187/2005-0-0

187/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992) на седницата одржана на 15 март 2006 година донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 236 став 3 во делот “и акт на министерот надлежен за работите од областа на трудот” од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 62/2005).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 5 став 1 точка 4, член 19 став 2 и член 237 од законот означен во точка 1од ова решение.

3. Сојузот на Синдикатите на Македонија од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека со утврдувањето што претставува “помал работодавач” во член 5, став 1 точка 4 и со одредбата од член 19 став 2, според која за вработените кај “помал работодавач” работодавачот не е должен со акт да ги определи посебните услови за вршење на работата на секое поединечно работно место, голем број на работници ќе биле ставени во нееденаква положба во остварувањето на правата од работен однос само од причина што се вработени во трговско друштво или друг правен субјект кај кого се вработени помалку од 50 вработени. Со ваквото диференцирање и ставањето во повластена положба на “помалите работодавачи” се нарушувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени во член 8 алинеја 1 и 3, бидејќи во областа на работните односи ќе се создадела правна несигурност што негативно ќе влијаело на вклучувањето на Република Македонија во европските интеграциони процеси.

Понатаму во иницијативата се наведува дека одредбата од член 236 став 3 не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 11, бидејќи била спротивна на член 8 од Меѓународниот пакт за економските, социјалните и културните права на ООН како и на Конвенцијата на Меѓународната организација на трудот од 1948 година за синдикалната слобода и за заштита на синдикалното право чиј потписник била и Република Македонија, како и на член 38 од Уставот на Република Македонија кој го гарантирал правото на штрајк. За подносителот на иницијативата не е спорно воведувањето на институтот на помирување пред започнувањето на штрајкот, но овој правен институт не можел да биде регулиран со акт на министерот, туку исклучиво со закон или колективен договор.

Во врска со оспорената одредба од член 237 од Законот за работни односи, подносителот на иницијативата наведува дека таа е во спротивност со член 9 и член 38 став 1 од Уставот, бидејќи со вакви општи законски одредби на работодавачот му се давале огромни можности по своја слободна оценка да отстрани 2% од учесниците во штрајкот ако лично смета дека тие “поттикнуваат насилничко и недемократско однесување”. Подносителот на иницијативата смета дека во ниеден дел од Законот не е утврдена постапка и обележјата на тоа што претставува “поттикнување на насилничко и недемократско однесување” за време на преговорите меѓу работниците и работодавачот во време на веќе започнат штрајк, па вака даденото дискреционо право работодавачите често ќе го применувале и злоупотребувале за време на штрајк. Поради ваквата неуставна одредба, според мислењето на подносителот на иницијативата, ќе заживеала праксата токму членовите на штрајкувачките одбори да бидат отстранувани од штрајкот со што штрајкот ќе го изгубел своето значење. Во таа смисла подносителот на иницијативата укажува дека за насилничко и недемократско однесување постои кривична одговорност, па секој кој извршува такви дејствија подлежи кривично-правна санкција изречена во соодветна судска постапка.

Поради наведените причини, подносителот на иницијативата смета дека со оспорените членови бил нарушен принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законот, не бил обезбеден механизам за заштита на работникот вработен кај “помал работодавач”, односно била загрозена правната сигурност на работникот и биле нарушени принципот на владеење на правото и принципот на почитување на општоприфатените норми на меѓународното право, поради што предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот за работни односи и да ги поништи.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорената одредба од член 236 став 3 од Законот за работните односи, штрајкот не смее да започне пред завршување на постапката за помирување, согласно со овој закон и акт на министерот надлежен за работите од областа на трудот. Оваа оспорена одредба е содржана во Глава XX од Законот за работните односи под наслов “Штрајк”.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3, 4 и 11 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 32 став 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 38 од Уставот се гарантира правото на штрајк. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Според член 8 од Меѓународниот пакт за економските, социјалните и културните права, меѓу другото, е предвидена обврска за државите членки да го обезбедат правото на штрајк, што се остварува според законите на секоја земја.

Според член 6 од Европската социјална повелба, со цел да обезбедат вистинска примена на правото на колективно преговарање, Страните-договорнички се обврзуваат, меѓу другото, да ги поттикнуваат воведувањето и примената на соодветни механизми за доброволно мирење и арбитража при решавањето на работните спорови, и им го признаваат правото на работниците и работодавачите на заеднички акции во случај на судири на интересите, вклучувајќи го и правото на штрајк, со резерва на обврските што би можеле да произлезат од важечките колективни договори.

Разгледувајќи ја оспорената одредба од Законот, Судот оцени дека во основа станува збор за одредба со која се воведува обврска за претходно исцрпување на постапката за помирување пред да се пристапи кон штрајк како средство за заштита на економските и социјалните права на работниците.

Мирното решавање на индивидуалните и колективните работни спорови е регулирано со одредбите од член 182 и 183 од Законот за работните односи.

Според член 182 од овој закон, во случај на индивидуален или колективен работен спор, работодавачот и работникот можат да се договорат решавањето на спорот да го доверат на посебен мировен совет составен од три члена, од кои по еден определуваат работодавачот и работникот и еден кој заеднички ќе го определат.

Мирното решавање на колективни работни спорови по пат на арбитража е уредено со член 183 од Законот. Според став 1 на овој член, со колективен договор може да се определи арбитража за решавање на колективни работни спорови. Со колективниот договор се одредува составот, постапката и други прашања значајни за работата на арбитражата (став 2).

Покрај овие два члена, одредба за мирно решавање на колективни работни спорови е содржана во член 235 од Законот, согласно која ако настане спор во постапката на склучување, изменување и дополнување на колективен договор, спорот се решава по мирен пат (став 1). Страните на спорот можат решавањето на колективниот работен спор спогодбено да го доверат на арбитража.

Од наведените законски одредби кои се однесуваат на мирното решавање на работните спорови, произлегува дека интенцијата на законодавецот била регулирањето на овој институт да не биде предмет на императивни законски норми, односно постапката за мирно решавање на спорови да се препушти на уредување со колективни договори, во зависност од волјата односно спогодбата на работниците и работодавачите.

Од формулацијата на оспорената одредба на член 236 став 3 од Законот не произлегува јасно што е предмет на уредување на актот на министерот надлежен за работите од областа на трудот, односно дали со овој актот на министерот ќе се уредат прашања поврзани со штрајкот или пак актот на министерот се однесува на постапката за помирување со цел доуредување на одделни дополнителни прашања од процедурален карактер, специфични за трудовите спорови, како дел од регулативата поврзана со законската рамка на медијацијата.

Според оцената на Судот, овие два института, имено штрајкот и медијацијата во трудовите спорови се тесно поврзани, од причина што мирното решавање на работните спорови во определени случаи може да има превентивен карактер во смисла на спречување на штрајкот, односно во случај на отпочнат штрајк да претставува средство за разрешување на настанатиот спор по вонсудски пат. Оттука, според мислењето на Судот, за оцена на уставноста на оспорената одредба од решавачко значење е фактот што и двата институти се однесуваат на прашања поврзани со работните односи, кои пак согласно член 32 став 5 од Уставот се уредуваат со закон и со колективни договори, односно не можат да бидат предмет на уредување со подзаконски акт на министерот надлежен за работите од областа на трудот. Според тоа, министерот нема уставна основа за донесување на таков акт.

Покрај тоа, Судот оцени дека поради нејасност и непрецизност на оспорената одредба, во која не е утврдено што ќе претставува предмет на регулирање на актот на министерот надлежен за работите од областа на трудот, таа не може да претставува валидна законска основа за овластување на министерот да донесе таков подзаконски акт.

Врз основа на наведеното, пред Судот се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба на член 236 став 3 во делот: “и акт на министерот надлежен за работите од областа на трудот” од Законот за работните односи со одредбите од членовите 8 став 1 алинеја 3 и 4, 32 став 5 и 38 од Уставот.

6. Судот на седницата утврди дека според член 5 став 1 точка 4 од Законот за работните односи, “помал работодавач” е работодавач кој вработува до 50 работници, а според член 19 став 2, работодавачот е должен со акт да ги определи посебните услови за вршење на работата на секое подинечно работно место. Оваа обврска не се однесува на помалите работодавачи.

Според член 8 став 1 алинеја 1, 3, 4 и 11 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Уставот на Република Македонија во делот на нормите кои се однесуваат на основните слободи и права на човекот и граѓанинот ги утврдил економските, социјалните и културните права.

Во овој дел од Уставот, со член 32 став 1 е утврдено дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност.

Според став 2 од овој член секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Според став 5 од овој член остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Поаѓајќи од изнесените уставни одредби, законодавецот односите во областа на трудот ги уредил со Законот за работните односи. Согласно член 1 став 1 од Законот, со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Според став 2 од истиот член работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување.

Работодавач според Законот (член 5 став 1 точка 3) е “правно и физичко лице, како и друг субјект (орган на државна власт, орган на единица на локалната самоуправа, подружница на странско друштво, дипломатско и конзуларно претставништво) кои вработуваат работници врз основа на договор за вработување”.

Законот за работните односи ги уредува и работните односи на работниците вработени во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа, установите, јавните претпријатија, заводите, фондовите, организациите и други правни и физички лица кои вработуваат работници, доколку со друг закон поинаку не е определено. (член 3)

Законот за работните односи во Глава XIX ги регулира колективните договори. Според член 206 со колективните договори се уредуваат правата и обврските на договорните страни кои го склучиле тој договор, а може да содржи и правни правила со кои се уредува склучувањето, содржината и престанокот на работните односи и други прашања од работните односи или во врска со работните односи.

Работниот однос се заснова со потпишување на договорот за вработување и сите права, обврски и одговорности врз основа на вршењето на работата од работниот однос и вклучување во задолжителното социјално осигурување врз основа на работниот однос започнуваат да се остваруваат со денот на стапувањето на работникот на работа, договорени во договорот за вработување (член 13 од Законот).

Во член 28 став 1 од Законот пропишана е содржината на договорот за вработување. Покрај ова, во став 2 од истиот член е определено дека договорот за вработување може да содржи и други права и обврски определени со овој и друг закон и колективен договор.

Согласно член 12 став 2 од Законот со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон. Согласно став 3 од овој член со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон. Според став 4, правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземаат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот.

Законот за работните односи на единствен начин ги уредил правата и обврските за сите работници и за секој работодавач дефиниран согласно член 5 став 1 точка 3 кој вработува работници врз основа на договор за вработување.

Единствената диференцијација на работодавачите законодавецот ја направил во оспорената одредба од член 5 став 1 точка 4 дефинирајќи го помалиот работодавач како работодавач кој вработува до 50 работници. Врз основа на оваа диференцијација, законодавецот во член 19 став 2, (кој исто така е оспорен) го ослободил помалиот работодавач од обврската со акт да ги определи посебните услови за вршење на работата на секое подинечно работно место.

Актот со кој се определуваат посебните услови за вршење на работата на секое поединечно работно место е всушност актот за систематизација на работните места со кој се утврдува бројот и структурата на потребите од работници и кој е во функција на обезбедување на потребата од работници за одделните работни места. Во таа смисла актот за систематизација не претставува акт со кој се уредуваат права и обврски од работниот однос, бидејќи од наведените одредби од Уставот (член 32 став 5) како и посочените одредби од Законот за работните односи произлегува дека работните односи се уредени, односно пропишани со закон и дека колективните договори, договорите за вработување и актите на работодавачот можат да го уредуваат работниот однос само во рамките утврдени со законот и на начин кој произлегува од одредбите од законот. Правата од работен однос утврдени во Законот за работните односи и во колективните договори важат за сите вработени независно од бројот на вработените, односно големината на работодавачот и независно од тоа дали конкретниот работодавач има или нема донесено акт со кој се определени посебните услови за вршење на работата на секое поединечно работно место.

Оттука и недонесувањето на актот за систематизација, односно актот на работодавачот со кој се определуваат посебните услови за вршење на работата на секое поединечно работно место, според мислењето на Судот, не може да ги стави работниците во понеповолна положба. Ова посебно ако се има предвид одредбата од член 19 став 1 од Законот, според која работникот кој склучува договор за вработување мора да ги исполнува условите за вршење на работата, определени со закон, актот на работодавачот, односно условите барани од страна на работодавачот. Тоа значи дека исполнувањето на условите за вршење на работата е предуслов за склучување на договор за вработување помеѓу работникот и работодавачот и тие на работникот однапред му се познати, бидејќи кога работодавачот вработува работници по пат на јавен оглас, тој е должен во јавниот оглас да ги наведе условите што се бараат за вршење на работата (член 23 став 1 од Законот). Согласно член 28 став 1 точка 3 од Законот за работните односи, исто така, називот на работното место, односно податоците за видот на работата за којашто работникот склучува договор за вработување со краток опис на работата што ќе ја врши според договорот за вработување се составни делови на договорот за вработување и со нив работникот се запознава во моментот на склучувањето на договорот за вработување.

Покрај тоа, во функција на обезбедување еднаква положба во остварувањето на правата од работниот однос, во Законот за работните односи постојат повеќе одредби со кои се забранува дискриминацијата на кандидатот за вработување, односно работникот. Така, општата забрана на дискриминација на кандидатот за вработување или работникот утврдена во членот 6 од Законот, со членот 7 став 4 е проширена и на околности кои непосредно се поврзани со работните односи и условите за работа, па во таа смисла, покрај другото, дискриминацијата е забранета и во однос на условите за вработување, вклучувајќи ги и критериумите и условите за избор на кандидати за вршење на определена работа (член 7 став 4 точка 1), во која било гранка на дејности и на сите нивоа на професионална хиерархија, условите за работење и работа и сите права од работен однос (член 7 став 4 точка 4 од Законот).

Оттука, Судот оцени дека оспорената одредба на член 19 став 2 од Законот за работните односи, нема за цел да ги стави работниците кај помалите работодавачи во нееднаква положба, туку е со интенција да ги ослободи малите работодавачи од обврската за донесување на одделни акти (актот за систематизација), во кои поради малиот број на вработени не постојат организациони и кадровски претпоставки и стручни служби за донесување на соодветните акти.

Тргнувајќи од фактот дека актот на работодавачот е интерен акт, а не пропис и дека со таквиот акт се уредуваат интерни и конкретни прашања од процесот на работата, а не прашања од кои зависи положбата на вработените, а имајќи предвид дека самото диференцирање на мали работодавачи, во однос на средните и големите, не значи нарушување на принципот на еднаквата правна положба на субјектите на пазарот, според оцената на Судот, ослободувањето на “помалиот работодавач” од обврската со акт да ги определи посебните услови за вршење на работата на секое поединечно работно место, не ги става вработените кај овие работодавачи во нееднаква положба во остварувањето на правата од работниот однос во однос на вработените кај другите работодавачи. Поради наведените причини Судот оцени дека нема основа оспорените одредби на член 5 став 1 точка 4 и член 19 став 2 да се стават под сомнение во поглед на нивната уставност.

7. Во врска со оспорената одредба на член 237 од Законот, Судот на седницата утврди дека според став 1 од овој член, работодавачот може да отстрани работници од процесот на работа само во одговор на веќе започнат штрајк. Според став 2 од истиот член, бројот на работници отстранети од работа не смее да биде поголем од 2% од бројот на работниците учесници во штрајкот. Согласно ставот 3, работодавачот може да ги отстрани од процесот на работа само оние работници кои со своето однесување поттикнуваат насилничко и недемократско однесување, со што се оневозможуваат преговорите меѓу работниците и работодавачот. За работниците отстранети од работа, за времето додека се отстранети од работа, работодавачот е должен да ги уплатува придонесите утврдени со посебните прописи за најниската основица за плаќање на придонесите (став 4).

Понатаму, согласно член 243 (кој не е оспорен) синдикатот може да бара од надлежниот суд да забрани исклучување од работа за време на штрајк спротивно на одредбите на закон. Согласно став 2 на овој член, синдикатот може да бара надомест на штета која тој или работниците ја претрпеле поради исклучување од работа за време на штрајк кое не е извршено во согласност со закон.

Од анализата на целината на Законот за работните односи произлегува дека овој институт, имено отстранувањето од работа, Законот за работните односи на општ начин го регулира со одредбата од членот 83 во која се предвидени случаите, односно причините поради кои работникот може да биде отстранет од работа од кај работодавачот. Така согласно оваа одредба, по оцена на работодавачот, со писмен налог на овластеното лице кај работодавачот, работникот се отстранува од кај работодавачот со надоместок во висина на платата на работникот, до донесувањето на одлуката за отказ на договорот за вработување, ако: 1) работникот со своето присуство кај работодавачот го загрозува животот или здравјето на работниците или други лица или се оштетуваат средства од поголема вредност; 2) присуството на работникот кај работодавачот штетно ќе се одразува врз работењето кај работодавачот; 3) присуството на работникот оневозможува утврдување на одговорноста за повреда на работните обврски; и 4) кога против работникот е покрената кривична постапка од надлежен орган за кривично дело сторено на работа или во врска со работата. За работникот отстранет од работа Законот предвидел заштита односно право на приговор кој не го задржува од извршување писмениот налог.

Од анализата на оспорената одредба на член 237 од Законот, доведена во врска со општата одредба за отстранување од работа од член 83 од Законот, Судот оцени дека се неосновани наводите на подносителот на иницијативата дека во ниту еден дел од Законот не е утврдена постапка и обележја на тоа што претставува поттикнување на насилничко и недемократско однесување и дека тоа претставува дискреционо право на работодавачот. Во наведениот член 83, според оцена на Судот се содржани доволно објективизирани критериуми, односно причини поврзани со однесувањето на работникот поради кои тој може да биде отстранет од работа.

Покрај тоа, Судот смета дека одредбите од член 243 од Законот (со кои е предвидено дека Синдикатот може да бара од надлежниот суд да забрани исклучување од работа за време на штрајк спротивно на одредбите од Законот, како и предвиденото право на надомест на штета што тој или работниците ја претрпеле поради исклучување од работа за време на штрајк кое не е извршено во согласност со закон), како и член 244 (кој предвидува итност во постапувањето на судот во овие случаи), овозможуваат одлуката за законитоста на отстранувањето од работа на работникот во случај на штрајк да ја донесе независен орган, односно суд во итна постапка, што според Судот претставува доволна гаранција, односно заштита на работникот од злоупотреби на институтот отстранување од работа.

Тргнувајќи од наведените причини, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од член 237 од Законот со одредбите од Уставот.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Решението во однос на точка 1, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов, а решението во однос на точка 2, Судот го донесе со мнозинство гласови.

У. бр. 187/2005
15.03.2006 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply