174/2006-0-0

174/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 септември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 86 став 2 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005 и 50/2006).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 86 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата во оваа законска одредба а ниту во било која друга одредба од Законот за извршување не било предвидено – уредено правото на жалба или друг вид на правна заштита против налогот за извршување од член 86 од наведениот закон, со што се повредувал членот 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Според подносителот на иницијативата и при издавањето на налогот за извршување од страна на извршителот биле можни грешки и пропусти кои единствено можеле да се отстранат со уставно загарантираното право на жалба или друг вид правна заштита против налогот за извршување.

Врз основа на изнесеното, предлага, Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на член 86 став 2 од Законот за извршување.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 86 став 1 од Законот, извршителот пред да пристапи кон пописот со налог ќе му наложи на должникот да го плати износот утврден во извршната исправа заедно со каматата и трошоците.

Според оспорениот став 2 од Законот налогот од ставот (1) на овој член содржи:
– име/назив на доверителот, живеалиште/престојувалиште или седиште;
– бројот на извршната исправа која се извршува и органот кој ја донел;
– долгуван износ како главен долг;
– споредни побарувања;
– трошоци на постапката и на извршувањето;
– забрана за располагање;
– рок од три дена за плаќање на долгот по извршната исправа;
– место на пописот и
– начин на вршење на пописот.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува и за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување.

Имајќи ја предвид наведената одредба од Уставот со која е утврдена надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија, содржината на оспорениот член, како и наводите во иницијативата произлегува дека со неа се бара Судот да ја оцени уставноста на член 86 став 2 од Законот за извршување не затоа што содржи норма која не е во согласност со Уставот, туку затоа што содржината на нормата не е таква каква што подносителот на иницијативата смета дека треба да биде.

Оттука, тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд, Судот утврди дека барањето во иницијативата излегува надвор од рамките на неговата надлежност, па согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија иницијативата се отфрла поради процесни пречки за постапување по неа.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.174/2006
28 септември 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply