Решение У.бр. 157/2006

У.бр.157/2006

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71, а во врска со членот 68 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 28 септември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Наташа Ушлиновска и Марија Ушлиновска, од Скопје, поднесено преку полномошникот Валентина Блажева, адвокат од Скопје за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на социјална припадност.

2. Наташа Ушлиновска и Марија Ушлиновска од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа барање за заштита на слободи и права утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот.

Подносителите во барањето како акти со кои им биле повредени слободите и правата конкретно ги наведуваат пресудата на Основниот суд Скопје II – Скопје П.бр. 1846/03 од 14 јуни 2004 година, пресудата на Апелациониот суд во Скопје Гж. Бр. 5255/04 од 20 октомври 2004 година и пресудата на Врховниот суд на Република Македонија Рев.бр. 165/05 од 15 февруари 2006 година.

Според наводите содржани во барањето за заштита на слободите и правата, со наведените пресуди била создадена нееднаквост и дискриминација помеѓу родителите бидејќи обврските и трошоците на мајката за чувањето, воспитувањето и подигнувањето на малолетното дете биле многу поголеми од износот на издршката што требало да го плаќа таткото. Придонесот на мајката во издржувањето на малолетната Марија бил многу поголем и е изразен преку чувањето и воспитувањето на детето, што не било обврска на таткото. Таквата обврска не можела да се изрази парично, и во секој случај е поголема од 20% износ на издршка што треба да ги плаќа таткото. Според подносителката на барањето, постои очигледна несразмерност во давањата на двата родитела, од што произлегувала нееднаквост помеѓу нив.

Во конкретниот случај, според наводите во барањето, таткото ги остварувал само своите права кон малолетната Марија, а ја избегнувал обврската за редовно плаќање на законската издршка.

Понатаму во барањето, подносителката на барањето цитира повеќе одредби од Законот за семејството, како и член 42 од Уставот кои, според неа, биле повредени со донесувањето на наведените пресуди. Наведените пресуди биле неправилни и поради тоа што не предвидувале обврска за плаќање на законска затезна камата во случај на задоцнување со плаќање на издршката, како и поради тоа што не била утврдена обврска за таткото да плаќа издршка за периодот од фактичкиот прекин на брачната заедница до правосилноста на пресудата.

Во таа смисла подносителката на барањето ги цитира одредбите од член 202 од Кривичниот законик кој предвидува кривична одговорност за одбивање на давање издршка определена со извршна судска одлука или порамнување. Со оваа законска одредба, таткото е ослободен од плаќање на издршка од престанокот на брачната заедница до правосилноста и извршноста на судската одлука. Од друга страна, согласно член 198 од Кривичниот законик, предвидена е кривична одговорност за тој што ќе спречи малолетно лице да биде кај лице кое има право на тоа. Во овој случај не се барало ниту извршност на правосилност на одлуката за остварување на контакти на малолетното дете со другиот родител, туку се барало само спречување, што се докажувало само и исклучиво со изјава на таткото. Овие одредби според подносителката на барањето, биле дискриминаторски и спротивни на Уставот и на Конвенцијата за правата на детето чиј потписник е и Република Македонија.

На крајот, подносителите на барањето бараат Уставниот суд да ги укине prvostepenata i vtorostepenata presuda и да наложи повторно постапување и одлучување по овој граѓанско-правен предмет пред првостепениот суд, и истиот да го разгледа од аспект на дискриминација на граѓаните по основ на социјална положба и припадност.

Од Судот, исто така, се бара да ја укине одредбата од член 202 од Кривичниот законик, и да наложи изготвување, совесно и во духот на одредбите од Уставот, соодветна кривично-правна одредба со која целосно ќе се заштитат правата на малолетниците.

3. Судот на седницата, врз основа на приложената документација, утврди дека подносителите на барањето биле странки во граѓански спор за развод на брак кој бил правосилно завршен и за кој се водела постапка по вонрреден правен лек пред Врховниот суд, која исто така била завршена.

Основниот Суд Скопје 2 Скопје со пресудата П.бр. 1846/03 од 14 јуни 2004 го уважил тужбеното барање на Наташа Ушлиновска, па бракот склучен помеѓу странките констатирал дека се разведува, а малолетното дете Марија Ушлиновска, родена на 16 март 2003 година ја доверил на чување, воспитување и делумно издржување на нејзината мајка – тужителката. Го задолжил тужениот – таткото да дава месечен придонес во издржувањето во износ од 20% од неговите месечни примања, сметано од 25 јуни 2003 година па во иднина и определил дека истиот има право да одржува лични односи со малолетното дете, се додека не се променат околностите кои можат да доведат до измена на ваквата одлука. Судот го одбил како неосновано тужбеното барање на тужителката за разликата од досудениот износ на име издршка до предјавениот износ во висина од 40% од месечните примања на тужениот, како и барањето истиот да даде допринос на име издршка за периодот од 1 април 2003 година до 25 јуни 2003 година.

По повод поднесената жалба од тужителката Наташа Ушлиновска со која барала укинување на првостепената пресуда и враќање на предметот на повторно судење или преиначување на пресудата на начин што ќе се задолжи тужениот да плаќа законска месечна издршка во висина од 40% од неговите месечни примања, Апелациониот суд од Скопје на 20 октомври 2004 година ја донел пресудата ГЖ. Бр. 5255/04 (против која исто така е насочено ова барање) со која жалбата ја одбил како неоснована и пресудата на Основниот суд Скопје 2, П.бр. 1846/03 од 14 јуни 2004 година ја потврдил.

Против двете пресуди полномошникот на тужителката поднела и ревизија до Врховниот суд на Република Македонија, кој на 15 февруари 2006 година ја одбил ревизијата како неоснована.

4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити­ слободите и пра­вата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и заб­раната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Репуб­лика Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија може да бара заштита од Уставниот суд на Република Македонија во рок од два месеци од денот на доста­вувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од де­нот на дознавање за преземање дејстие со кое е сторена повредата, но не подоцна од пет години од денот на неговото преземање.

Согласно член 28 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од наведените уставни и деловнички одредби произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да ги штити сите утврдени со Уставот основни слободи и права на човекот и граѓанинот, туку само оние кои се децидно наведени во членот 110 алинеја 3 од Уставот.
Од наводите содржани во барањето, произлегува дека во суштина барањето се однесува на испитување од страна на Уставниот суд на уставноста и законитоста на пресуди на Основниот суд Скопје 2 Скопје, Апелациониот суд од Скопје и Врховниот суд на Република Македонија донесени во граѓански спор за развод на брак, во кој странката е незадоволна од висината на досудената издршка за малолетното дете.
Врз основа на изнесеното, произлегува дека поднесеното барање не претставува барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, кои во согласност со член 110 алинеја 3 од Уставот, ги штити Уставниот суд, туку дека претставува барање Уставниот суд да одлучува како инстанционен суд за права и интереси на странка по конкретен предмет од надлежност на судовите, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и   д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.157/2006
28 септември 2006
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply