238/2005-0-0

238/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на илен 110 од Уставот на Република Македонија, илен 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 8 март 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за определување на процент на акции на АД ЕСМ-Скопје за продажба во постапка на приватизација донесена под бр.19-3408/1 од 9 септември 2005 година од Владата на Република Македонија.

2. Војо Ушевски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлука на Владата на Република Македонија за продажба на ЕСМ бр.19-3408/1.

Според наводите во иницијативата и двете дополнувања, со вака означената одлука се повредувал член 52 став 1 и 2 од Уставот, бидејќи истата не била објавена во “Службен весник на Република Македонија”. За постоењето на оваа одлука, подносителот на иницијативата дознал од Јавниот повик за учество на меѓународен тендер за приватизација на мнозинскиот пакет на акции во претпријатието за дистрибуција и снабдување на електрична енергија на Република Македонија, АД Електростопанство на Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.107/2005).

По цитирање на член 7 став 3 и член 8 од Законот за преобразба на Електростопанството на Македонија, акционерско друштво за произво дство, пренос и дистрибуција на електрична енергија во државна сопственост, подносителот на иницијативата наведува дека со оспорената одлука се повредувале споменатите законски одредби од причина што не било почитувано начелото на транспарентност, заради тоа што истата не била објавена.

Со оспорената одлука, исто така, се повредувале, член 8 став 1 алинеја 3 и 7, член 51, член 52 став 1 и 2 и член 55 од Уставот на Република Македонија.

Во последното дополнување на иницијативата се наведува дека со оспорената одлука се повредувале член 8 став 1 алинеја 6, 10 и 11, член 16 алинеја 1, член 20 став 1, 3 и 4, член 25, член 28 став 1, член 30 став 2, 3 и 4, член 35 став 1, член 39 став 2, член 43, член 47, член 57, член 58, член 59, член 79, член 91 алинеја 14, член 92 став 1, член 110 став 1 алинеја 3 и член 111 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија. Меѓутоа, од наводите во дополнувањето на иницијативата не можат да се согледаат јасни и разбирливи причини за оспорување на Одлуката по однос на означените уставни одредби.

Инаку, подносителот на иницијативата мотивот за оспорување на одлуката го наоѓа во одбивањето на Владата на Република Македонија, по барање на подносителот на иницијативата, да наложи на некоја компетентна институција да направи прото тип на неговиот пронајдок “Турбина за движење на течности и предмети по природен пат”.

Во дополнувањата на иницијативата е содржано и посебно барање, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одлука, бидејќи со нејзиното извршување би можеле да настапат тешко отстранливи последици за Република Македонија, па и пошироко.

3. Судот на седницата од прибавениот акт од Владата на Република Македонија утврди дека истиот има сосема поинаков назив и содржина од она што се означува како оспорен акт во иницијативата и двете дополнувања.

Имено, врз основа на член 36 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000, 12/2003 и 55/2005), член 7 и 8 од Законот за преобразба на Електросто- панството на Македонија, акционерско друштво за производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија во државна сопственост и член 382 и 383 од Законот за трговските друштва, Владата на Република Македонија, во својство на Собрание на АД ЕСМ, на седни-цата одржана на 9 септември 2005 година донела Одлуката за опреде-лување на процент на акции на АД ЕСМ-Скопје за продажба во постап-ка на приватизација.

Според член 1 од Одлуката, Владата на Република Македонија во својство на Собрание на АД ЕСМ-Скопје, со оваа одлука го определува процентот на акции на АД ЕСМ-Скопје, кои ќе се продадат на стратешки инвеститор и на ЕБОР, во постапка за приватизација на АД ЕСМ-Скопје.

Според член 2 од Одлуката, се определува 90% од вкупните акции на АД ЕСМ-Скопје, сопственост на Република Македонија да се продадат на стратешки инвеститор. Во овој процент е вклучен и процентот на акции кои ќе може да ги купи ЕБОР.

Според член 3 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето.

Одлуката е донесена под бр.19-3408/1 од 9 септември 2005 година.

4. Согласно член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт и
своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијатива-та ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од содржината на актот, произлегува дека АД Електростопанство на Македонија е акционерско друштво во сопстве-ност на Република Македонија во кое е започнат процес на преобразба. Во овој случај Владата на Република Македонија врз основа на закон-ските овластувања, при донесувањето на оспорената одлука постапува како овластен надлежен орган во реализација на започнатиот процес на преобразба на акционерското друштво, сопственост на дражавата и го определува процентот на акции за продажба во постапката за приватизација, со цел таквата пробразба да биде реализирана.

Според тоа Судот оцени дека оспорената одлука нема карактер на пропис подобен за уставносудска оценка, туку дека станува збор за поединечен и конкретен комерцијален акт донесен во процесот на преобразба на конкретно акционерско друштво.

Имено, за конкретен акт да биде предмет на уставносудска оценка, меѓу другото треба да содржи општи норми, да уредува односи на општ начин, од него да произлегуваат права и обврски за неопределен број на субјекти во правото, што не е случај со оспорената одлука.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 238/2005
8 март 2006 год.
С к о п ј е
л.а/

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply