152/2006-0-0

152/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 ноември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 3, 14, 17, 18, 19, 20, 24, 34, 35, 37, 38, 41, 43, 44, 45, 46, 50, 51, 71, 73 и 83 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопст­веност („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005).

2. Елизабета Оцевиќ Мандева од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените одредби од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост содржеле неправедни законски решенија, не можеле да се имплементираат, биле неусогласени со други одредби од Законот како и со други закони во правниот поредок, и во суштина се оспоруваат целите за донесување на Законот и предметот што тој го уредува.

Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од Законот биле во несогласност со Преамбулата на Уставот на Република Македонија која имала цел да го воспостави владеењето на правото определено во членот 8 алинеја 3 од Уставот, со уставната определба за еднаквост на граѓаните во членот 9 од Уставот, и со членовите 30 и 55 од Уставот, како и со Законот за облигационите односи, Законот за градежното земјиште, Законот за сопственост и други стварни права и Законот за просторно и урбанистичко планирање.

3. Судот на седницата утврди Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, во делот на основните одредби со членот 1 определил дека со овој закон се уредува приватизацијата, долготрајниот закуп, времениот закуп, одземањето и престанувањето на правото на користење на градежното земјиште во државна сопственост, на кое право на користење имаат физички и правни лица.

Со членот 3 од овој закон е уредено дека корисниците на градежното земјиште во државна сопственост, за стекнување право на сопственост, долготраен закуп и времен закуп се должни да поднесат барање под услови, на начин и во постапка утврдени со овој закон. Ако корисниците на градежното земјиште во државна сопственост за стекнувањето на правата од овој член во роковите определени со овој закон не поднесат барање, правото се установува под услови и на начин утврдени со овој закон.

Со одредбите од членовите 14, 17, 18, 19 и 20 од Законот се уредени прашањата кои се однесуваат на начинот и условите за приватизација на градежното земјиште во државна сопственост.

Според членот 24 од Законот, висината на надоместокот за градежното земјиште што е предмет на приватизација, како и начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација, на предлог на министерот за финансии ги пропишува Владата на Република Македонија со посебен пропис. Висината на надоместот за градежното земјиште што е предмет на приватизација се утврдува во зависност од зоните утврдени во членот 83 од овој закон.

Долготрајниот закуп на градежното земјиште во државна сопственост е предмет на уредување со оспорените одредби од членовите 34, 35, 37, 38, 41, 43 и 44 од Законот, а посебно постапката за стекнување право на долготраен закуп на градежното земјиште е предмет на уредување со оспорените одредби од членовите 45, 46, 50 и 51 од Законот.

Со одредбите од членот 71 и членот 73 од Законот се уредуваат прашања кои се однесуваат на одземањето и престанокот на правото на користење на градежното земјиште во државна сопственост, а со членот 83 од Законот е уредено прашањето за реонизација и зонирање на градовите и населените места во Република Македонија.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно членот 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Поаѓајќи од содржината на наводите во иницијативата Судот утврди дека со неа се оспоруваат одредбите од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост од аспект на нивната целисходност во уредувањето на предметните прашања во правниот поредок и од аспект на нивната имплемен­та­ци­ја и меѓусебната усогласеност на законските норми. Меѓутоа, право на законодавецот е со закон да ги пропи­шува прашањата од сферата која ја уредува, а целисходноста и имплементацијата на законските норми не се прашања од уставно­правен аспект што би можеле да ја доведат под сомнение уставноста на законските одредби. Имено, Судот не ја оценува оправданоста на постоењето на законските норми во правниот поредок од наведените аспекти, ниту има надлежност за тоа, бидејќи уставна надлежност на законодавната власт е вршењето на законодавната функција.

Воедно, со Решение на Судот У.бр.215/2005 од 17 и 18 мај 2006 година, по поднесена иницијатива на друго лице не е поведена постапка за оценување на уставноста на одредби од Законот меѓу кои и на оспорениот член 18 ставот 2 точка 2, а со Решение на Судот У.бр.140/2005 од 5 април 2006 година не е поведена постапка за оспорениот член 14 во ставовите 2 и 5 од Законот.

Поаѓајќи од наведените уставни и деловнички одредби а имајќи ги предвид причините во иницијативата со кои се оспорува уставноста на оспорените одредби од Законот, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.152/2006
8 ноември 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply