Решение У.бр.137/2006

У.бр.137/2006

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 октомври 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за Расадник, број 07-97/3 од 30 септември 2003 година („Службен гласник на Град Скопје“ бр.12 од 28 октомври 2003 година), донесена од Советот на општината Кисела Вода – Скопје.

2. Звонимир Стефанов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената Одлука била во несогласност со членот 11 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002) кој важел во времето на донесувањето на Деталниот урбанистички план за Расадник.

Имено, со наведената законска одредба било предвидено дека деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво, морал да биде усогласен со генералниот урбанистички план.

Меѓутоа, во случајов според иницијативата, со Деталниот урбанистички план за Расадник била испланирана одредена површина од земјиштето во овој реон, за намена која не била предвидена со Гернералниот урбанистички план за градот Скопје, односно на земјиштето на КП.број 14232 КО – Скопје, се предвидувало изградба на паркиралиште, верски објект (црква) и игралиште а во Генералниот урбанистички план за градот Скопје биле предвидени содржини со друга намена односно спортски центри, објекти и терени.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 1 од оспорената одлука е определено дека се донесува Деталниот урбанистички план за Расадник заради урбанизација на просторот на поранешниот Расадник како дел од Институтот за овоштарство и усогласување на намената на овој простор со околните содржини. Документацијата е изработена во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање, Правилникот за поблиска содржина и начин на графичка обработка на плановите и Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот.

Со членот 2 од Одлуката се определени и подробно опишани границите на урбаниот опфат на планот, а според членот 3, Деталниот урбанистички план го содржи планираниот развој и графички дел, при што текстуалниот, графичкиот дел и одредбите за реализација се составен дел од оваа одлука.

Со одредбите од членовите 4, 5 и 6 од ова одлука е определено дека планот се заверува со печат на Советот на општината Кисела Вода и потпис на претседателот на Советот на општината, а одделението за урбанизам во рок од 60 дена од донесувањето на оваа одлука ќе обезбеди комплетна документација за остварување на планскиот документ и ќе се грижи за реализација на планот.

Со членот 7 од Одлуката е определено дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на град Скопје“.

4. Во член 8 став 1, алинеите 3 и 10 од Уставот како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Видовите на плановите, содржината, изработувањето, како и постапката за донесување на плановите пред донесувањето на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005) биле уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002), кој важел во времето на донесувањето на Деталниот урбанистички план за Расадник со оспорената Одлука.

Според членот 2 од овој закон, просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат.

Во членот 7 од Законот, во зависност од просторот кој е предмет на планирање, се утврдени видовите на планови, меѓу кои се и генералниот и деталниот урбанистички план.

Според членот 11 став 1 од Законот, деталниот урбанистички план се донесува за одделни делови на населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план. Според ставот 3 на овој член од Законот, деталниот урбанистички план содржи синтезен графички приказ на планските решенија во границата на урбанистичкото подрачје со билансни показатели за урбаните модули и инфраструктурата. Синтезниот графички приказ содржи: граница на урбаното подрачје, намена на земјиштето на урбаните модули, површина за изградба на објекти определени со градежни линии и максимална висина, сообраќајна мрежа и др. Во овој став, исто така, е утврдено дека деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со Генералниот урбанистички план.

Согласно членот 17 став 1 од Законот, плановите се изработуваат како нацрт и предлог на план. Според ставот 3 на овој член од Законот, по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета, а одлуката за спроведување на јавната анкета согласно ставот 7 на овој член ја донесува градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на општинската администрација.

Според членот 18 став 1 од Законот, јавната анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од подрачјето опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови, до организаторот на анкетата. Според ставот 2 на овој член, за времето и местото каде ќе биде изложен планот, задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. Извештај за јавната анкета по нацртот на деталниот урбанистички план, со образложение за неприфатените забелешки изработува општината.

Согласно член 19 од Законот, пред организирањето на јавната анкета, на нацртот на деталниот урбанистички план се врши стручна ревизија, од страна на правно лице што има добиено овластување од членот 16 став 1 на овој закон, што го определува градоначалникот. Изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по стручната ревизија.

Согласно членот 22 став 4 и 5 од Законот, Генералниот урбанистички план на град Скопје го донесува градот Скопје, а деталниот урбанистички план за населено место за подрачјето на општината го донесува општината од подрачјето на градот Скопје.

Според ставот 6 на членот 22 од Законот, урбанистичките планови од ставовите 4 и 5 на овој член се донесуваат по издавањето согласност на предлогот на планот од страна на министерството надлежно за работите на уредувањето на просторот.

5. Имајќи ја предвид наведената законска регулатива и врз основа на фактичката состојба која произлегува од документацијата за донесување на оспорената одлука, Судот утврди дека општината Кисела Вода, како надлежен орган за донесување на Одлуката, ги спровела сите законски определени дејствија во постапката, и тоа: Нацрт-планот е изработен од Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија „ИН-ПУМА“ Скопје со тех. број 235/2002; стручната ревизија на Нацрт-планот е изготвена од Архитектонскиот факултет, во февруари 2003 година и одговор на стручната ревизија е даден од изработувачот на нацрт-планот, во мај 2003 година; дадено е стручно мислење на Министерството за транспорт и врски под број 13-2900 од 9 април 2003 година, како и мислење од Главниот архитект број 18-а – 1309/1 од 5 јуни 2003 година; донесен е заклучок за утврдување на Нацрт-планот број 15-750/2 од 11 јуни 2003 година од страна на одделението во општината за работите на урбанизмот; Градоначалникот на општината донел одлука број 08-750/3 од 11 јуни 2003 година за организирање на јавна анкета и издадено е соопштение во дневен весник на 13 јуни 2003 година за јавен увид на нацрт-планот со траење од 10 дена; изготвен е извештај од јавната анкета број 08-899/1 од 2 јули 2003 година за поднесените (прифатени и неприфатени) приговори на граѓаните и тоа е вградено во планот од страна на „ИН-ПУМА“; предлог-планот е изработен со тех. број 235/2002 во јули 2003 година и Министерството дало согласност број 13-7275 од 8 јули 2003 година а потоа со оспорената Одлука планот е донесен од Советот на општината.

Поаѓајќи од надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, Судот нема надлежност да ја цени меѓусебната согласност на деталните урбанистички планови како планови од пониско ниво со Генералниот урбанистички план, што воедно во случајов произлегува од наводите во иницијативата во однос на предметниот план за кој се однесува оспорената одлука.

Со оглед на тоа, од приложената документација при утврдувањето на фактичката состојба за спроведувањето на постапката за донесувањето на предметниот план, Судот утврди дека Министерството за транспорт и врски дало согласност за донесување на планот, и во тие рамки е третирано прашањето на усогласеноста на содржините на Деталниот урбанистички план како план од пониско ниво со Генералниот урбанистички план. Од аспект на уставносудската анализа на законитоста на предметниот план за кој се однесува оспорената одлука, релевантно е дека сите фази и дејствија на донесување на планот се запазени и спроведени согласно со закон.

Со оглед на изнесената правна и фактичка состојба, Судот оцени дека постапката за донесување на Деталниот урбанистички план за Расадник со оспорената одлука, била во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање, поради што пред Судот не се постави прашањето за законитоста на оспорената одлука.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.137/2006
18 октомври 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply