161/2006-0-0

161/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 1 ноември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот за постапување по претставките и предлозите („Службен весник на СРМ“ бр.36/1977, 12/1984 и 19/1990).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот закон не бил во согласност со член 1, член 8 став 1 алинеја 3, член 24 и член 51 од Уставот на Република Македонија, затоа што тој бил донесен во време на важење на Уставот на СРМ од 1974 година кога Социјалистичка Република Македонија била во состав на СФРЈ со сосема друг уставен поредок од уставниот поредок востановен со Уставот на Република Македонија од 1991 година, според кој Република Македонија е дефинирана како суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Притоа, и покрај наведеното оспорениот закон не бил усогласен со Уставот од 1991 година и со член 6 од Уставниот закон за спроведување на Уставот. Оспорениот закон не бил во согласност со член 24 од Уставот и од причина што Уставот се служи со терминот „претставки“ а не и со предлози како што тоа е предвидено во Законот.

Исто така, Законот оперирал со терминот „општествен договор“ кој веќе не постоел. Воедно подносителот наведува дека членот 27 (а во случајот се работи за член 28) во кој се предвидени казнени одредби во практиката не бил спроведлив поради неусогласеноста.

Понатаму, подносителот на иницијативата наведува дека и покрај фактот што Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.199/1997 од 28 јануари 1998 година укинал повеќе членови од Законот, тој и понатаму во целина не бил во согласност со Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека Со Законот за постапување по претставките и предлозите се уредува прашањето на постапување по претставките и предлозите што граѓаните ги поднесуваат до органите на државната власт, општините и градот Скопје и нивните тела и други органи и организации.

Во член 2 од оспорениот закон е предвидено дека под претставки во смисла на овој закон се подразбираат молби, поплаки и други поднесоци со кои подносителите се обраќаат до органите и организациите заради заштита и ефикасно остварување на општествениот интерес, своите права, обврски и интереси или заради поведување на политичка или друга иницијатива од општ интерес.

Постапувањето по преставките опфаќа прибирање на податоци, известувања и мислења за околностите од значење за правилно оценување на преставките, нивно непосредно испитување, анализирање и евидентирање на појавите и причините за нивно поднесување и преземање на потребните дејствија и мерки за отстранување на повредата на правата на подносителот или повредата на општествениот интерес (член 5).

Понатаму, во Законот е уредена постапката што ја спроведува органот до кого е поднесена претставката, односно е утврдено кои дејствија ги презема органот, кои наводи од претставката особено се испитуваат, роковите во кои треба да се постапи по претставката, кои мерки ги презема државниот орган до кого е доставена претставката и што треба да презема органот со чии акти или дејствија е повредено некое право на подносителот.

Во членовите 28 и 29 од Законот се утврдени парични казни за сторен прекршок и е утврдена висината на паричната казна.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, наводите во предметната иницијатива кои се идентични со наводите во иницијативата изнесени по предметот У.бр.199/1997, Судот оцени дека не постојат основи повторно да се впушти во анализа на Законот и да врши негова уставно судска оцена. Со наведената одлука на Судот се укинати член 1, член 6-а, член 8 став 1, 2 и 4, член 11 став 1 алинеја 1, 2 и 3, член 12 став 1 и 2, член 13, член 14, член 15, член 20, член 21, член 26 став 2 и 3, член 28 и член 29 поради нивната несогласност со Уставот.

Според Судот предметната иницијатива не содржи елементи кои би биле основ за поинакво одлучување односно повторно разгледување на Законот во целина и негова оценка поради терминолошка неусогласеност.

Ова дотолку повеќе што потребата од терминолошко усогласување на Законот е вообичаена работа на законодавниот дом, а тоа што Собранието уште не го усогласил Законот, како што тоа произлегувало од Одлуката на Уставниот суд, исто така, Судот не е надлежен да постапува.

5. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.161/2006
1 ноември 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply