175/2006-0-0

175/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 1 ноември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 15 став 1 точка 1 од Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005 и 37/2006).

2. Васил Нецев од Струмица на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 15 став 1 точка 1 од законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата најпрво се наведува дека Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.85/2000 од 22 ноември 2000 година го укинал членот 14 став 1 од Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2000) во делот: „и по таа основа биле здравствено осигурани најмалку шест месеци пред започнување на отсуството“ со оценка дека оспорениот член не е во согласност со Уставот.

Понатаму, се наведува дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005), со кој во членот 15 став 1 се додала сега оспорената точка на овој член, законодавецот повторно ја вратил во правниот поредок веќе укинатата одредба на Законот, со таа разлика што истата место во поранешниот член 14 сега ја вметнал во член 15 став 1, како нова точка 1, притоа не водејќи сметка дека Уставниот суд веќе еднаш ја укинал таквата одредба.

Изнесувајќи ги наведените околности, а имајќи ја предвид веќе донесената одлука на Судот, потоа членот 112 став 1 од Уставот, како и мислењето на Врховниот суд во врска со карактерот и правното дејство на одлуките на Уставниот суд изнесено во неговата одлука – Пресуда У.бр.1934/95, за подносителот на иницијативата се поставувало прашањето дали оспорената одредба која веќе еднаш е укината од Судот може да произведува правно дејство и доколку таа остане во сила, која би била улогата на Уставниот суд и дали неговите одлуки служат само за еднократна употреба.

Врз основа на изнесеното, во иницијативата се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот, а потоа истата да ја поништи, како неуставна.

3. Судот на седницата утврди дека во член 15 од Законот, чиј став 1 точка 1 се оспоруваат со оваа иницијатива, се предвидува следното:

„Осигурениците од членовите 13 и 14 на овој закон можат да остварат право на надоместок на плата, ако ги исполнуваат следните услови:

1) Ако здравственото осигурување траело најмалку шест месеци пред настанување на случајот, освен во случаите на повреда на работа и професионално заболување, (оспорена точка)
2) придонесот за задолжителното здравствено осигурување редовно да е уплатуван или со задоцнување од најмалку 60 дена, и
3) оценката за привремената спреченост за работа ја дал избраниот лекар, односно лекарската комисија“.

Судот на седницата, исто така, утврди дека веќе ја оценувал уставноста на член 15 став 1 точка 1 од Законот што се оспорува со ова иницијатива и со Решение У.бр.120/2005 од 13 септември 2006 година не повел постапка за оценување на нејзината уставност.

Според образложението на ова решение постапка за оценување на уставноста на наведената законска одредба не е поведена, затоа што Судот оценил дека со неа не се ставаат во нееднаква правна положба осигурениците, ниту пак се врши дискриминација на осигурениците – жени кои користат породилно отсуство, како што се наведувало во тогаш поднесената иницијатива. При ваквата оценка, Судот го имал предвид фактот дека условот утврден во оваа одредба (здравственото осигурување да трае најмалку шест месеци пред настанување на случајот) се однесува еднакво на сите осигуреници и за сите основи поради кои може да се оствари право на паричен надоместок (болест, повреда, породилно отсуство).

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 112 став 1 од Уставот, Уставниот суд ќе укине или поништи закон ако утврди дека не е во согласност со Уставот. Според ставот 3 на овој член од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Во член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) утврдено е дека Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, како и фактот дека Уставниот суд на Република Македонија веќе ја оценувал уставноста на законската одредба што се оспорува со оваа иницијатива и со Решение У.бр.210/2005 од 13 септември 2006 година не повел постапка за оценување на нејзината уставност, а ненаоѓајќи основи за поинакво одлучување по ова иницијатива, Судот одлучи истата да ја отфрли согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот.

Ова, пред се од причини што Судот утврди дека Одлуката У.бр. 85/2000 од 22 ноември 2000 година, со која Уставниот суд го укина член 14 став 1 од Законот за здравственото осигурување, а на која подносителот на иницијативата се повикува и ги темели причините за оспорување на уставноста на членот 15 став 1 точка 1 од истиот закон, не соодветствува на овој случај, затоа што во овие два случаи се работи за две суштинско различни, а не за исти законски одредби, како што смета подносителот на иницијативата.

Имено, во укинатиот член 14 став 1 од Законот условот од најмалку шест месеци траење на здравственото осигурување пред настанување на случајот за остварување на правото на надоместок на плата се однесуваше само доколку отсуство од работа беше поради бременост, раѓање и мајчинство, со што жените-осигуреници беа ставени во нерамнопоравна положба во однос на другите осигуреници, што беше и основна причина за укинување на таа одредба со Одлуката на Судот У.бр.85/2000 од 21 ноември 2000 година. Во сега оспорената одредба на член 15 став 1 точка 1 од Законот овој услов е утврден и се однесува еднакво за сите осигуреници, што е квалитетно ново и различно решение во однос на решението од членот 14 став 1 од Законот, кое е укинато.

Оттука, очигледно е дека подносителот на иницијативата, не правејќи разлика меѓу двете наведени законски одредби, неправилно ја има разбрано смислата и содржината на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.85/2000 од 22 ноември 2005 година, поради што и повикувањето на таа одлука е погрешно. Од тие причини аргументите, односно правното мислење изнесено во означената одлука на Уставниот суд, како и другите наводи во иницијативата, не се од влијание за поинакво одлучување на Судот по оваа иницијатива од она што веќе одлучил со Решението У.бр.210/2005 од 13 септември 2006 година.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.175/2006
1 ноември 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply