144/2006-0-0

144/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 октомври 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на член 76 од Статутот на Акционерското друштво „Металец Битола“ – Битола.

2. Винко Корчуланин од Битола, Ристо Стојановски од Скопје и Слободан Секуловски од Битола на Уставниот суд на Репуб­лика Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителите на иницијативата Акционерското друштво „Металец Битола“ од Битола, спротивно на член 606 точка 3 од Законот за трговските друштва, наместо да го усогласи стариот, донело нов Статут чиј член 76 не бил во согласност со одредбите од Законот за трговските друштва.

Имено, според нив, Законот во член 363 точка 8 утврдил дека при отповикување на повеќе од еден член на надзорен одбор, се пристапува кон гласање за отповикување на сите членови, а изборот се спроведувал со кумулативно гласање.

Во точката 7 од истиот член, Законот утврдил обврска за трговските друштва член на надзорен одбор кој бил избран со куму­ла­тивно гласање, да може да биде отповикан само ако за тоа се изјасниле најмалку 90% од акционерите со право на глас претставени од соб­ранието.

Од причина што со член 76 од Статутот, не било постапено како што предвидувала наведената одредба од Законот, според подно­сителите на иницијативата, истиот не бил во согласност со Законот за трговските друштва, поради што се предлага да се поведе постапка за оценување на неговата законитост.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 76 од Статутот на Акционерското друштво „Металец Битола“ – Битола Собранието може да ги отповика сите членови на Надзорниот одбор и пред истекот на времето за кое што биле избрани. За одлуката за отповикување е потребно мнозинство гласови од акциите со право на глас, претставени на собранието.

Ако Собранието донело одлука за отповикување на сите членови на Назорниот одбор, на истата седница се пристапува кон избор на нови членови на Надзорниот одбор ако Собранието одлучи така и ако на Собранието на акционерите, во писмена форма им се достават податоците за кандидатите кои што треба да бидат избрани.

Одлуката на Собранието за отповикување на Надзорниот одбор, односно на негов член влегува во сила од денот на донесувањето.

Пријавата за упис во трговскиот регистар на избраните, односно на отповиканите членови од Надзорниот одбор ја поднесува лицето кое што ќе биде овластено со одлуката на Собранието за избор, односно отповикување.

4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уста­вот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од наведената уставна одредба, оспорениот акт – Статутот на Акционерското друштво „Металец Битола“ од Битола не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија и не е погоден за уставно судско оценување.

Имено, овој акт не е пропис во смисла на член 110 алинеа 2 од Уставот затоа што не е донесен од орган на државната власт, ниту од организација или институција што врши јавни овластувања доверени со закон, туку е донесен од акционерско друштво и уредува прашања од интерен карактер на друштвото.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби Уставниот суд не е надлежен да одлучува за барањето во иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.144/2006
18 октомври 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply