121/2006-0-0

121/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 20 септември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на точка 1, алинеја 5 од Конкурсот за пријавување на кандидати за посетување на почетна обука за медијатори и за напредна обука за медијатори за лица кои веќе посетувале обука за медијатори од признаени институции, распишан од Министерството за правда и објавен во весникот „Дневник“ стр. 26, од 31 мај 2006 година.
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Конкурсот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека со точка 1 алинеја 5 од оспорениот конкурс, која предвидува за пријавување на конкурсот за посетување на почетна обука за медијатори, кандидатот да достави и потврда дека не му е изречена казна забрана на вршење на професија, дејност или должност се повредувал член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 11 став 1, член 13 став 1, член 14 став 1, член 25. член 32 став 1 и 2, член 54 став 1 и член 96 од Уставот на Република Македонија, и член 11 став 1 алинеја 3 од Законот за медијација, како и член 106 став 3,4, 5 и 6 од Кривичниот законик. Ова од причини што според член 106 став 6 од Кривичниот законик, на граѓаните по нивно барање може да им се дадат податоци за нивната осудуваност или неосудуваност само ако овие податоци им се потребни заради остварување на нивните права во странство.

Согласно на тоа, Министерството за правда немало уставно и законско овластување со оспорената одредба од Конкурсот непосредно од кандидатот да бара да достави и потврда дека не му е изречена казна забрана на вршење на професија, дејност или должност.

Поради наведеното, со иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставност и законитоста на точка 1 алинеја 5 од Конкурсот за пријавување на кандидати за посетување на почетна обука за медијатори и за напредна обука за медијатори за лица кои веќе посетувале обука за медијатори од признаени институции.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорената точка 1 алинеа 5 од оспорениот конкурс, е предвидено дека за пријавување на конкурсот за посетување на почетна обука за медијатори, кандидатот меѓу другите документи, треба да достави и потврда дека не му е изречена казна забрана на вршење на професија, дејност или должност.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Согласно член 1 од Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 60/2006) , со овој закон се уредуваат принципите на медијацијата како алтернативен начин на решавање на спорови, условите за медијатор, постапката на медијација и организирањето на медијаторите.

Според член 11 од Законот, медијаторот мора да ги исполнува следниве услови: 1) да има диплома за завршено високо образование; 2) да има најмалку пет години работно искуство; 3) да не му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност; 4) да има сертификат издаден од Комората на медијатори за завршена обука според Програмата за обука на медијатори. Програмата за обука на медијатори и Образецот за завршена обука за медијатор ќе ја донесе министерот за правда, и 5) да биде запишан во Именикот на медијатори.

Согласно член 36 од преодните и завршните одредби од Законот, во рок од еден месец од влегувањето во сила на овој закон, министерот за правда ќе донесе Програма за обука на медијатори и Образец за обука на медијатори. Во рок од два месеца од влегувањето во сила на овој закокн и во согласност со Програмата за обука на медијатори, а врз основа на јавен конкурс, Министерството за правда ќе организира почетна обука за медијатори и напредна обука за медијатори за лица кои веќе посетувале обука за медијатори од признаени институции, за што ќе им бидат издадени сертификати.

Имајќи ги предвид овие одредби од Законот за медијација, а поаѓајќи од содржината на Конкурсот во целина, според Судот, во конкретниот случај, конкурсот претставува општ повик за неограничен број на заинтересирани лица да се пријават како кандидати за посетување на обука за медијатори и тој по својот карактер не е пропис, туку преземено дејствие за реализација на постапката за да може едно лице да стане медијатор.

Поради наведеното, а врз основа на наведените уставни и деловнички одредби, Судот утврди дека не е надлежен да ја оценува уставноста на оспорениот конкурс, односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 121/2006
20 септември 2006
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply