македонија, затоа што условите можеле да се определуваат само со закон, а не со акт на Министерството и субјектот што стопанисува со шумата. Од тие причини, подносителот на иницијативата смета дека истите не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 10, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 91 алинеи 1 и 5 и член 96 од Уставот на Република Македонија.

Што се однесува до оспорениот член 59 став 1 од Законот за шумите, подносителот на иницијативата смета дека овластувањето на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство да донесува ценовник за штети причинети во шума, немало уставна основа. Ова од причини што според иницијативата Законот за шумите не содржел никакви критериуми и мерила за определување на надоместот за штети причинети во шума и даденото овластување значело навлегување на извршната во законодавната власт.

4. Судот на седницата утврди дека според член 48 став 1 од Законот за шумите забрането е напасување на добиток и желадење во шума.

По исклучок од став 1 на овој член, на определени површини може да се врши напасување на добиток, освен на кози и тоа: во шуми во кои не се вршат, односно не се извршени мелиоративни мерки, во кои не е во тек природна или вештачка обнова и подмладување, кои не се издвоени за семенски насади, како и на необраснато шумско земјиште.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги определува условите и површината на шумата во која ќе се врши напасување на добиток и желадење.

Напасување на добиток и желадење во шума може да се врши само под контрола на чувар на добитокот и со одобрние на јавното претпријатие, односнок на правното лице кое врши одгледување и заштита на шума за посебна намена.

Субјектите што стопанисуваат со шуми се должни во шумата во која е забрането напасување, да определат делови од шумата низ кои ќе биде дозволен премин на добитокот до местото за пасење односно до поилата за вода.

Според член 50 од овој закон, забрането е палење на отворен оган во шума на растојание помало од 200 метри од работ на шумата.

По исклучок од став 1 на овој член, може да се пали отворен оган под услови и на места што ќе ги определи и обележи субјектот што стопанисува со шумата, за што е должен да ја извести територијалната противпожарна единица.

Според член 59 од истиот закон, за штети причинети во шума се плаќа надомест според ценовник за штети во шума што го донесува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Средствата од надоместот од став 1 на овој член за приватна шума се приход на сопственикот на шумата, а за државна шума се приход на јавното претпријатие, односно правното лице кое врши одгледување и заштита на шума за посебна намена, кои се должни посебно да ги евидентираат и да ги користат за проста репродукција на шуми.

5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, изввршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, според членот 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, е и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Согласно член 51 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Во членот 91 алинеи 1 и 5 од Уставот е утврдено дека Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Со Законот за шумите се уредува одгледувањето, користењето и заштитата на шумите (член 1).

Во членот 2 од овој закон е утврдено дека шумите како природно богатство се добро од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Согласно член 3 став 1 од овој закон е утврдено дека шума, во смисла на овој закон е земјиштето обраснато со шумски видови дрвја и грмушки, како и шумски голини и ливади, шумски патишта, шумски расадници и другите површини кои се тесно поврзани со шумите.

Според член 4 став 4 од овој закон, заштита на шумите, во смисла на овој закон, е заштита од противправно присвојување и користење, бесправни сечи, пожари, растителни болести и штетници, напасување на добиток, желадење, противправно собирање на други шумски производи и други оштетувања.

Според член 12 од овој закон кој е поместен во Глава II со наслов „Стопанисување со шумите“, точка 1 со поднаслов „Шуми за стопанска и за посебна намена“, се предвидува дека според намената шумите можат да бидат за стопанска и за посебна намена.

Согласно член 17 од овој закон, за стопанисување со шумите во државна сопственост за стопанска намена, Владата на Република Македонија основа јавно претпријатие за стопанисување со шуми.

Во точката 2 со наслов „Планирање во шумарството“ од Главата II на овој закон е содржан членот 20 во кој се предвидува дека за стопанисување со шумите во државна и приватна сопственост, без оглед на намената, Собранието на Република Македонија донесува општ план за стопанисување со шумите.

Според член 21 од истиот закон со општиот план за стопанисување со шумите особено се утврдуваат природните услови и можности за опстанок, обнова и развој на шумите, состојбите на шумите по вид, очуваност, дрвна маса, прираст, отвореност, загрозеност од негативни влијанија, општите насоки и цели на идното стопанисување и мерките за одгледување, заштита, развој, унапредување и проширување на шумскиот фонд во Република Македонија.

Заштитата на шумите како посебна точка 5 е содржана во Глава II од овој закон и во чиј член 43 се предвидува дека субјектите што стппанисуваат со шумите (јавното претпријатие, правните лица кои вршат одгледување и заштита на шуми и сопствениците на шуми) се должни да преземаат мерки за заштита на шумите од пожари, елементарни непогоди, растителни болести, штетни инсекти, бесправно напасување и други оштетувања (став 1). Мерките од став 1 на овој член се однесуваат и за шуми за кои не е донесен посебен план за стопанисување.

Согласно член 44 од овој закон, субјектите што стопанисуваат со шумите, се должни да ја следат здравствената состојба на шумите да преземаат превентивни мерки против појава на растителни болести, штетни инсекти и други штеточини и да вршат сузбивање кога тие ќе се појават.

Според член 45 став 1 од Законот, забрането е пустошење на шуми.

Во ставот 2 на член 45 од овој Закон, се наведува дека под пустошење на шуми меѓу другото се подразбира и опожарување на шума.

Тргнувајќи од анализата на овие законски одредби во контекст на наводите во иницијативата, а притоа имајќи ја во предвид содржината на оспорените одредби на член 50 став 2 во делот „под услови“ и член 59 став 1 од Законот, според Судот законодавецот ги утврдил основните цели и критериуми за остварување на една од основните цели на уредувањето на овој закон, а пред се заштита на шумите како добро од општ интерес. Имено, во Законот за шумите се содржани јасни законски рамки за облиците на заштита на шумите, односнок децидно се наведува дека субјектот кој стопанисува со шумите го определува, односно обезбедува местото и врши палење на материјалот кој треба да биде спален. Исто така, според Судот, определувањето на условите и местото на палење отворен оган, од страна на субјектот кој стопанисува со шумите е израз на политиката на законодавецот со цел да се заштитат шумите од нивно пустошење со опожарување.

Оттука, овластувањето субјектот што стопанисува со шумите да ги определи условите и местото за палење на отворен оган е во границите на целите и критериумите утврдени во Законот, а не основ за самостојно уредување на материја што е во надлежност на законодавецот.

Што се однесува, пак, до оспорениот член 59 став 1 од Законот, исто така, според Судот, овластувањето на министерот за земјодлество, шумарство и водостопанство да утврди ценовник за надомест на штети, не е во спротивност со уставните норми. Имено, имајќи го во вид фактот дека во Законот се содржани критериуми и мерки, по кој може министерот да го донесе определениот ценовник, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорената законска одредба се повредува темелниот принцип на поделба на власта на законодавна, извршна и судска. Ова од причина што од анализата на горецитираните законски одредби произлегува дека законодавецот дава рамка, односно општи критериуми врз основа на кои може да се определи надоместот за причинетите штети во шумите, а тоа се посебно видот на шумите, односно дали станува збор за шуми со стопанска или посебна намена, а притоа имајќи го во вид и општиот план за стопансиување со шумите во кој се утврдуваат условите за заштита на шумите, видот и начинот на пустошењето на шумите, односно нивно оштетување. Оттука, овластувањето на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство дадени во определената законска одредба е во функција на операционализација на законот, а не навлегување на извршната во законодавната власт, како што се тврди во иницијативата.

Имајќи ја предвид содржината на изнесените законски одредби, како и Законот во целина, според Судот, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека Законот не содржи критериуми за определување на условите и надоместокот на штети причинети во шума, од што произлегува дека оспорените одредби на член 50 став 2 во делот „под услови и“ и на член 59 став 1 од Законот за шумите, се во согласност со Уставот.

6. Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.207/1997 од 2 декември 1998 година, не поведе постапка за оценување на уставноста на повеќе членови од Законот за шумите, меѓу кои и за член 48 во целина, од што произлегува дека оспорената одредба од член 48 од Законот за шумите била предмет на оценување по однос на нејзината согласност со Уставот.

Судот утврди дека по повод сега поднесената иницијатива не постојат поинакви основи за одлучување од утврдените при донесување на цитираното решение.

Од овие причини, Судот во овој дел иницијативата ја отфрли, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.230/2006
24 јануари 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply