Одлука У.бр.199/2005

У.бр.199/2005-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 јануари 2007 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 31 став 1 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2004 и 28/2006).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива од Крсте Белевски од Скопје со Решение У.бр.199/2005 од 6 декември 2006 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот 31 став 1 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 31 став 1 од Законот, физичките и правните лица кои произведуваат, преработуваат и вршат промет со прехранбени производи и пијалоци, а кои се лоцирани (поставени) на просторот опфатен со урбанистичкиот план на општината и градот Скопје, во реоните каде што постои можност за користење на вода од водоснабдителен систем, должни се да се приклучат и да ја користат водата од водоснабдителниот систем со кој управува давателот на услугата.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е слободата на пазарот и претприемништвото.

Според член 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а во ставот 2 од овој член од Уставот е утврдено дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Согласно член 56 став 1 од Уставот на Република Македонија сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Со Законот за водите („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1998, 19/2000 и 42/2005), водата е определена како добро од општ интерес за Републиката и ужива посебна заштита на начин и под услови утврдени со овој закон.

Со членот 3 од Законот за комуналните дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр.45/1997, 23/1999, 45/2002 и 16/2004) снабдувањето со вода за пиење, обработка и испорака на технолошка вода, како и одведување и испуштање на атмосферски води се дефинирани како комунални дејности од јавен интерес.

Во членот 6 од овој закон е утврдено дека посебните услови и начинот на вршење на комуналните дејности се уредуваат со закон.

Надлежностите на единиците на локалната самоуправа се утврдени во Законот за локалната самоуправа, („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002).

Имено, според членот 22 став 1 точка 4 од овој закон, општините се надлежни за вршење на комуналните дејности, меѓу кои и за снабдување со вода за пиење, испорака на технолошка вода, одведување и пречистување на отпадните води и одведување на третманот на атмосферските води. Согласно ставот 2 на овој член од Законот, општините овие дејности ги вршат согласно со стандардите и постапките утврдени со закон.

Со Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води се уредуваат условите и начинот за снабдување со вода за пиење, прекинување на снабдувањето со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води во реципиентот преку водоснабдителниот и канализациониот ситем, изградбата, одржувањето, заштитата и приклучувањето на водоснабдителни и канализациони системи, односите меѓу давателот и корисникот на услугата, како и надзор над спроведувањето на овој закон (член 1).

Во членот 23 од Законот, заради заштита и спречување на оштетување на водоснабдителен и канализационен ситем се забранува, меѓу другото и приклучување на водоводна и канализациона мрежа без одобрение за приклучување, како и приклучување на водоснабдителен и каналиазационен ситем на објектите кои немаат одобрение за градење.

Овие наведени дејствија, како и други предвидени во членот 23 од Законот, според член 44 од Законот се санкционираат, односно се утврдени како прекршок за кои е определена и соодветна казна.

Во Глава IV од Законот, а во рамките на уредувањето на условите и начинот на приклучување на водоснабидтелен и канализационен систем законодавецот во членот 26 став 1 утврдува дека водоводната односно канализационата мрежа на корисникот на услугата се приклучува со уличната водоводна, односно канализациона мрежа на водоводниот, односно канализационен приклучок на начин што го пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на комуналните работи.

Согласно ставот 2 на овој член од Законот, во случај на реконструкција на уличната канализациона мрежа трошоците за повторно приклучување паѓаат на товар на инвеститорот.

Според ставот 3 на членот 26 од Законот, секој сопственик на изграден или делумно изграден објект должен е да ја спои својата куќна канализација со уличната канализација истовремено кога уличната канализација ќе биде изградена пред неговиот објект.

Според оспорениот член 31 став 1 од Законот, физичките и правните лица кои произведуваат, преработуваат и вршат промет со прехранбени производи и пијалоци, а кои се лоцирани (поставени) на просторот опфатен со урбанистичкиот план на општината и градот Скопје, во реоните каде што постои можност за користење на вода од водоснабдителен ситем, должни се да се приклучат и да ја користат водата од водоснабдителниот ситем со кој управува давателот на услугата.

Разгледувајќи ја оспорената одредба од Законот во контекст на наводите во иницијативата, а имајќи го предвид и фактот дека ставот 2 на оспорениот член 31 од Законот со измените на Законот во 2006 година е бришан, произлегува дека законодавецот сепак го бришел ставот 2 од причина што оценил дека на правните и физичките лица кои што произведуваат, преработуваат и вршат промет со прехранбени производи и пијалаци во одредени периоди можат да се доведат во ситуација да немаат вода во случаите кога ќе настане прекин од страна на водоснабдителниот систем, да им се дава можност да користат вода и од друг систем, односно извор кој согласно другите прописи ги задоволува стандардите за чиста вода.

Меѓутоа, според Судот, иако законодавецот го избришал ставот 2 од оспорениот член 31 од Законот поради причините кои се наведени, односно е избришана забраната за користење на вода спротивно на ставот 1 од овој член, должноста за приклучување и користење на водата од водоснабдителниот систем со кој управува давателот на услугата и понатаму останува.

Отстранувањето на забраната за користење на вода и од друг систем, освен системот утврден во оспорениот член 31 став 1 од Законот, гледајќи од формално-правниот аспект, не ја менува суштината на оваа одредба поради тоа што сепак физичките и правните лица кои произведуваат, преработуваат и вршат промет со прехранбени производи и пијалаци, а кои се лоцирани (поставени) на просторот опфатен со урбанистичкиот план на општината и градот Скопје, се должни, односно имаат обврска да се приклучат и да ја користат водата согласно членот 31 став 1 од Законот.

Тргнувајќи од оспорениот став 1 на членот 31 од Законот во контекст на избришаниот став 2 од овој член, јасно произлегува дека намерата на законодавецот била само да ја отстрани забраната за користењето на вода спротивно на ставот 1 од членот 31 од Законот, а притоа не водел сметка и за ставот 1 од оспорениот член кој, исто така, ги обврзува наведените субјекти да се приклучат и да користат вода од водоснабдителниот ситем со кој управува давателот на услугата, поради што Судот утврди дека оспорениот став 1 на членот 31 од Законот не е во согласност со член 55 од Уставот, според кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото и дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Според мислењето на Судот, законодавецот да беше доследен во намерата да го либерализираше прашањето на користењето на водата, во тој случај ќе требаше соодветно на тоа да ги избрише и казните кои се изрекуваат ако корисниците на водата не постапат како што предвидува оспорениот член 31 став 1 од Законот, со што се создава правна несигурност на физичките и правните лица кои произведуваат, преработуваат и вршат промет со прехранбени производи и пијалоци, што е спротивно и со владеењето на правото утврдено во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека оспорениот член 31 став 1 од Законот не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 55 од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.199/2005
24 јануари 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply