2/2006-0-0

2/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 март 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за преобразба на Електростопанство на Македонија – Акционерско друштво за производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија во државна сопственост (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/2004 и 109/2005) во целина и посебно членот 5-а од истиот закон.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за оценување на уставноста и законитоста на Јавниот повик за учество на меѓународен тендер за приватизација на мнозински пакет акции во претпријатието за дистрибуција и снабдување со електрична енергија на Република Македонија АД Електростопанство на Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.107/2005).

3. ВМРО-ДПМНЕ (ВМРО – Демократска партија за македонско национално единство) – Скопје и Велимир Јовановски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста, односно уставноста и законитоста на Законот означен во точката 1, односно на актот означен во точката 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, поднесена од ВМРО-ДПМНЕ, Владата на Република Македонија започнува постапка за приватизација на АД – Електростопанство на Македонија без претходно да го разреши проблемот со имотно-правните односи на земјиштето и објектите на начин како што тоа било регулирано со постојните правни прописи.

Имено, подносителот на иницијативата смета дека начинот кој со оспорената законска одредба ги разрешувал имотно-правните односи бил во спротивност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Со тоа се вршело упад во правниот систем на државата. Според иницијативата, на тој начин се суспендирале сите прописи во Република Македонија со кои бил уреден начинот и постапката за стекнување на сопственост на недвижности, земјиште и објекти во Република Македонија и со декрет се налагало на Државниот завод за геодетски работи по службена должност да изврши незаконити дејствија со тоа што спорниот имот ќе се заведе во катастарот и ќе го запише со право на сопственост во катастарот на недвижностите на АД – ЕСМ и покрај тоа што тој имот бил спорен. На овој начин се кршеле основните начела предвидени во член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот, во кои експлицитно е нагласено дека во Република Македонија темелна вредност на поредокот е владеењето на правото и правната држава и заштитата на сопственоста.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека дистрибутивната мрежа не е во сопственост на државата, туку во дел од неа има сопственост и на граѓаните кои плаќале комунален придонес при изградба на семејни, станбени згради или други објекти во комуналии има дел од износот што е наменет за спроведување на електрична енергија до објектите што се градат. Оттука според иницијативата спорен имот државата не може да разрешува со план за поделба на имотот. Според подносителот на иницијативата, со оспорената законска одредба државата вршела национализација на објекти и земјиште кое е во сопственост на граѓани и правни лица на Република Македонија.

Подносителот на иницијативата, исто така, смета дека со оспорената законска одредба се кршел членот 30 од Уставот на Република Македонија со кој се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се предвидува праведен надомест кој не може да биде помал од пазарната вредност.

Според подносителот на иницијативата оспорената законска одредба била во спротивност и со член 56 од Уставот во кој е уредено дека сите природни богатства, добрата во општа употреба, се добра од општ интерес на Републиката и уживаат посебна заштита. Со закон се уредувал начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат за користење.

Во конкретниов случај водата за постојните хидроцентрали и новите што ќе се градат не можеле да се продаваат т.е. објектите кои што користат вода како општо добро можат да се дадат само на користење – концесија на определено време.

Во иницијативата поднесена од Велимир Јовановски од Скопје, се оспорува Законот за преобразба на Електростопанство на Македонија Акционерско друштво за производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија во државна сопственост во целина, и меѓу другото се наведува дека истиот не е во согласност со член 56 став 1 од Уставот, бидејќи во конкретниов случај станува збор за електрична енергија (производство, пренос и дистрибуција) како добро во општа употреба која исто како и другите добра од општ интерес може да се отстапат само на користење на начин и услови утврдени со закон.

Имено, бидејќи се работело за електрична енергија (производство, пренос и дистрибуција) како добро во општа употреба од член 56 став 1 од Уставот, согласно член 56 став 3 од Уставот на Република Македонија, ова добро не можело ни да се оттуѓи, ни да се продаде, туку само да се отстапи на користење на начин и услови утврдени со закон. Таква можност, според подносителот на иницијативата, кога станува збор за електрична енергија, пропишувал Законот за енергетика во членовите 3, 5 и од 50 до 60.

Понатаму, во иницијативата на Велимир Јовановски се наведува дека јавниот повик за учество на меѓународен тендер за приватизација на мнозински пакет акции во претпријатието за дистрибуција и снабдување со електрична енергија во Република Македонија – АД Електростопанство на Македонија, бил нејасен од причина што претпријатието за кое е распишан јавниот повик се занимавало само со дистрибуција и снабдување со електрична енергија, а претпријатието од членот 4 став 1 алинеја 1 се занимавало со производство, дистрибуција и снабдување со електрична енергија, или поточно претпријатието за кое бил распишан спорниот јавен повик не ја вршело дејноста производство на електрична енергија.

Од содржината на членот 5-а од Законот, според наводите во иницијативата, произлегува дека потенцијалниот купувач на претпријатието огласено на оспорениот јавен повик станува потенцијален сопственик и де фацто и де иуре не само на објектите, туку и на земјиштето на кое се наоѓаат објектите на претпријатието од јавниот повик. Тоа, според подносителот на иницијативата, не било во согласност со член 31 од Уставот на Република Македонија, бидејќи под странско лице се подразбира физичко, а не и правно лице. Имено, странски правни лица не можеле да се стекнат со право на сопственост на земјиште во Република Македонија.

Поради наведените причини во двете иницијативи, се предлага Судот да донесе решение со кое ќе поведе постапка за оценување на уставноста на членот 5-а од Законот за преобразба на Електростопанство на Македонија, Акционерско друштво за производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија во државна сопственост, како и на уставноста и законитоста на јавниот повик за учество на меѓународен тендер за приватизација на мнозински пакет акции во претпријатието за дистрибуција и снабдување со електрична енергија во Република Македонија АД Електростопанство на Македонија.

Согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија во иницијативата на Велимир Јовановски се предлага и донесување решение за запирање на извршувањето на оспорениот јавен повик, бидејќи со неговото извршување би можеле да настапат тешко отстранливи последици.

4. Судот на седницата утврди дека со Законот за преобразба на Електростопанство на Македонија Акционерско друштво за производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија во државна сопственост се уредува преобразбата на Електростопанство на Македонија Акционерско друштво за производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија во државна сопственост.

Според членот 5-а од истиот закон правата на сопственост на недвижностите и тоа објекти и земјишта кои пред преобразбата биле во владение на АД Електростопанство на Македонија, а во катастарот на земјиштето и катастарот на недвижностите биле евидентирани и запишани на име на Република Македонија независно од фактот на евидентираниот корисник на земјиштето и објектите, а кои со преобразбата и планот за поделба припаднале на АД Електростопанст-во на Македонија или друштвата основани од него или на друштвата настанати со реструктуирање на АД Електростопанство на Македонија или неговите правни наследници и АД МЕПСО, во катастарот на земјиштето и катастарот на недвижностите ќе се евидентираат и запишат на АД Електростопанство на Македонија или друштвата основани од него или на друштвата настанати со реструктуирање на АД Електростопанство на Македонија или неговите правни наследници и АД МЕПСО врз основа на планот за поделба на истите.

Правата на сопственост на објектите кои пред преобразбата биле во владение на Електростопанство на Македонија, а во катастарот на земјиштето и катастарот на недвижностите не биле евидентирани и запишани на име на Република Македонија, а кои се изградени на земјиште во сопственост на Република Македонија независно од фактот на евидентираниот корисник на земјиштето, а кои со преобразбата и планот за поделба припаднале на АД Електростопанство на Македонија или друштвата основани од него или на друштвата настанати со реструктуирање на АД Електростопанство на Македонија или неговите правни наследници и АД МЕПСО, во катастарот на земјиштето и на катастарот на недвижностите ќе се евидентираат и запишат на АД Електростопанство на Македонија или друштвата основани од него или на друштвата настанати со реструктуирање на АД Електростопанство на Македонија или неговите правни наследници и АД МЕПСО врз основа на планот за поделба на истите.

Објектите и земјиштата утврдени во планот за поделба, Државниот завод за геодетски работи по службена должност ќе ги евидентира во катастарот на земјиштето и ќе ги запише со право на сопственост во катастарот на недвижностите на АД Електростопанство на Македонија или друштвата основани од него или на друштвата настанати со реструктуирање на АД Електростопанство на Македонија или неговите правни наследници и АД МЕПСО.

Оспорениот Јавен повик за учество на меѓународен тендер за приватизација на мнозински пакет акции во претпријатието за дистрибуција и снабдување со електрична енергија на Република Македонија АД Електростопанство на Македонија е содржан во делот “Јавни набавки” од “Службен весник на Република Македонија” бр.107/2005. Истиот е објавен од Владата на Република Македонија, преку Министерството за економија согласно Законот за преобразба на АД Електростопанство на Македонија и Одлуката на Владата на Република Македонија бр.19-3408/1. Јавниот повик содржи вкупно 7 (седум) точки, кои, меѓу другото, содржат покана на заинтересираните страни да ги достават своите апликации за учество во меѓународниот јавен тендер за предложената продажба на стратешки инвеститор, потоа што се треба да содржи апликацијата и какви и за што докази да се обезбедат, известување дека информации за условите и процедурата за квалификации се содржани во Претквалификациската апликација за понудувачи која ќе биде по претходно барање обезбедена од лице кое е наведено во точката 6 од јавниот повик.

Во точката 7 се наведува дека ниту еден дел од оваа покана на ниту еден начин не ја обврзува Владата на Република Македонија да продаде било кој дел од АД Електростопанство на Македонија ниту, пак, влијае на нејзиното право да ги суспендира, прекине или измени условите на тендерската процедура.

5. Според Уставот на СРМ од 1974 година, општествената сопственост како материјална основа на трудот беше еден од основните уставни институти, врз кој се градеше самоуправувањето како доминантен општествено-економски однос. Процесот на губењето на нејзината улога на доминантна уставна категорија започна со Амандманите на Уставот на СРМ од 1990 година, со кои се создаде двојност на продукционите односи во земјата, за да биде конечно нормативно елиминирана со Уставот на Република Македонија од 1991 година. Имено, со означените Амандмани се воведе сопственичкиот плурализам со рамноправност на сите форми на сопственост. Со тоа Амандманите ја отстранија доминантната положба на општествената соптвеност во однос на другите сопственосни форми и дадоа можност за нејзина трансформација од општествено-економска основа на самоуправниот продукционен однос во класична сопственосно-правна категорија со определување титулар на правата и обврските што произлегуваат од неа.

Со Уставот на Република Македонија се воспостави битно нов концепт на општествено уредување. Во неговата основа лежи граѓанската демократија и гаранција на сопственоста во граѓанско-правна смисла. Така, согласно член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост, а според ставот 3, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Поаѓајќи од основната интенција на Уставот за изградба на граѓанско општество кому општествената сопственост не му е иманентна, туку негова основна карактеристика е правото на сопственост како граѓанско-правен однос, тој не може ни да ја гарантира општествената сопственост. Поради тоа, одредбите од член 30 од Уставот се однесуваат исклучиво на сопственоста во граѓанско-правна смисла на зборот. Со други зборови, општествената сопственост нормативно не егзистира во Уставот на Република Македонија, туку претставува затечена категорија од поранешниот уставен поредок, така што обврската за нејзиното трансформирање произлегува непосредно од самиот Устав на Република Македонија. Затоа, според член 7 од Уставниот закон за спроведување на Уставот, Собранието на Република Македонија е овластено во рок од 6 месеци да донесе закон со кој ќе се уреди начинот на трансформацијата на општествената сопственост. Притоа законодавното тело е овластено да ги утврди условите, начините и формите на нејзиното трансформирање во некоја од сопственичките категории. Во оваа смисла, законодавецот е слободен во изборот како на називот на законот, така и во определувањето дали овој процес ќе се спроведува преку трансформација на претпријатијата што работат со капитал во општествена сопственост во некои од познатите видови на сопственост, со почитување на темелните вредности на уставниот поредок утврдени во членовите 8, 30, 57 и 58 од Уставот. Оттука, Собранието на Република Македонија како орган на законодавната власт во рамките на генералното овластување да ги уреди односите поврзани со трансформацијата на општествената сопственост, со Уставот не е ограничено во пропишување на начинот, облиците и динамиката на таа трансформација.

Тргнувајќи од содржината на членот 30 на Уставот, како и од содржината на Уставот во целина, произлегува дека општествената сопственост нормативно не егзистира во Уставот, меѓутоа практично во овој период на транзиција општествената сопственост како општествено-економски однос се уште постои.

Уставот на Република Македонија, освен гаранцијата на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, не содржи одредби за утврдување на основните облици на сопственоста, меѓутоа, тргнувајќи од целината на нормативниот дел од Уставот, а особено од фактот што сопственоста е лоцирана во делот на економските права и слободи на човекот и граѓанинот може да се смета дека Уставот всушност се определил пред се за приватната сопственост како основен облик на сопственост, неисклучувајќи ја можноста од постоење на други видови сопственост.

Стекнувањето и заштитата на правото на сопственост посебно е уредено во Глава ИВ од Законот за сопственост и други стварни права (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/2001).

Според членот 112 став 1 од Законот, правото на сопственост се стекнува според закон, врз основа на правна работа и со наследување. Според ставот 2 на овој член, правото на сопственост се стекнува и со одлука на надлежен државен орган, на начин и под услови определени со закон.

Од содржината на цитираната одредба произлегува дека со неа се уредени начините на стекнување на правото на сопственост. Меѓутоа, без оглед за кој начин на стекнување на право на сопственост се работи, секое стекнување на тоа право, за да биде признато и заштитено со објективното право мора да има своја правна основа – Иустус титулус аљуиеренди. Како вакви правни основи на стекнување на сопственост Законот во член 112 ги наведува законот, правното дело, наследувањето и одлуката на државен орган. Сите овие правни основи на стекнување на правото на сопственост Законот ги предвидува во исклучиво императивна смисла: правото на сопственост се стекнува само по закон, врз основа на правна работа, со наследување и одлука на државен орган. Таму каде што постои правна основа без предавање на подвижните ствари, односно запишување во јавните книги кај недвижностите може да станува збор за облигационо право, а за да едно облигационо право се претвори во квалитетно стварно право е потребно и предавање на стварта, односно запишување на тоа право во јавните книги за недвижностите.

Во членот 2 од Законот за сопственост и други стварни права се предвидува дека право на сопственост можат да стекнуваат сите домашни и странски физички и правни лица, вклучувајќи ја и државата и единиците на локалната самоуправа, под услови и на начин предвидени со овој и друг закон.

Законот за приватизација на државниот капитал (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/1996, 25/1999, 81/1999, 49/2000, 6/2002 и 74/2005) го регулира располагањето со државниот капитал кој веќе е издвоен во постапка спроведена според други закони. Оттука, за овој издвоен и определен државен капитал во постапка спроведена врз основа на Законот за трансформација на претпријатија со општествен капитал и други законски основи, право на законодавецот е со закон да ја пропише приватизацијата како елемент од располагањето на државата со сопствениот државен капитал.

Имено, Законот за приватизација на државниот капитал во членот 1 определил дека со овој закон се уредува евиденцијата, управувањето, начинот и постапката за приватизација на државниот капитал во претпријатијата и банките односно трговските друштва.

Според членот 2 став 1 од овој закон, за државен капитал во смисла на овој закон се смета учеството (трајните влогови) на Република Македонија, односно органите на државната власт, во вредност на претпријатијата, односно трговските друштва утврдено согласно Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/1993, 48/1993-исправка, 21/1998, 25/1999, 39/1999, 81/1999, 49/2000, 6/2002, 31/2003 и 38/2004), Законот за трансформација на претпријатијата и задругите со општествен капитал кои стопанисуваат со земјоделско земјиште и Законот за уредување на односите во врска со отплата на користени кредити од меѓународни финансиски организации, влоговите на Република Македонија во вредноста на претпријатието согласно со Законот за преструктуирање на дел од претпријатијата кои во своето работење искажуваат загуби, Законот за санација и реконструирање на дел од банките во Република Македонија, како и капиталот стекнат по друга основа во согласност со овој закон.

Од изнесените одредби произлегува дека Законот за приватизација на државниот капитал во членот 1 го дефинирал предметот на уредување на овој закон, а тоа е приватизацијата на државниот капитал кој се наоѓа во претпријатијата и банките односно трговските друштва, додека пак во членот 2 го определил државниот капитал според основите по кои тој настанал. Од особена важност, е дека во членот 2 став 1 од овој Закон е утврдено дека носител односно имател на државниот капитал е Република Македонија, односно органите на државната власт и кој се наоѓа во претпријатијата и банките односно трговските друштва, е предмет на приватизацијата согласно Законот.

Приватизацијата на претпријатијата и организациите во државна сопственост кои со закон е утврдено дека вршат дејност од јавен интерес, односно јавните установи и јавните претпријатија и трговските друштва основани со средства во државна сопственост, се врши согласно со Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, доколку со посебен закон поинаку не е уредено, а истата ја спроведува Министерството за економија.

Во членот 1 став 1 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал се предвидува дека со овој закон се уредуваат условите, начините и постапката за трансформација на претпријатијата со општествен капитал во претпријатија во кои е определен сопственикот, како и начините и постапката за продажба на акциите и уделите кои во постапката за трансформација и се издадени на Агенцијата.

Според ставот 2 на членот 1 од овој Закон трансформација на претпријатието со општествен капитал од став 1 на овој член се врши со организирање на претпријатието во акционерско друштво или друштво со ограничена одговорност со капитал во приватна сопственост, односно со определен сопственик, под условите и постапката утврдени со овој закон и со Законот за трговските друштва. Трансформацијата се врши и со продажба на општествениот капитал или на сите средства на претпријатието.

Во смисла на наведеното, Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 24 март 2004 година го донесе Законот за преобразба на Електростопанство на Македонија, Акционерско друштво за производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија во државна сопственост, објавен во Службен весник на Република Македонија бр.19/2004.

Во членот 1 од овој закон се предвидува дека со овој закон се уредува преобразбата на Електростопанство на Македонија Акционерско друштво за производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија во државна сопственост.

Согласно членот 2 од Законот, под преобразба, во смисла на овој закон, се подразбира реструктуирање и приватизација на АД Електростопанство на Македонија на начин и под услови утврдени со овој закон.

Според членот 5 од овој закон во постапката за реструктуирање средствата, вработените, правата и обврските на АД Електростопанство на Македонија ќе се поделат согласно со планот за поделба, и тоа:

а) средствата, вработените, правата и обврските поврзани со дејноста, производство и дистрибуција на електрична енергија ќе се пренесат на АД Електростопанство на Македонија и

б) средствата, вработените, правата и обврските поврзани со дејноста за пренос на електрична енергија и управување со електроенергетскиот систем ќе се пренесат на АД МЕПСО.

Според членот 7 став 1 од овој Закон приватизацијата на АД Електростопанство на Македонија и/или на друштвата основани од него може да се изврши преку продажба на дел или на сите акции на АД Електростопанство на Македонија и/или на друштвата основани од него и/или на друштвата настанати со реструктуирање на АД Електростопанство на Македонија или на овие правни наследници со една или повеќе трансакции на инвеститор, и тоа:

– преку склучување на договор за продажба на малцински пакет на акции со меѓународни финансиски институции,
– преку тендер во кој е вклучена претквалификација, на начин и по постапка што ги пропишува Владата на Република Македонија и/или
– на друг начин утврден со закон.

Во членот 8 од овој закон се предвидува дека реструктуирањето на АД Електростопанство на Македонија и приватизацијата на АД Електростопанство на Македонија и/или на друштвата основани од него и/или друштвата настанати со реструктуирање на АД Електростопанство на Македонија или неговите правни наследници се врши врз основа на претходно донесена одлука, односно други акти сврзани со процесот на преобразбата од страна на Владата на Република Македонија, врз начелата на транспарентност, недискриминираност, објективност и согласно со пазарните услови.

Од цитираната одредба, односно од содржината на членот 8 на оспорениот закон, произлегува правото за реструктуирање и за приватизација, како и начинот на кои истото ќе се врши. Имено, во оваа законска одредба е определено дека таа ќе се врши врз основа на претходно донесена одлука или други акти сврзани со процесот на преобразбата од страна на Владата на Република Македонија. Меѓутоа, Република Македонија во конкретниов случај се определува процесот на преобразба, односно приватизацијата на АД Електростопанство на Македонија да го регулира со Закон, а не со Одлука така што се донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за преобразба на Електростопанство на Македонија Акционерско друштво за производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија во државна сопственост, со чиј член 5-а став 1 всушност Република Македонија како титулар – сопственик одлучила правото на сопственост на земјиштето и објектите да го евидентира и запише на нивните корисници АД Електростопанство на Македонија или друштвата основани од него или на друштвата настанати со реструктуирање на АД Електростопанство на Македонија или неговите правни наследници и АД МЕПСО. Имено, токму во тоа е и содржината на правото на сопственост, т.е. нејзината позитивна страна е што сопственикот има право својата ствар да ја држи, целосно да ја користи и да располага со неа по своја волја, доколку тоа не е спротивно на закон или на некое право на друго лице.

Тргнувајќи од фактот што недвижностите, односно објектите и земјиштата опишани во ставот 1 на членот 5-а од оспорениот закон, во катастарот на земјиштето и катастарот на недвижностите биле запишани и евиденирани на име на Република Македонија, односно државата е сопственик на овие недвижности, не може да се прифати тврдењето на подносителите на иницијативата дека истата не е во согласност со член 30 од Уставот. Ова од причина што со пренесувањето на правото на сопственост од Република Македонија на АД Електростопанство на Македонија, не се задира во правото на сопственост на граѓаните, бидејќи во конкретниов случај станува збор за располагање со недвижности кои се во сопственост на Република Македонија. На овој начин се врши деривативно стекнување, односно се пренесува веќе постоечкото право на сопственост, од претходникот – Република Македонија на стекнувачот – во случајов или е АД Електростопанство на Македонија , со сите сопственички овластувања и обврски.

Врз основа на наведеното, правото на сопственост се стекнува според закон врз основа на правна работа и со наследување (член 112 од Законот за сопственост и други стварни права).

Во членот 113 од Законот за сопственост и други стварни права се предвидува дека според закон правото на сопственост се стекнува со создавање нова ствар, со мешање и спојување, со градење на земјиште, со одржување, со одвојување на плодовите, со стекнување сопственост од несопственик, со окупација, со припојување и таложење, со промена на корито на водотек и создавање на остров и во други случаи определни со закон.

Во членот 113 се наброени оригинерните начини на стекнување на правото на сопственост т.е. оние случаи во кои правото на сопственост не се стекнува на веќе постоечко право на сопственост од претходникот на стекнувачот, туку се заснова ново право на сопственост кое не се изведува, не деривира од досегашното право на сопственост бидејќи има самостојна правна основа и свое настанување. За сите наведени оригинерни начини на стекнување на право на сопственост наведени во член 113, правото на сопственост се стекнува “по самиот закон”.

Со оспорениот став 2 во членот 5-а од Законот за изменување и дополнување на Законот за преобразба на Електростопанство на Македонија Акционерско друштво за производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија во државна сопственост се регулира, односно се утврдува правото на сопственост на објектите кои не биле евидентирани и запишани на име на Република Македонија, но биле изградени на земјиште во сопственост на Република Македонија. Имајќи го ова во вид, Судот утврди дека конкретното решение од став 2 на оспорениот член 5-а од Законот не е во спротивност со членот 30 од Уставот на Република Македонија, од причина што без оглед на тоа дали на тоа земјиште има или нема изградено објекти (со или без градежна документација) изградени од Република Македонија или од туѓ градител (Електростопанство на Македонија или друго правно лице) станува збор за земјиште односно недвижност на Република Македонија што и дава можност согласно Законот за сопственост и други стварни права, да ја пренесува сопственоста на недвижностите од Република Македонија, во случајов на Електростопанство на Македонија.

Според член 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита, а според став 3 од овој член, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Во цитираната уставна норма децидно се наведува што се претставува добро од општ интерес. Имајќи го во вид фактот што предмет на оспорениот член од Законот се недвижности, (објекти и земјиште) во сопственост на Република Македонија, кои согласно цитираната уставна норма не припаѓаат на добра од општ интерес, Судот оцени дека истата не е во несогласност ниту со член 56 од Уставот на која се укажува во поднесените иницијативи.

Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Во врска со оспорениот јавен повик, Судот утврди дека истиот не претставува пропис во смисла на цитираната уставна норма, поради што Уставниот суд не е надлежен да ја оценува неговата уставност и законитост. Имено, според Судот, оспорениот јавен повик за учество на меѓународен тендер за приватизација на мнозински пакет акции во претпријатието за дистрибуција и снабдување со електрична енергија на Република Македонија АД Електростопанство на Македонија е дејствие на Владата на Република Македонија преземено преку Министерството за економија, со цел да прибере апликации за приватизација на мнозински пакет акции, за што Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува.

Во поглед на барањето за донесување на решение за запирање на извршување на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на јавниот повик, имајќи во вид дека според Судот истиот не е пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, се утврди дека не се исполнети условите за донесување на вакво решение согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

6. Врз основа на наведеното, Судот одучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов, а по однос на член 5-а од Законот решението е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.2/2006
15 март 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply